Соништата на постсоцијализмот

16.02.2016 11:44
Соништата на постсоцијализмот

За време на едно патување, на лондонскиот аеродром Дубравка Угрешиќ ја дочека Карлос, со вистинско име Октавиус, романски таксист кој работел во Лондон, делејќи го станот со двајца сонародници и собирајќи пари за заминување некаде далеку, на некое место покрај море, можеби во Австралија. Карлос во Романија имал ќерка и бивша жена, а сега планирал живот со друга жена, Романка, исто така разведена, на привремена работа во странство. Стотици илјади источноевропски имигранти, иако секој со својата приказна и поинаков ментален багаж, имаат слични патишта и негуваат слични надежи. Патуваат од Исток кон Запад, од Југ кон Север, од перифериите кон центарот, од опустошените, осиромашени провинции кон населените, европски центри, кон имагинарните Златни полиња на капитализмот кои постојано им се извлекуваат и се преместуваат уште позападно. Возејќи ја спасителката до нејзиниот хотел, Карлос, патем, „како да извлекува свила од устата“, во една реченица изустил една од најдобрите дефиниции за минатиот систем. Едноставно, јасно, длабоко: „Во комунизмот сонувавме многу, и тоа беше неговиот најдобар дел“.

Иако Карлос не зборува за денешните соништа, знаеме дека ги сонува. Работејќи во Лондон го замислува животот во Австралија; додека живеел во Романија сигурно го замислувал Лондон. Еден друг Карлос – неговиот брат кој исто така е подготвен да го промени името и да го адаптира својот идентитет за да се вклопи во новата средина – некаде во Молдавија, Бугарија или Хрватска, сонува живот во француските или германските метрополи. Некој негов брат, Полјак, Украинец или Грк, сонува, пак, дека заминува од истите француски или германски метрополи, дека се сели позападно: во Канада, Америка, Чиле. Нивните соништа се преместуваат од еден простор во друг, ги изгубиле своите упоришта, своите работни места. Тоа се соништата на тековната модерност: променлици, непостојани, флуидни. Амбиентите во нив се менуваат: визури, улични мрежи, тапети во становите, но, повеќе или помалку, структурите насекаде се подеднакво закоравени. Општества кои се самопрогласија како најдобро уредени од сите можни, и претходно постоечки и замислувани. Повеќе или помалку, и емоциите се исти насекаде. Меланхолијата и несигурноста се трајни состојби, испрекинати со повремени блесоци оптимизам во моментите на преселбите, додека браќата и сестрите на Карлос не откријат дека во собите во Лондон, Франкфурт, Торонто, Перт, се сонуваат слични соништа без излез.

Утопиите

Социјалистичките соништа за подобра иднина и самата можност да се сонува, замислува и конструира поинаков свет од постоечкиот, а на што упатуваат зборовите на романскиот таксист од есејот Музејот на утрешнината на Дубравка Угрешиќ навистина – од денешниот, постсоцијалистички паноптикум – делуваат како најдобри составни делови на минатиот поредок и она што најмногу недостасува во сегашноста. Чувството дека историјата може уште да се одмотува и дека постојат подобри опции кои ги крие големото клопче пред нас; убедувањето дека идеологијата мора и уште да се менува и дека претстојат нови револуции и нови, поинакви односи на солидарност и праведност, денес се изгубени. Службените, доминантни нарации кои со голем ентузијазам преовладуваа и во источноевропските и балканските краишта во 1989 година, за денес овде и понатаму инертно и тврдоглаво, по примерот на остатокот од Западот, да се одржуваат и покрај својата очигледна промашеност, порачуваат дека соништата за подобро општество секогаш се неостварливи утопии. За типскиот, примерен граѓанин на денешницата (или „планетарниот малограѓанин“, како што вели Агамбен) кој тврди дека либералната демократија е најдоброто можно решение, утопиите се ментални остатоци од минатото, и да замислуваат идеални општества, во времето на крајот на идеолошките и класните конфликти, тоа го можат само опасните радикали или пак нереалните поединци кои самите себеси се осудуваат на исклучување.

Сепак, таквите утописки соништа и менталната слобода во авторитарна реалност да може да се замислува подобар свет беа главните стратегии за преживување во социјализмот. Да се гради сопствена утописка заедница која може и не мора да се преклопува со утопијата на теоретскиот марксизам значело дека се пружа отпор. И тоа отпор на конкретната режимска проекција на реалноста и идеолошкото затегнување како што постоеја низа години во Југославија или пак отпор кон безидејноста на политичките елити кои во осумдесеттите, во пресрет на предвечерјето на распадот и војната, не знаеја да најдат соодветни модели за заштита на државата и нејзините граѓани. Во тие соништа новиот свет не се замислувал на толку оддалечени, позападни локации, во некои уште неоткриени Америки; тој беше можен и овде, како и таму, насекаде. Социјализмот ја обликуваше содржината на нашите соништа, предизвика да се мисли понатаму од системот или наспроти него. Тоа не беше само ескапизам или начин да се отфрли стравот од морето на реалноста, туку повеќе начин да се преживее. Мали секојдневни гестови на отпорот, со зборовите на Мишел де Серто, какви што развија сите човечки заедници во најразличните периоди како начин за зачувување – звучи грдо, но е вистинито – на сопствената слобода.

Нашите соништа беа различни и нашите утопии беа во плурал во времето на идеолошкиот сингулар. Тие постоеја, секојдневно се обновуваа и луѓето ширум источноевропскиот социјалистички архипелаг, без неудобност, замислуваа подобра иднина. Какви се, пак, нашите соништа денес, во време кое доминантно се претставува како постидеолошко и постисториско? Дали постсоцијалистичките андроиди ги сонуваат своите електрични овци? Каква содржина имаат тие соништа кога постојано се будиме во истиот бескраен ден, во истите општествени поделби, односи и динамики кои – според доминантната реторика на западната либерална демократија – немаат алтернативи? Како да се излезе од таа целодневна мора во која со занес се тврди дека веќе нема ни минато ни иднина, ни пред ни потоа, бидејќи живееме во перманентното овде и сега, во глобално слични не-места на крајот од времето?

Носталгијата

Ако денес од постсоцијалистичката реалност се сеќаваме на онаа социјалистичката и се обидуваме да ги реконструираме содржините на тогашните соништа и утопии, неминовно ќе згрешиме. Затоа што, сеќавањето секогаш е обележано со општествено-идеолошки контекст, ние го следиме она што општеството во кое живееме сака да го запаметиме и она што можеме со некого да го промениме. Затоа, нашите сеќавања за социјализмот и сеќавањата на соништата на социјализмот се обоени со денешницата. Но, сега не е толку важно на какви содржини се сеќаваме денес, колку што е важно дека социјалистичката реалност беше исполнета со соништа, замислувања па и артикулации на утописки решенија. Во општествата со неслобода можеше слободно да се мечтае за подобра иднина. Тоа се правеше на различни начини и во разни прилики: и на говорниците, и во книгите, и во приватноста на домот... Еднаш, тоа беше колективната идеологија и дел од владејачката нарација за комунизмот како најдобар од можните светови, другпат уметничката визија, на пример, во низа генијални антиавторитаристички приказни на најјугословенскиот писател Данило Киш, а третпат, пак, индивидуалната субверзија на колективните, догматски нарации. Денес, не само што владејачкиот поредок не конструира никаква реторичка и подобра верзија на самиот себе, туку делумно и самата уметност и книжевноста се откажаа од бунтот и им се подредија на неолибералните, пазарни законитости, додека веќе не се смислуваат ни диверзии со кои од реалноста ќе се одбрани внатрешната ментална слобода на поединецот.

Носталгијата кон минатото, како што е истакнато во теоријата, пред сè, укажува на незадоволството од сегашноста. Исказите на носталгијата се интересни и важни за анализа токму затоа што во нив се искажува критика на владејачките политики и денешните идеолошко-општествени модели. Сентиментот кон социјализмот, заситеноста на пазарот со неговите сувенири, инсистирањето на тогашниот модернизам во уметноста и слично, иако повремено тенденциозно реинтерпретирани, всушност го покажуваат денешното незадоволство од начинот на циркулирањето идеи и воопшто односот помеѓу идеологијата, културата и секојдневието. На тој начин, носталгијата неминовно вклучува партикуларно гледиште на претходниот систем, негово идеолошко ослободување и бришење некои важни стратегии и дејствувања, но, истовремено, во неа се покажуваат недостатоците на сегашниот систем, па затоа таа може да биде патоказ за обликување на критиката на сегашноста. Накратко, носталгијата за социјализмот е сон за минатото какво што никогаш не постоело, а така рециклираното минато во носталгичарската имагинација може да даде импулс за замислување нова реалност. Сепак, за демонтажа на постоечкиот систем потребно е многу повеќе.

Алтернативите

Френсис Фукујама во својот текст Крајот на историјата кој често се прогласува за манифест на таканаречениот нов поредок, пишува дека не е нужно сите денешни либерални општества да бидат успешни, покрај тоа во многу од нив и понатаму ќе постојат конфликти и поделби; важно е „само тие да се откажат од своите идеолошки претензии на застапувањето различни и повисоки облици човечки општества“. Значи, важно е да се откажат од соништата за идното и да ја прифатат како конечна токму сегашната состојба на лажна праведност и рамнотежа на моќта регулирана во арената на потрошувачкото општество. Сепак, колкава е цената на животот во „новиот проект“ без соништа и утопии претчувствувал дури и Фукујама кога во завршното поглавје заклучил дека „крајот на историјата ќе биде многу тажно време“, бидејќи борбата за мислење, подготвеноста да се жртвува сопствениот живот за апстрактни идеали и воопшто храброста, идеализмот и имагинарноста ќе бидат заменети со „економска калкулација, бескрајно решавање технички проблеми, еколошки прашања и задоволување на софистицираните потрошувачки барања“. Уметноста и филозофијата во времето на бескрајната сегашност, според Фукујама, ќе го изгубат својот движечки, субверзивен потенцијал и ќе завладее општа музеализација на човечката историја. Во витрините ќе се изложуваат, меѓу другото, и идеи, дела и зборови на бунт и револуции од минатото за постидеолошкиот човек да може да ги разгледа кога ќе посака да ја намали здодевноста и да заборави на беизлезноста на реалноста. Во нив ќе се изложуваат и утопии, соништа и алтернативни идеи. Ќе се изложуваат мапи на миграции, дијаграми на желби на милиони Карлоси, но без намера да придонесат за развојот на критичката мисла, туку повеќе како декорација, можно дизајнерско решение на таквите музеи на утрешнината. Мрачно, дехуманизирачко сценарио. Свет на ограничени димензии. Тивок живот во кутија без обид да се пробијат нејзините страници. Без желба за излез и без сила за менување на системот.

Не заради пророштвото на хартија на Фукујама, туку повеќе заради секојдневното сè појасно реализирање такви светови, промислувањето алтернативи е ургентно. Носталгијата и сентименталната реконструкција на соништата на социјализмот и минатите утопии не се решение, потребни се нови алтернативни платформи за лансирање во иднината, повторно придвижување на историјата, храброст да се сонува, да се замислуваат нови утопии и да се обидеме да ги реализираме. Славој Жижек во својата студија Да се живее на крајот од времето смета дека „нашата ситуација е сосема спротивна на класичната ситуација од 20 век во која левицата знаела што да прави, но едноставно морала трпеливо да ја чека можноста, која самата ѝ се пружила“. Имено, „денес не знаеме што треба да правиме, но мораме да дејствуваме сега затоа што последиците од нашето недејствување можат да бидат катастрофални“. „Да ризикуваме и да зачекориме во бездната на Новото во сосема непредвидливи ситуации“, Жижек тврди дека тоа е единственото што можеме да го направиме.

Не е необично што тој се надоврзува на Грамши и неговата теза од дваесеттите години на 20 век, кога утописките проекции не биле толку срамни во доминантната струја и кога се верувало дека историјата нема крај. Грамши, дури и во извонредни приватни околности, упорно тврдел дека треба да се бараат алтернативи за владејачките нарации. Тоа била стратегијата на неговиот „мал отпор“. Левицата која нема да има храброст да ги сонува соништата за иднината и да ги бара тие алтернативи во кои нема само носталгичарски да ги рециклира старите, туку и да воспоставува нови модели, нема да се избори за шанса за општествен пресврт.

Слики: Пол Хортон

Извор: http://www.zarez.hr

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Свет / Теорија
Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото