Смрт на судизмот - слобода на народот!

24.02.2016 00:54
Смрт на судизмот - слобода на народот!

Јасно гледам дека македонското општество не е демократско. Во него жестоко се судираат процесите на зреење, се пресметуваат идеите за перспектива и деструкција, се борат светлината и темнината, се судираат минатото и иднината. Во оваа титанска битка (ова нема врска со предметот „Титаник“) меѓу една длабоко вмрежена клептократија попозната и под поимот „груевизам“ и нејзините противници, обичниот човек и неговите права се целосно изгубени. На пример, во секој момент во вашиот стан може да ви упаднат специјалци, да го препаднат вашето семејство, да ви ги врзат рацете и пред камери (од Сител или Канал-5 кои секогаш „случајно“ се наоѓаат на местото на настанот) да ве внесат во Куќата на правдата. А таму, на невидено и нечуено, ви се изрекува мерката притвор, без да знаете што всушност се случува. Во меѓувреме, од некаде изникнува некаков заштитен сведок (тоа најдобро го видовме во случајот со новинарот Кежаровски) и по повеќемесечна притворска голгота, откако ќе ги изгубите нервите, здравјето и надежта, сосема ви е сеедно дали ќе бидете ослободен или осуден на затвор. Во секој случај, на крајот останувате целосно пореметен, без здравје, без достоинство, без чест. И сè заради тоа што сте биле противник на режимот и што некој таму „одозгора“ ви се намерачил. Aлузијата на случајот со Љубе Бошкоски, воопшто не е случајна, особено по преслушаните аудио снимки презентирани од СДСМ.

Оттаму, македонскиот правосуден систем во канџите на партијата на власт, јас го дефинирам под поимот СУДИЗАМ. Некои го нарекуваат судски садизам, некои правен лудизам, некои правосуден нудизам, а јас само судизам. Тоа е една специфична шара на нашето политичко милје, која не е ниту шара, туку повеќе празнина, гола дупка, преку која се спојуваат нишките на шарлатанството, полтронизмот, измеќарството, протекционизмот, клиентелизмот, пресметката со политичките противници, а пред сè, неправдата. Македонското правосудство е силувано, понижено, навредено, а најмногу е обесчестено. А честа е круна на човековата личност. Таа вредност најдобро е објаснета со една еврејска мудрост која вели: Ако човекот изгуби пари – не изгубил ништо, ако изгуби слобода – изгубил половина од себе, ама ако ја изгуби честа – тогаш изгубил сè.

За која чест на македонските делители на правдата можам да зборувам, читајќи ги објаснувањата на Кривичниот совет при Основниот суд 1, со кои се одбиваат барањата на СЈО за притвор за Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, на пример. Замислете, само поради тоа што веќе не биле министри, не можеле да влијаат врз сведоците во аферата со нерегуларноста на изборите, која доби кодно име „Титаник“. Така сметаат судиите од Скопска единица, кои до вчера ги реализираа и најбаналните барања за притвор како „заштитна мерка“. Или, пак, што да помислам за уставните судии, кои ја отфрлија иницијативата за оценување на уставноста на одлуката на Собранието да се самораспушти со одложено дејство, прогласувајќи се за ненадлежни само поради тоа што се работело за „поединечен акт“ на македонскиот Парламент. На општ урнебес на македонската јавност.

Што да кажам во одбрана на македонскиот правосуден систем, кога и децата на улица знаат кои се вмровските инсталации во основните судови, во Апелација, во Врховен, во Уставен суд или во повеќето обвинителства. На пример, за погоре цитираната одлука, Уставниот суд гласаше со пет спрема четири во корист на отфрлање на барањето за самораспуштање на Собранието. А јас, како и илјадници други мои сограѓани, по име и презиме ги знаеме имињата на тие пет уставни судии, кои гласаат според диктатот на владејачката партија. По лик, по биографија, но и од „бомбите“ на Заев знаеме кога, како и зошто се вградени и судии и обвинители, кои својата лојалност ја докажуваат газејќи го правото, својот углед и судиската чест.

Не сум и не мора да бидам правник за да наведам дека под поимот „судија“ подразбирам, пред сè и над сè, личност со интегритет и кредибилитет, личност која треба и мора да биде огледало на почитта која јавноста ја има кон институцијата која ја претставува, личност од која се очекува посебна одговорност, почитување на етичките норми и строгите правила во односот кон учесниците во судската постапка, личност со посебен режим на личен живот во функција на стекнување доверба во неговата функција која во себе мора да ги обединува високите стандарди на непристрасност и независност, како најсилна брана на довербата во правосудството и владеењето на правото. Затоа, во нормалните држави, судските одлуки се конечни и не се коментираат.

Прочепкав по интернет и открив дека независноста на правосудството претставува основно начело на меѓународното право во сферата на основните човекови права. На пример, во Европската конвенција за човековите права било наведено дека стандардот за праведно судење подразбира за правото на поединецот да одлучува „независен и непристрасен суд“, а на истите позиции бил и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Посебно ми е важен заклучокот на Комитетот за човекови права на ОН во кој се вели дека секоја држава мора да преземе конкретни мерки кои ќе гарантираат независност на правосудството, со што судиите би се заштитиле од какво било политичко влијание во процесот на одлучување.

Да се вратам на нашиот автентичен македонски судизам. Тој е негација на судството како дефиниција. Тој е подјармен од една група криминалци, кои се наоѓаат на власт. Од тие причини, принудена сум да ги потсетам протагонистите на македонскиот судизам дека тие се нераскинлив дел од македонскиот тоталитаризам и дека самите си ја врзале судбината со Фамилијата. Која е во слободен пад со извесен крај. По што мора да следи демонтажа и долг и мачен период на враќање во нормала. Си дозволувам да прогнозирам дека во делот на правосудството, првиот чекор на соочувањето со судистите, ќе претставува мерката наречена РЕИЗБОР. И тоа итен.

Ако сакаме да нè има.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото