Amnesty International за Македонија: Докази за корупција во власта

25.02.2016 04:42
Amnesty International за Македонија: Докази за корупција во власта

Објавувањето на аудио снимките не само што откри докази за корупција на владата, туку покажа дека постои широко распространет таен надзор, се вели во годишниот извештај на Amnesty International за состојбата со човековите права во светот.

Според наводите во Извештајот кои се однесуваат на Македонија, властите во земјата не успеале да ги почитуваат правата на бегалците и мигрантите, вклучувајќи ја и употребата на незаконско приведување и прекумерна употреба на сила. Споменат е и скандалот со прислушувањето.

„Политичка криза следуваше по објавувањето на аудио снимки од разговорите меѓу министрите, членовите на владејачката партија и јавните службеници.

Снимките, кои беа објавени од страна на Зоран Заев, лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) откри владина корупција, злоупотреба на службената должност, изборна измама и недостаток на почитување на човековите права и владеењето на правото, како и мешање во независноста на судството.

Зоран Заев, заедно со други беше обвинет за злосторства, вклучувајќи шпионажа; Владата пак, тврди дека снимките се фабрикувани од страна на странски разузнuвачки служби.

Во мај, со масовни демонстрации премиерот беше повикан да поднесе оставка по наводното соучество во прикривање одговорност за убиството на еден млад човек за време на демонстрациите во 2011 година. Министрите за внатрешни работи и директорот за безбедност и контраразузнuвање, поднесоа ставка во мај.“ се вели во Извештајот.

Amnesty International потсетува дека и новинарите биле меѓу прислушуваните лица од власта, како и тоа дека во измината година продолжија нападите врз критичките новинари.

„Се проценува дека над две илјади новинари биле следени од владата. Објавените разговори укажуваат на индиректно финансирање на провладини медиуми и политичко влијание преку назначување новинари и преку новинарската содржина. Продолжуваат и нападите врз независните новинари: во април новинарот кој критички ја опсервира работата на власта Борјан Јовановски добил смртни закани и во јули Саше Ивановски беше туркан од вицепремиерот. Истражувачкиот новинар Томислав Кежароски беше ослободен од притвор за клевета во јануари “ се вели во Извештајот.

Во извештајот на Amnesty International е забележана и вооружената операција во Куманово на специјалните полициски единици за, како што се наведува, наводна цел да се спречат напади врз државни и цивилни цели.

Амнести наведува и тоа дека низ Македонија лани поминале најмалку 600 илјади мигранти и бегалци и оти имало случаи на нивно малтретирање од граничната полиција и дека тие биле изложени на напади од страна на вооружени банди. Нотирани се нападите врз ЛГБТИ заедницата, како и тоа дека над 10.000 Роми побарале азил во ЕУ, а дел во тоа и успеале.

Во извештајот и за останатите земји, се наведува дека голем дел од владите ги прекршиле меѓународните права.

Извор: НоваТВ

ОкоБоли главаВицФото