Овој старец (1)

25.02.2016 14:45
Овој старец (1)

Животот во десеттата деценија

Погледнете ме добро. Двата горни зглоба на прстите од мојата лева рака изгледаат како да ме обработувала КГБ. Не, како да сум бил фаќач на славниот фрлач Кенди Камингс, изумителот на славната вртена топка, кој се повлече од безболот во 1877 година. Со други зборови, кога би ја вперил раката кон вас како пиштол и кога би испукал, куршумот би ве погодил во левото колено. Артритис.

Стојам наспроти вас. Ако со едната рака го покријам левото, подоброто око, гледам матна слика на таван и под, и ѕидовите или прозорците од десната и левата страна, но не можам да го видам вашето лице и главата: во средина нема ништо. Добра вест: ако го покријам десното око, повторно сте тука. Кога ќе ја тргнам раката и ќе ве погледнам со двете очи, празнината исчезнува, ги имате сите три димензии и ми изгледате добро. Макуларна дегенерација.

Имам 93 години и се чувствувам одлично. Впрочем, мошне добро кога нема да заборавам да се напијам Тиленол на неколку часови. Инаку, мали остри болки ми поминуваат низ левата рака до коренот на палецот. Херпес зостер од 1996, проследен со оштетување на нервот.

Како многумина на мои години, располагам со неколку артериски стентови кои му помагаат на моето срце да работи тик-так. Го опремив со малечка пластична школка која затвора една конгенитална дупка, откриена кога навлегов во осумдесеттите. Хирургот кој го запре тој ВСД (вентрикуларен септален ефект – со задоволство ги изговарам тие зборови) беше карактерен глумец со мексиканско потекло, со бројаници, кломпи и страстен обожавател на Дерек Џетер. Со таа постапка и стентовите, ангиопластија и два-три лажни аларми, станав спокоен како труп: не ми пречат рендгенските камери кои морничаво кружат над моето голо тело во ледената операциона сала; тука е и малиот тв екран на кој моето срце изгледа како зашиена вреќичка со истрошени вени и артерии. Не е важно. Со појадокот проголтувам розов бета блокатор и бел статин, заедно со неколку помали таблети, и заминувам на гимнастика за човечки крш.

Левото колено ми е подебело и понестабилно од десното. Го средив играјќи фудбал, пред милион години, но неодамна уште нешто се случи со него, не се сеќавам што. Имав закажано вградување вештачки зглоб кај познатиот коленолог (во програмата на операта Метрополитен е наведен како еден од главните донатори), но во последен момент го променив курсот и отидов на инјекции од синтетички жабји влакна или кикиришка од петел или нешто слично, кои ме ослободија од болките. Сега надвор чекорам со стап – „Не тропај!“, слушам како ме опоменува мојата жена Керол – таксистите не сакаат да ги запирате со стап.

Долниот дел од мојата половина е извртен и нерамен како селски пат во Конектикат бидејќи пред седум-осум години имав дискус хернија. Заради тоа од висината изгубив пет до седум сантиметри и од Гари Купер станав Џепето. По многу денови стенкање на подот, блажениот епидурал ми ја прекина маката. „Сега можете да седнете“, рече докторот симнувајќи ја капата за туширање. „Туку, дали знаете кој е Доминик Кјанезе?“

„Вујкото јуниор?“, прашав збунет. „Од Сопранови?“

„Така е. Тој и јас сме членови на квартет мандолини кој секоја среда свири во хотелот Едисон. Дали можете да ни помогнете да се огласиме на насловната страна на Њујоркер?“

Добивав удари, но најлошите ме одминаа. Знам дека имав среќа и тајно чукам во дрво, го поздравувам денот и уживам во неочекуваното продолжение. Болките и навредите се подносливи. Мојата конверзација е полна со дупки и застои, и сега редовно го испраќам својот личен Апачи извидувач во следната реченица, онаа која надоаѓа, да провери дали во таа слика има отсутни имиња или други зборови. Ако ми испрати димен сигнал, ќе застанам божем размислувам, и потоа ќе откачам некоја баналност додека не се сетам на нешто подобро.

Од друга страна, сè уште не сум ги заборавил ни Китс, ни Дик Чејни, ниту што морам да подигнам денес од хемиско чистење. Да се разбереме, не сум Кристофер Хиченс, ни Томи Џут, ни Нора Ефрон; но, не сум мртов и главата сè уште ми работи. Пропаста ми виси над главата, но моите мисли не се задржуваат на тоа. Не би се зачудил ако идната недела околу мене се соберат најблиските, повикани набрзина – тажни, потресени, но и малку изнервирани што морале да дојдат – за да одлучат што да прават со мене понатаму. Тоа сознание кое лебди над мене, тој сеф од два тони што ми се лула над главата на поткинато јаже, е причина што сите се радуваат кога ќе ме видат. „Изгледаш прекрасно! Еј, откриј ми ја тајната!“ ќе извикнат љубезно кога ќе се сретнеме на улица или на излегување од салата за рендген, а во балончето над нивната глава пишува: „Мил Господи – сè уште е вертикален!“

***

Ја менуваме темата. Нашиот фокстериер Хари имаше баеги изненадувања. Лудо друштвен, како повеќето припадници на неговата раса, во зрелите години стана малку повоздржан и научи секој стар другар или посетител во нашата дневна соба да го поздрави со посебно мавтање на опашката. Кога ќе ни дојдеа пријатели на вечера, ќе ја прекинеше вечерната дремка и лесно кружеше околу масата како келнер во ресторан со три ѕвездички. Дали сè е во ред? Сакате ли уште нешто? Каков беше кремот од карамел? Териерите не сакаат вода, но Хари уживаше во кајакот на Мејн. Со својата личност и фантастичниот изглед во соседството оставаше толку силен впечаток што една локална уметница наслика прекрасен поентилистички портрет со маслени бои врз основа на фотографија која тајно ја направила во Централ Парк. Хари замина (уште едно изненадување) едно јунско попладне пред три години, неколку денови по осмиот роденден. Беше сам во нашиот стан на петтиот спрат, како и вообичаено за време на работните часови, кога го изнервирала грмотевица, па излегол преку полуотворениот прозор. Добро го познавав и можев да погодам што чувствувал во текот на тоа кратко лето: пријатна свежина од дожд на носот и рамениците, возбудување од воздухот и просторот околу протегнатото тело.

Во десеттата деценија можам да посведочам дека фалинката на длабоката старост е што во неа има премногу место за лоши вести. Доволно е што живееш долго. Кога загина Хари, Керол и јас не престанувавме да плачеме; седевме во тоалетот со неговото тело на крпа меѓу нас – имаше светло сини дамки на грбот, а од дождот, ушите му беа уште потемни – еден на друг си ја додававме кутијата со хартиените шамивчиња. Не беа сите солзи за него. Два месеци пред тоа, мојата преубава ќерка, моето најстаро дете, го заврши животот, и океанската сила и мистеријата на тој настан не оставија доволно место за солзи. Сега можевме да плачеме без воздржување, заедно да ги оплакуваме Хари и Кели и самите себеси. Хари нè стопи.

Сакам да напишам неколку забелешки за староста, но пред тоа уште неколку зборови за загубата. „Повеќето мои врсници се мртви. Можеш да провериш“, рече Кејси Стенгел. Тогаш имаше 75 години и современите социолози можеби тој текст би го ставиле во устата на десет години постар човек, но поентата е иста. Ние метузалемите со себе носиме сè подебел именик со мртви мажи и жени, деца, родители, љубовници, браќа и сестри, стоматолози и психоаналитичари, другари од работа, соседи од летување, школски другари и работодавачи, кои некогаш добро сме ги познавале и сме ги гледале како безбедна слика на нашите денови. Не е чудо што сме малку подгрбавени. За мене е чудо што сè поголемиот товар од тие заминувања не нè погребал и што дури и болката заради неподносливата загуба, всушност му дава простор на нешто далечно, но сè уште сјајно. Мртвите заминаа, но движењата и погледите, бојата на гласот, па дури и делови од облека – онаа бледожолта марама, да речеме – ненадејно се појавуваат, проследени со благи допири на пријатност или раздразливост.

Нашите мртви речиси не можат да се избројат и би сакале да ги водиме пред себе како стадо, некаде да ги затвориме за да не одлутаат. За своите сакам да мислам како сопатници на бродот „Il de Frans“ (таа идеја ја позајмив од организацијата „Outward Bound“). Еве го мојот татко, пали Лаки Страјк, уште изгледа одлично во смокинг. Ене го Тед Смит, само што не го променил својот роден град во Глостер. Пристигнува Слим Аронс. А, еве ја и Естер Меј Каунт од четврто одделение: здраво, Естер Меј. Таму е Гарднер, заради некоја причина со Сесил Шон. И Тед Јејтс. Ана Хамбургер. Колба Ф. Гакер, попознат како шефот Боб Есчејм. Виктор Причет – и Дороти. Хенри Ален. Барт Гиамати. Мојата постара роднина, долгогодишната стара мома Џин Вебстер и нејзиниот доцна пристигнат британски маж Кејпел Хенбјури. Кити Стејблфорд. Ден Квисенбери. Ненси Филд. Фреди Александар. Ги барам другите и понекогаш речиси ми успева некого да повикам и сам. Кели доаѓа преку телефонот. „Татко?“ Нема сомнеж, таа е, гласот нежно и се зголемува на крајот од зборот – „Татко?“ – но овојпат звучи малку нетрпеливо. Се брза некаде. А, потоа Харолд Идс. Тони Робин. Дик Салмон, црвен од смеење. Идит Оливер. Сју Досон. Херб Митгенг. Куп. Тјуди. Елвуд Картер.

Најдобро е тие имиња да се чуваат во главата, а не да се стават во кутија и некаде да се остават. Старите писма се чудесно интересни, но нивниот број е премногу голем, фото албумите се прекрасни, но со себе оставаат нешто лепливо, како чоколадни карамели. Домашните филмови се чисто чудо: Зеке, одамна исчезнатиот лабрадор, трча од десно кон лево, со тениско топче во устата; мојата сестра Ненси, прекрасна во седумнаесеттата, пуши цигара замачкана со руменило на бродот „Астрид“, а ветрот и ја бранува сплетената руса коса; мојата мајка се смее и брзо излегува од сликата, збунето мавтајќи со раката пред лицето – има околу 35 години. Јас седам со вкрстени нозе под масата за пинг-понг, во единаесеттата.

Мојот список со имиња е банален, но неверојатен, а тоа е само дел, само оние кои се појавиле за минута-две. Секој после шеесеттата знае за што зборувам, само што мојот список е подолг. Не одам често таму, но кога ќе отидам, баталјон мртви се на стража, будно чекаат. Зошто толку ме поддржуваат и бодрат, зошто ме потсетуваат на животот? Тоа не го разбирам. Бидејќи моето жалење не е бескрајно.

***

Почнав да сметам на чуварот на сеќавањата во бел мантил; повторно тивко доаѓа за да ми испорача трошки од лабораторискиот сад во кој се претворив. Пред дваесет месеци, во деновите пред смртта, Керол лежеше во креветот, дома, полусвесна. Периодите едвај забележливо дишење се менуваа со грчевитата борба за воздух. Потоа со врвот на јазикот благо поминуваше по горните заби. Постојано го повторуваше тој образец. Заборавив – можеби тоа е милост – голем дел од она што се случуваше во последната недела и неделите по неа, но тоа ми се враќа постојано.

Керол е тука сè уште, но не толку веродостојно. Речиси една година се будев од кратката попладневна дремка, секогаш во истата фотелја во дневната соба, и моментот пред потполната свест чувствував дека седи отспротива, на својата фотелја. Не беше дух, туку присуство и за момент повторно исчезнуваше. Веќе почнав да сметам на тоа, иако знаев дека нема да трае. Потоа, престана.

Изгледа дека луѓето на мои години, па и помладите пријатели, можат да се сетат на големи делови од сопственото детство и на други секвенци од најраниот живот на своите деца: цели разговори, што точно јаделе, роденденски забави, излети, летувања, одење на балет, времиња кога... Јас не можам и тоа ме гризе, а потоа, без никакви најави или поводи, нешто ќе се појави. Шетам по Ладлоу Лејн, во Снеденс, со своите две ќеркички; тие имаат приближно девет и шест години, и јас се жалам заради стрмниот дел од патот помеѓу нас и нашата куќа. Можеби стареам, им објаснувам. Еден ден ќе бидам навистина стар, велам, и тие ќе мораат да ме придружуваат. Имитирам старец кој мрмори бесмислици и чекори со мака. Кели и Алис врескаат од смеење и ме држат, секоја од својата страна. Кога ќе престанам, бараат уште, и така одново и одново.

Кон вториот дел.

Фотографии: Harry Israelson, Куглање на трева

Извор: Newyorker

ОкоБоли главаВицФото