За сликата на Енгр, Паоло и Франческа

29.02.2016 03:01
За сликата на Енгр, Паоло и Франческа

Жан Аугуст Доминик Енгр - Паоло и Франческа, 1819

 

Смртоносниот љубовен триаголник е најдобриот начин да се опише љубомората во машко-женските односи и нејзините мани. Две најпознати жртви на љубомората се Паоло Малатеста и Франческа да Римини. Тие предизвикуваат и најмногу сочувство. Франческа била мажена за инвалидизираниот и постар воен херој Џанкото Малатеста. Тоа бил брак од политички причини. Станала снаа на Паоло. И Паоло бил оженет. Се засакале, а нивната љубов која траела повеќе од една деценија ја овековечил и Данте во „Божествената комедија“.

Еден ден љубовниците биле откриени од слугата на Џанкото кој му дојавил на својот господар. Џанкото тајно се вратил од своето патување и ги затекнал љубовниците во спалната соба на Франческа. Тргнал да го прободе Паоло со својот рапир, но Франческа се испречила меѓу нив. Острицата се забила во нејзините гради пред Џанкото да го собори Паоло.

Без сочувство, Данте ги прогнал Паоло и Франческа во вториот круг на својот книжевен пекол, иако неговиот раскажувач е толку трогнат од приказната што му ја раскажале што „од сожалување помислив дека ќе умрам во тој миг / и дека ќе паднам како што мртвото тело паѓа“.

Имало многу слики на двајцава вљубени, особено во романтизмот. Една од најзаводливите е сликата на Жан Аугуст Доминик Енгр од 1819 година. Потсетува на фотографска снимка. Десетте години ги збива во неколку секунди: Паоло и прекрасната Франческа се состануваат, читаат за Ланселот и за неговата прељубничка врска со Гиневра, се бакнуваат и токму ќе бидат убиени - сè на исто платно. Книгата за Ланселот паѓа од раката на Франческа под силата на прегратката на Паоло со таква трогателност што ни се одзема здивот. И нивната приказна е, најпосле, подеднакво книжевна колку и стварна.

ОкоБоли главаВицФото