Реалноста не е жанр

01.03.2016 11:58
Реалноста не е жанр

Никогаш не можеме да згрешиме ако поставиме прашање. Исто така, не можеме да згрешиме ако ја доведеме во прашање моменталната состојба. Но, сепак, мораме да бидеме внимателни во склад со лелеците на одредени автори во културните прилози на весниците, особено кога лелекаат дека на современата германска книжевност ѝ недостасува допир со општествената реалност. Уште поважно е да не се сложуваме безусловно ако ние самите не сакаме да се фокусираме исклучиво на германската или германофонската книжевност. За да ги контекстуализираме таквите приговори, не штети да се насочи погледот кон прифаќањето на меѓународната книжевност каква што се негува во истите тие весници. Дури е дозволено и прашањето, кои книги – без разлика дали од Германија или од остатокот од светот – таму воопшто се земаат предвид.

За да ја напише вистинската книжевност на лажното – Питер Вајс, кој емигрирал од Третиот Рајх преку Лондон до Швајцарија, морал да потроши цела деценија работејќи едно дело. Од тоа произлегле над илјада страници насловени Естетика на отпорот. Кога мислиме за левата практика на пишувањето, тешко можеме да го пропуштиме тоа дело. Во тој роман, или роман-есеј, Вајс ја рекапитулира судбината на безимениот јунак од пролетаријатот, за кого занимавањето со уметност и книжевност подеднакво му припаѓало на секојдневниот живот, како и борбата во шпанската граѓанска војна или востанието против националсоцијализмот. А, иако Вајс ги изместува сите ликови во традицијата на отпорот, и самиот пишува за таа традиција. Тие тетратки стануваат авантуристички роман во смисла на интелектуалната авантура. Дали за џиновите на Вајс останува само да се заклучи дека само толку дебело книгиште, а со тоа и тегобното занимавање со историскиот материјал, би можеле да бидат карактеризирани како лева практика на пишувањето?

Зависноста од ќесето со пари

Вајс работел во особени околности на своето време: авторот кој е роден во близина на Берлин целата 1970 година ја пишувал Естетиката на отпорот – под влијание на климата во БРД која била забременета со фалсификување и прикривање на поновата историја. Истовремено, една група помлади луѓе привлекувале внимание претставувајќи се како револуционерна авангарда. РАФ-овците можеле да му контрираат на молчеливиот труд на Вајс со цитирање на Ленин: „Не можеме истовремено да живееме во општеството и да бидеме слободни од него. Слободата на буржоаските писатели, уметници, глумци е само прикриена (или кукавички прикриена) зависност од ќесето со пари, од поткупувањето, од потплаќањето.“ Рајнер Марија Фасбиндер, чија бурна творечка фаза временски приближно се совпаѓа со создавањето на Естетиката на отпорот, контрирал со следните зборови: „Не фрлам бомби, правам филмови.“

Значи, што претставува левата книжевност? Тајните писма на РАФ-овците? Сценариото на филмот на Фасбиндер? Социолошки мотивираните, реалистични романи од 19 и 20 век, како Жерминал на Емил Зола и Џунглите на Аптон Синклер? Шпекулативните дела на фантастиката, како Соларис на Станислав Лем или Дали андроидите сонуваат електрични овци на Филип К. Дик? Текстот од песната на Феле Кути, да речеме Teacher Don’t Teach Me No Nonsense? На пример, слоганот на Дишкинг, „работата нервира“? Маркс, Енгелс, Адорно, Брехт? Dada, Cut-Up, Ecriture automatique, Noir-Thriller? Организацијата на авторските колективи како Лутер Бисет? Огромното знаме на фудбалскиот стадион со натпис „Фифа = свињи“? Сè или ништо?

Тие предлози изгледаат толку произволни како и изборот книги кои секојдневно се објавуваат и рецензираат. На патот до вистинското пишување во лажното лежи првата задача, според својата прилика самостојното читање вистински текстови во погрешен дискурс. Или, поинаку кажано: сè друго освен концентрацијата на сервираниот текст. Колку и да е чудно тврдењето за неполитичката природа на современата книжевност – бидејќи, како и многу други, во последните години излегоа и моќни книги како Ескимо Лимон 9 на Сара Диел во која авторката ги опишува доживувањата на еврејското семејство од провинцијата во денешен Хесен, потоа, Schlafgänger Dorothee Elmigers, во кој Швајцарката, инаку прогласена за глас на генерацијата заради првенецот Einladung an die Waghalsigen, сопствената исклученост во целост ја отстранува од текстот, бидејќи овојпат се работи за поважни нешта, имено, ѕидовите на тврдината Европа и идентитетите на мигрантите пред нејзиниот бедем; тука е и новелата die dinge, die ich denke, während ich höflich lächle на црната активистка Шарон Дуда Ото во која во прво лице нурнуваме во берлинското секојдневие на една мигрантка која дошла преку Гана и Англија во Германија и која се соочува со предрасуди и депортации од секаков вид – во тоа има толку вистина што изнесениот став дека претходно било подобро е дел од вистинскиот проблем.

Напсроти мејнстримот

Видливоста на современата книжевност која повеќе потфрлува отколку што заостанува во своите барања, ја одредуваат издавачите и уредниците. Тоа во никој случај не значи дека веќе не можат да постојат текстови кои се сфаќаат како интервенции во машината на издаваштвото која е во полн ек или кои барем можат да доведат до помали иритации. Едноставно, тоа значи дека не е никаква случајност што не можеме да бидеме свесни за целокупната продукција на сè дури и да сакаме. Можеби некој од обидите едноставно бил премногу експериментален, но ни политичкото читање никогаш не било ослободено од недоразбирање. Работата е сложена: текстот не смееме да го замениме со разговор со своите пријатели кои своите мисли, чувства и солидарност можат да ги изразат во неколку зборови – текстот во подеднаква мера е бомба (но, во најдобар случај, колку и да звучи парадоксално, на повеќе од симболичен начин може да значи и едното и другото и да ни се завлече под кожа: и пријател и бомба).

Интернетот нема никаква вина за недостатокот различност. За она што на Питер Вајс му требале десет години – да напише контрапозиција со еманципаторски потенцијал во однос на мејнстримот, феминистичката блогерка и авторка како Лори Пени, денес може да го постигне за многу пократок рок. Тоа не значи ниту дека читањето на Естетиката на отпорот денес станало бесмислено, ниту дека блогот мора да ја зголеми авторефлексијата од приватна природа. На дигиталните мрежи постојат повеќе од доволно дневници од тој вид.

Најпосле, ако зборуваме за левата практика на пишувањето, не станува збор дали ќе се излезе од ормарот како буржоаски гениј или антибуржоаска книжевна ѕвезда, ниту за догмата на формата или тврдењето дека договорот за постојаната положба или демонстративната изјава за негирањето веќе се лева книжевност. Во прв план е создавањето простор во кој левата практика на пишувањето, и се надеваме и онаа, која нема веднаш да биде признаена во фељтоните и кај повеќето издавачи како општествено релевантна, може да се започнат и протуркаат важни дискусии. Тоа би била лажна практика во лажното да се водиме според потребите на зачмаените институции – и да им се прилагодуваат ракописите кои се вклопуваат во нивната актуелна програма. Притоа, не е исклучена можноста со тие односи да се служиме „субверзивно“.

Британскиот културолог Маркс Фишер неодамна со еден свој текст го дефинираше просторот во кој треба да ја читаме и замислуваме левата книжевност. Фишер го состави летокот „Капиталистичкиот реализам без алтернатива“ во кој го постави прашањето дали сè уште е можно по завршувањето на Студената војна да се предвиди алтернатива за капитализмот, а да не се повторат грешките на реално постоечкиот социјализам. Дали тоа неминовно доведува повторно да мораме да фрлиме поглед кон уметноста, која се создала во околностите на постоечките алтернативи на капитализмот, за да стекнеме увид во можните светови од тоа време?

Отворањето на утописките простори

Урсула К. Ле Гвин, авторка на научно-фантастични романи, во 1974 година го напиша романот Човекот со празни дланки (The Dispossessed) во кој се работи за две соседни планети. На едната, општеството е толку организирано што реалноста на ниеден начин не е поврзана со поседувањето, како што главниот лик Шевек пишува во писмото до неговата жена Таквер. Шевек е научник кој наскоро ќе разбие едно табу. Тој патува до соседните планети во кои владее капитализам. Почетната надеж и љубопитноста на Шевек се претвораат во ужас додека тој го запознава тамошното секојдневие. Тешко е замисливо дека Урсула К. Ле Гвин ќе можела да наметне толку шокантен поглед на животот во капитализмот ако тогаш не постоела конкурентска општествена формација.

Италијанскиот авторски колектив Ву Минг, кој произлезе од квартетот Лутер Бисет, во романот 54 враќа во живот исклучителна година во современата историја. Тоа била многу турбулентна година, што не само вистинските последици од Втората светска војна не биле јасни во Италија, туку авторите можат, покрај тоа, да го испратат Кери Грант на тајна мисија во Титова Југославија. Во поговорот на германското издание пишува дека на сите пет романи на Ву Минг им е заедничко тоа што „ја покажуваат службената историја во сосема ново светло за да се раствори континуумот на владеењето на просторот на утопијата“.

Тоа е една од можностите за постапување со таа историја. Ќе биде интересно да се види како ќе се однесуваат романите што надоаѓаат и актуелните романи кои зборуваат за денешницата индиректно, како и порано, како советската научна-фантастика на Дитмар Дат, Венус Сигт или делото на Френк Вицел Die Erfindung der Rote Armee Fraktion durch einen manisch-depressiven Teenager im Sommer 1969, кое се протега на 800 страници и како ќе се движи кон просторот на „капиталистичкиот реализам“. Сега е јасно дека во такви околности жанрот со кој се служат авторите не игра никаква улога. „Реализмот“ на нивната книжевност е одреден од својата интензивност и нужност, со кои се позиционираат во однос на реалноста и нивната конечна мера е вистинитоста.

Но, реалноста на дофат држи (за практиката на левото пишување со составување и читање напнати книги) уште неколку прашања: што би се случило ако се основа издавачка куќа, ако се издава списание, ако се направи веб страница или ако се организираат низа предавања? Веќе го поминавме сето тоа? Во романот на Кристијан Гајслер Камалата (1989) следната парола ја опишува границата помеѓу милитантната книжевност и милитантното дејствување: „ние сме она што го правиме против нив“. Но, кои сме ние, а кои се тие? Тоа секогаш останува горливо прашање, од кое никој од нас не може да се ослободи, без разлика дали во лажниот живот или во вистинската книжевност. Нема да се случи само по себе.

Волфганг Фромберг е уредник во списанието за поп култура Интро. Минатата година беше објавен неговиот втор роман Etwas Besseres als die Freiheit (HABLIZEL, 2014.).

Слики: Kassák Lajos

Извор: http://www.zarez.hr