На работодавачите им даваме 29 милијарди фунти неплатени часови прекувремена работа

17.03.2016 11:59
На работодавачите им даваме 29 милијарди фунти неплатени часови прекувремена работа

„И покрај тоа што имаме подолги работни часови од претходните генерации и повеќе работиме неплатено, уделот од националниот приход кој го добиваме за својот труд е сè помал.“

Ве експлоатираат на повеќе начини отколку што мислите. Федерацијата на британските синдикати во која повеќето од нив се активни (Trade Union Congress), ниту прв ниту последен пат известува за обликот на експлоатација кој ретко добива внимание во медиумите. Работниците секоја година на британските работодавачи им подаруваат 29 милијарди фунти бесплатен труд на тој начин што едноставно не им се плаќа прекувремената работа. Тој вишок вредност се исцедува од работниците преку пазарната дисциплина – закана од невработеност или намалени шанси за напредување.

Вработените ќе се навикнат дека од нив се очекува „флексибилност“ за работа надвор од основните работни часови. Тој услов се фрла во прв план во текот на разговорот за работа и секојдневно се зацврстува, при што терминот „флексибилност“ имплицира дека овој неплатен данок е карактерна црта, а не структурен аспект на денешниот пазар на трудот. Од работниците често се очекува да потпишат клаузула за исклучување на „работното време“ заради што законски не можат да се заштитат ако работат повеќе од 48 часови неделно. Резултатот од тоа е што 4 милиони работници редовно работат преку границата од 48 часови, додека претходните државни истражувања покажуваат дека еден од шест работници всушност работи подолго од 60 часови неделно. Тоа не е сè. Просечната личност поминува 139 часови годишно патувајќи на работа и од работа што изнесува приближно четири работни недели.

Огромниот товар од неплатената работа е плод на долгорочен тренд. Во 1988 година една четвртина од вработените мажи работеле неплатено прекувремено. До 1998 година таа бројка достигнала 41 процент. Порастот е уште подраматичен ако ги погледнеме вработените жени: бројката е зголемена од 25 проценти на 58 проценти. Разликата делумно произлегува од различноста на занимањата што ги извршуваат мажите и жените – федерацијата (TUC) истакнува дека најверојатно вработените во јавниот сектор, кои во несразмерен број се жени, ќе работат неплатено прекувремено.

Освен тоа, ова е само еден аспект од општиот тренд за продолжување на работната недела во текот на последните дваесетина години. Службените статистики покажуваат остар пад на бројот луѓе кои имаат подолго работно време од 1998 година. Таков вид статистика користи државата за да ги оправда повторните исклучоци од директивите за работното време, затоа што тврдат дека до целта – намалување на долгите работни часови, се доаѓа во практиката. А, статистиките всушност откриваат дека е зголемена прекаризацијата на трудот и забележан е огромен пораст на бројот работни места со скратено работно време.

Просечната работна недела на вработените со полно работно време изнесува приближно 42 часови во Обединетото Кралство, што е над просекот на ЕУ и во секој случај многу повеќе земји како Франција и Данска кои задржале релативно посилен систем на социјална заштита. Велика Британија е поблиску до екстремните неолиберални економии кои се појавија на истокот од Европа по распадот на СССР отколку размерно социјалдемократските економии на западот во Европа.

Иронијата е во тоа што, иако имаме подолги работни часови од претходните генерации и повеќе работиме неплатено, уделот во националниот приход кој го добиваме за нашиот труд е сè помал. Како уделот во БДП, платите паднаа од 64 проценти во 1974 на околу 54 проценти во 2010 година. И тоа, и покрај фактот што станавме попродуктивни. Еквивалентот на продуктивноста од 23 часовната работна недела од 2003 година е 40 часовната работна недела во 1975. Јазот помеѓу продуктивноста и платите се зголемува, а најбогатите берат сè повеќе плодови од новиот раст. И, не изгледа дека нешто ќе биде подобро. Мервин Кинг (гувернерот на централната банка на Обединетото Кралство) неодамна призна дека просечните плати во 2011 година, веројатно нема да бидат повисоки од оние од 2005 година. Тоа можеби делумно може да се објасни со фактот што помеѓу средината на 2009 и почетокот на 2010 година, 89 проценти од сите нови приходи отидоа во профитите. Всушност, 29-те милијарди фунти (оваа година) се само мал дел од тоталниот вишок вредност кој се извлекува од работниците.

Среде помодарското оживување на Маркс во некои кругови, не би требало да биде контроверзно ако нештата се наречат со вистинското име: остар пораст на стапката на експлоатација. Тоа што се случи е директна кулминација на тачеристичката класна војна чија цел е разбивање на моќта за преговарање на работничката класа за да се врати профитабилноста на британскиот капитализам погоден од кризата. Денес, кризата на капитализмот е сè подлабока, па заради тоа, официјалните мерки за закрепнување се уште покатастрофални. Врз основа на минатите искуства веројатниот резултат од војната која ториевската влада ја води против јавниот сектор и последниот голем бастион на синдикалната сила, ќе биде дополнително зајакнување на дисциплинското битие на пазарите со што ќе се принудат сè помалку луѓе да работат повеќе време за помали плати, доколку победат ториевците.

Во меѓувреме, работниците кои сакаат да вратат дел од пленот кој е изнуден од нив, би можеле да го разгледаат примерот на работниците во Малхала и Суез кои покажаа дека со борбеност може да ѝ се одолее на воената диктатура како и на диктатот на војската. Британските работници се во многу подобра положба, а нивниот противник е многу послаб.

Извор: http://www.theguardian.com