Фолклорната сага на Урошевиќ

07.05.2010 09:32
Невестата на змејот

 

„На тоа викање од Дуња Ѓузели, ја чул еден змев од облаци ји на часо беше се сторил еден голем орел, та беше се пуштил со голема сила на Дуња Ѓузели и ја грабнал со ноктите, та ја преврлил на себе и летнал, та се качил на една висока планина и си ја клал во пештерата негоа кај што си живеел за да си ја има убаа невеста. Кога ја кренал орелот, спискала Дуња Ѓузели што ја грло течи, и чул царев син, чул и јунако Патенталија (таму му било името на јунако), и ја виделе кај што ја однесол орелот. “

Марко К. Цепенков, „Народни приказни (волшебни приказни)“, „Македонска Книга“, 1972

Најзачестената претстава за змејот денеска, благодарение на филмската индустрија, е онаа каде тој е насликан како голем крилест гуштер прекриен со некој вид на крлушки (тврди плочки од рожеста материја), злобно суштество кое опожарува села и чест непријател на луѓето, сокриен високо во некоја планинска пештера. Секако, ваквата слика за змејот воопшто не е единствената која постои, па така, ако се погледне во бројните написи за змејовите лесно може да се дојде до заклучок дека легендата за змејот, неговата приказна, обликот и симболот, варираат во зависност од поднебјето, фолклорот и митологијата на определено подрачје (така, на пример, Европските змејови често се крилести, додека пак Ориенталните се претставени како огромни змии без нозе и крилја). Во Македонија, пак, змејот најчесто се среќава низ народните преданија. Волшебните приказни на Цепенков, како погоре наведената, претставуваат само еден од доказите за ваквото тврдење. Во поретки случаи змејот се среќава и низ македонската поезија, а некаде пред една година ваквиот тип „змејовска“ литература беше збогатен и со еден роман-бајка наречена „Невестата на Змејот“ на Влада Урошевиќ.

Книгата ја раскажува сагата на едно младо момче Денко кое тргнува да ја бара својата исчезната сестра Летка низ опасните планини и пасишта на Горна Земја. Откако дознава дека неа всушност ја грабнал змеј, тој целата своја енергија ја насочува во барање на змејското гнездо. И така, како што дејствието се развива, слично на Толкиновите саги, и тука попратно се појавуваат неколку ликови: Mus Rattus – стаорец, гласник на кнегињата на стаорците, кој ги знае тајните на алхемијата, Ѕумбарка – итра оса која ги следи во патувањето, Патенталија и Ќелешот – загадочни ликови за кои подоцна се дознава дека се пријатели на самиот змеј. Змејот, пак, живее во пештера високо издигната на една стрмна планина. Сокриен од љубопитните погледи на светот, змејот на Урошевиќ наместо да беснее и урива, спие и мечтае за млади девојки додека ја чита „Примитивна митологија“ на Лисјен Леви-Брил. Со ова уште во првите редови на приказната, Урошевиќ сосема успешно ни го навестува долгото патување, мистериите и хуморот кој нè очекува.

Земајќи го Цепенков како репер, а притоа не изоставајќи ја блиската историја и моменталните случувања во Македонија и светот, Урошевиќ успеал да изгради едно дело каде фолклорниот исказ вешто се испреплетува со современата тематика. Романот-бајка изобилува со лексички и раскажувачки вредности, со одамна заборавени зборови и разни приказни за самовили, бауци, кралеви кои ги заклучуваат своите ќерки, кули без ѕирка и проѕирка, вештерки-пештерки и загадочни подрумски алхемичари.

Нарацијата на приказната е во трето лице, со одредени исклучоци каде што приказната ја раскажува некој од ликовите во романот. Интересно е тоа што Урошевиќ преку раскажувањето на фантастичен начин пред читателот го гради поимот за приказна. Така измислените ликови од „Приказната за најубавата приказна на светот“ и „Сказанието на Дедо Иван“, кои ги раскажуваат Патенталија и Денко, подоцна многу вешто се претопуваат во самата приказна која ја чита читателот. Тоа на книгата, пак, и’ дава една различна димензија каде ретко кога се знае каде започнува, а каде завршува „приказната“.

Светот пак во книгата е поделен на Горна и Долна Земја. Ваквата поделба може да се толкува на неколку начини. Горна Земја е земја каде сѐ е возможно, таму се раѓаат приказните, таму постои алхемијата, таму се сите оние книги и предмети кои не смеат да се увезат во Долна земја, која пак е место каде се запишува историјата и каде луѓето на се она што е надвор од границите на рационалноста гледаат како на суеверие и бабини деветини. Од друга страна Урошевиќ на неколку пати во книгата го претставил Балканот, поточно Македонија како Горна Земја, додека Европа како Долна Земја. „Граничниот премин“ или порталот со кој од Горна земја се влегува во Долна Земја е стара напуштена воденица, додека преминот на другата страна т.е. на Долна Земја е мелница над која пишува ЕЛЕКТРИЧНА МЕЛНИЦА ЗА СИТЕ ВИДОВИ БРАШНО „ЕВРОПА“. Светот во „Европската“ Долна Земја е преплавен со: реклами, кока-кола, проституција, престрелки... Таму е забрането да се увезуваат: кожи на змејови и други слични суштества; стари книги и ракописи; народни носии, делови од облека и украси, а е забрането да се извезува: спрејови и гелови за коса; кока-кола; научно-фантастични романи; мобилни телефони; порнографија во сите облици и друго.  Мора да се признае дека Урошевиќ од една страна мошне досетливо успеал во една бајка да даде и критика на Европеизацијата и Американизацијата на светот, а друга страна да го опише изумирањето на фантастиката наспрема прогресивната модернизација.   

Грабнувањето на девојка од страна на змеј не е воопшто ново. За тоа постојат премногу легенди кои од колено на колено се раскажувале низ светот. Значењето на таканареченото грабнување може да се објасни и на сосема поинаков начин. Еве што Sir Thomas Kirkwod кажува за девојките „грабнати од змеј“.

„ Своевидно помирување помеѓу принципите на ендогамија и ексогамија претставуваат обичаите на ритуалното грабнување на женските припаднички од друго племе во средината каде што владее принципот на ендогамија. Во прилог на ова наше тврдење би можело да наведеме еден специфичен облик на грабнување, таканаречено „грабнување од страна на змеј“, кое е забележано во повеќе области на Средниот Балкан – Албанија, Епир, Македонија, Северна Грција. Во овие краишта постојат многубројни преданија кои зборуваат за змејови кои грабнувале млади девојки и ги носеле во своите пештери. Зад овие верувања несомнено се кријат некои обреди кои требало да ја ублажат или поништат забраната за женење и мажење помеѓу припадниците на различни племиња. Средината во која важел законот ја склучување брачна заедница исклучиво помеѓу припадниците на едно племе, ја „заобиколувала“ оваа пречка со ритуалот „змејско грабнување„ т.е. со префрлување на вината врз суштество од повисок ред кое не е подложно на човечките закони...“

Sir Thomas Kirkwod: “The Close and the Removed.
About the remains of endogamy and egsogamy
in the beliefs and custom of Balkan peoples”,
London, Dragon Press, 1898.

Меѓу другото, оваа книга изобилува со досетки и во неа се вградени бројни референции кон други дела, од кои едни јасно назначени, а други длабоко сокриени во дијалозите и нарацијата. Романот на Урошевиќ несомнено претставува едно вистинско освежување и патување низ еден фантастичен свет сокриен во богатиот македонски фолклор. Тоа е роман кој не остава да биде заборавен на полицата и кој со својата исполнета содржина и богата повеќеслојност создава жед за повеќе текст. „Невестата на змејот“ е змејска сага која ја распалува фантазијата и која го докажува постоењето на нашето заедничко фолклорно богатство.
Книгата „Невестата на Змејот“ ја доби наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно книжевно дело во 2009.

ОкоБоли главаВицФото