Јавен час по сеопфатно сексуално образование

10.05.2016 11:30
Јавен час по сеопфатно сексуално образование

Младите волонтери на ХЕРА ве покануваат на Јавен час за сеопфатно сексуално образование (ССО) што ќе се одржи на 16 мај 2016 година, со почеток во 11.00 часот на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.

Целта на овој јавен час е да ве запознаеме што е сеопфатно сексуално образование и зошто е тоа толку потребно како дел од образовниот процес. Што можете да очекувате во тие 45 минути? Сертифицирани едукаторки и едукатори, заедно со Огнен Јанески ќе одржат еден училиштен час, за да ви доловат како треба да изгледа еден типичен час по сеопфатно сексуално образование. Велиме сеопфатно, бидејќи ќе се поминат сите седум теми за кои треба да се зборува со младите: род, сексуално и репродуктивно здравје, граѓански аспекти, задоволство, различност, насилство и врски и односи.

Го организираме овој настан поради тоа што во Македонија во учебниците има многу малку релевантни информации, а на училиште изгледа најмногу може да се научи само за стереотипи и научно недокажани податоци. Иако националните стратегии предлагаат да се унапреди наставната програма во делот за сексуално и репродуктивно здравје, надлежните образовни институции досега не презеле конкретни чекори за подобрување на состојбата. ХЕРАМлади, со оваа акција, истовремено го одбележуваат и денот на Визија 2020 (кој претставува документ заложба на Меѓународната федерација за планирано родителство -IPPF ) со кој на меѓународно ниво се бара од владите да преземат мерки за унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје и права.

Затоа, чест ни е да Ве поканиме да дојдете на овој настан, затоа што секогаш може да се научи нешто ново за сексуалноста, но воедно затоа што ве препознаваме како идни амбасадори кои можат да пратат порака до пошироката јавност и да помогнат поскоро да стигнеме до сеопфатно сексуално образование како задолжителна програма во Македонија.

ОкоБоли главаВицФото