Отворен повикот за номинации за Наградата за младинско учество

27.06.2022 17:29
Отворен повикот за номинации за Наградата за младинско учество

Агенцијата за млади и спорт (АМС) во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ја доделуваат овогодинешната Награда за младинско учество. Наградата се доделува во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст 15-29), категорија за неформални групи на млади (од најмалку 3 членови) и категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации. Наградата има за цел да го препознае и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања.

Сите заинтересирани можат да поднесат номинација за Наградата за младинско учество со пополнување на формуларите на линковите подолу, согласно категоријата:

1. Индивидуална категорија за млади (на возраст 15-29 години)
2.
Категорија на неформални групи на млади (од најмалку 3 членови)
3.
Категорија на младински организации, организации за млади и чадор организации

Рокот за поднесување на номинации е 7 јули 2022, 23:59 ч.

Наградата за младинско учество препознава иницијативи на млади, неформални групи на млади и младински организации, организации за млади и чадор младински организации кои покажуваат: јасна визија за подобрување на заедницата кои се системски и одржливи во решавањето на приоритетните општествени прашања; исклучителна креативност, иновативност и лидерство во дефинирањето и решавањето на општествени прашања; и носат мерливи резултати во подобрувањето на заедницата или благосостојбата на општеството преку активностите на номинираниот.

Наградата за младинско учество изминативе 5 години беше доделувана во рамки на Проктот на УСАИД за граѓанско учество, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија. Како платформа која овозможи континуирано признавање на учеството на младите во општествениот живот, Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националниот младински совет на Македонија ја преземаат традицијата и одговорноста да ја доделуваат Наградата за младинско учество во годините кои следуваат.