И Европскиот парламент полн „соросоиди“: Џорџ Сорос им одржа говор за иднината на ЕУ

01.07.2016 12:42
И Европскиот парламент полн „соросоиди“: Џорџ Сорос им одржа говор за иднината на ЕУ

Утринава, познатиот филантроп Џорџ Сорос одржа говор во Европскиот парламент предупредувајќи дека ЕУ е во „смртна опасност“ по референдумот за Брегзит.

Според Џорџ Сорос, „Европските лидери треба да ги признаат своите грешки и да го осознаат демократскиот дефицит во постојните институционални уредувања. Наместо да гледаат на Брегзит како на преговори за развод, тие треба да го зграпчат како прилика за фундаментална реформа на ЕУ. Нивната цел треба да биде создавање на новоизумена ЕУ во која Велика Британија и другите земји под ризик за излез би посакале да се придружат“.

Џорџ Сорос ја советува ЕУ како да ги промени своите финансиски политики за да зајакне, со цел да одговори на деструктивното економско назадување и да ја надмине „егзистенцијалната опасност“ предизвикана од бегалската криза.

Во истиот миг кога Европскиот парламент го кани Џорџ Сорос да одржи говор за бегалската криза и иднината на ЕУ, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ продолжува да води демонизирачка кампања против сите што ја критикуваат стигматизирајќи ги како „соросоиди“.

Останува да видиме дали по денешниот говор на Џорџ Сорос во Европскиот парламент провладините „курири“ ќе ја прошират демонизирачката кампања и против „соросоидите“ во Европскиот парламент.

Извор: Слободна Македонија, 30.06.2016.