Таму е Македонија...

08.08.2016 03:56
Таму е Македонија...

Таму каде што гипс и картон е барок, таму е Македонија.

Таму каде што власта е државата, а народот нем статист, таму е Македонија.

Таму каде на одмор се оди со гајби, домати и краставици од дома, таму е Македонија.

Таму каде што жена кичма извива за 120 евра плата на машина за шиење, таму е Македонија.

Таму каде што невработените животот го гледаат во кладилница, таму е Македонија.

Таму каде што синот на твојот претпоставен има телефон поскап од твоето купатило, таму е Македонија.

Таму каде што дијазепамот се пие како да е бонбонче карамела, таму е Македонија.

Таму каде што што лоповот е патриот, а чесниот работник предавник, таму е Македонија.

Таму кај што млади животи згаснуваат чекајќи помош од државата на која поважни ѝ се споменици, таму е Македонија.

Таму каде што ќе молиш за чист воздух и чиста вода, таму е Македонија.

Таму кај што прават панорамско тркало од 18 милиони евра, а од страна дечиња те влечат за панталони и ти просат, таму е Македонија.

Таму каде што се киднапираат национални празници како празници на партија, таму е Македонија.

Таму каде што ќе те прават луд дека е лепено, сечено и монтирано, таму е Македонија.

Таму каде што со нарачани вести се извртува реалноста, таму е Македонија.

Таму каде од народни пари се договара провизија, таму е Македонија.

Таму каде гласноговорниците, опозицијата, невладините се криви за мизеријата во државата, наместо власта која управува со државата, таму е Македонија.

Таму каде што животни судбини зацрнува партија, таму е Македонија.

Таму каде спиновите и убиствата се секојдневие за да се замае јавноста во друг правец, таму е Македонија.

Таму каде што политичкиот инженеринг изменува историја на цена на никаквата сегашност, таму е Македонија.

Таму каде што дипломирани инженери собираат пластични шишиња за да преживеат, таму е Македонија.

Таму каде цели генерации се задоени и отриени од партиски извртена историја преку образовниот систем, таму е Македонија.

Таму каде чесниот собира грозје на приватизирана плантажа за 300 денари дневница, таму е Македонија.

Таму каде што младоста во црно се завила, таму е Македонија.

Таму каде глупоста завладеала над здравиот разум, таму е Македонија.

Таму кај што не знаеш што утре, таму е Македонија.

„Таму каде вечно сонце сјае“, каде крив е секој кој за криминал и неправда ќе „залае“, таму е Македонија.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото