Мрсулавиот фашизам на ВМРО на брановите на темната светска плима

10.08.2016 13:00
Мрсулавиот фашизам на ВМРО на брановите на темната светска плима

Археолошките наоди од гратчето Приене - некогашниот полис во хеленската Јонија, што денес се наоѓа во близина на турскиот град Соке, веќе цел век пасионирано се изучуваат на сите универзитетски курсеви по урбанизам. Тоа не е само затоа што Приене е најсочуваниот хеленистички град, туку и затоа што во него е вградена и планерската и градителската суштина на градската форма, та дури есенцијата на прометејската онтологија на градот. За наследниците на Алехандро Магно што деновиве се на привремен престој во библиската земја, особено интересно е дека откриениот слој на класичниот хеленистички градски бисер е во голема мерка дело на Алехандро, кој заедно со познатиот персиски сатрап Мавзолос пред него (оној истиот што за себе го изградил Мавзолеумот во Халикарнас, едно од седумте светски чуда на античкиот свет), решил од Приене да направи град модел, прототип на високоцивилизирана градска заедница или урбано општество, што ќе им служи како пример на поколенијата.

По чудна судбина, откога бил археолошки откриен и документиран кон крајот на 19 век, овој дијамант во круната на градоградителството како повторно да им бил оставен на времето и климата да го претворат во заборав. Денес, тоа е најмалку посетуваната урбанистичка Мека, вистинско светилиште за студентите по архитектура и урбанизам, кое на своите посетители им дарува дел од својата запуштена мистичност во форма на чувство дека се првите што го откриваат градот. Забиен во напуштен крај што некогаш бил цивилизациски центар на светот што буквално ги креирал денешните зборови (по Мавзолеумот, тука е и кривулестата река што очајно се колеба во рамното поле под градот и се вика Меандер), денес единствена „пречка“ за неговото откривање и уживање во митската спојка на артефициелното, природното и божественото, е една навидум напуштена куќичка во која треба да се плати билет за разгледување на археолошкиот локалитет.

Ах, би сакал многу да ви раскажувам за Приене, почитувани читатели, но ќе се задржам само на најневеројатното: тоа мало гратче во кое домувале можеби 5.000 луѓе зафаќало 20 хектари земјиште преполни со јавни згради спастрени во обѕидие што почнувало од нивото на морето и се качувало безмалку 400 метри во височина, до огромна карпа со која завршува брдото, што приенчани ја присвоиле и ја престориле во својот Акрополис! Во оваа несовладлива стрмнина гратчето е организирано во правилна ортогонална мрежа на улици, што е незамислива градителска компликација за секое време, компликација што го изроди можеби најубавото гратче на сите времиња, поставено на улици со рампи и скали, платформи и плоштади-тераси, што совладуваат наклон на земјиштето на некои места и поголем од 100%! Најневеројатното во целата приказна е што градот бил обилно снабдуван со комунална вода, преку систем на аквадукти и канали, цел водовод кој обезбедувал вода за пиење практично до секој дом. За неверување е дека повеќе од третина од куќите имале внатрешен тоалет и бања, а отпадните води биле евакуирани од градот со најсофистициран троен систем од канализација за сепариран одвод на санитарната, фекалната и атмосферската вода!

Ова е исто толку фасцинантен доказ за развиеноста на приенската цивилизација, како и да најдевме остатоци од вселенски брод од тоа време - не помалку! Зашто, стандардот на живеење во Приене, и потем, културата што го овозможила тој начин на живот, демократијата што ја создала свеста за предоминантната важност на јавните, демек комуналните работи, и конечно, знаењето, умеењето, технологијата и инженеријата потребна сето тоа да се изведе во материјал и да се одржува функционално; сето тоа беше повторно достигнато од западната цивилизација дури во 20-от век, а огромни сегменти од таа супериорна вселенска култура му останаа непознати, заборавени и недостапни и на денешниот свет!

Со еден збор, човештвото што го населувало континентов и западните делови од Азија и Африка почнало да заборава и да заглупавува интензивно, таму некаде од времето на Константин (и мајка му Елена), и понатаму системски заглупавувало и заборавало уште десет долги векови, влечено надолу во тоталитарната темница на христијанското едноумие. Ова пропаѓање на западната цивилизација било забавено од страна на Ренесансниот процут на културата, за повторно да тргне угоре со Науката и Просветителството дури последниве неполни четири века... За илустрација на цивилизациското пропаѓање, ќе потсетам на добро документираниот факт дека во втората половина од 19 век некои четврти на викторијанскиот Лондон – престолнината на најмоќната глобална империја на сите времиња – буквално се давеле во човечки измет што се истурал по улиците, а во некои дворови слојот на гомна достигал и до еден метар! Споредбите на дострелите на европската цивилизација со онаа од античка Приене можат да наполнат енциклопедија, но јас ќе посочам уште само на една непопуларна но нападно очигледна: споредени со воените, градежните и производните машини што рутински се употребувале во хеленистичкото време, а не пак со напредните машини на Архимед на пример, цртежите и проектите за машини на Леонардо да Винчи, пред кои светот сè уште се поклонува со апотеоза, секако бескорисни и неупотребливи, погрешни и неизводливи чкртаници на неумерено ентузијастички дилетант!

Последниве десет години во библиската земја се забележуваат истите симптоми на цивилизациска пропаст што некогаш ја претворија Приене од престолнина на вселената во пустелија; истото заглупување на општеството пропратено со заборав, во кои во небиднина се губат знаењата и умеењата, доблестите и вредностите што некогаш ја еманципираа македонската државност и културна посебност. Симптомите на пропаѓањето повторно имаат системска форма на тоталитарно едноумие, но овојпат се работи за државно-мафијашки капитализам со либерално демократски устав, што некогаш - кога постоеја идеолошки и интелектуални претпоставки за препознавање на општествените појави – без колебање се нарекуваше фашизам. И овој пат тенденциите кон цивилизациско пропаѓање се интерконтинентални, безмалку глобални, зашто по колапсот на најдоблесната идеја што кога и да е ја породило човештвото – социјализмот, триумфализмот на неолибералниот капитализам на планетарно ниво ги уништува сите идејни алтернативи и веќе сериозно станува една и единствена ирационална политичка религија, едноумие што преопасно и самодеструктивно го наведнува светскиот брод вдесно. Колку македонскиот мрсулав фашизам се „вози“ на брановите на светската темна постдемократска плима? Веројатно не малку.

Но, да се вратам на поентата: историското време нуди барем исто толку докази за напредок колку и за назадување и пропаѓање на цивилизациите, па крајно е време да се откажеме од слепата верба дека времето само по себе ќе ни донесе решение на „политичката криза“, или дека иднината според некој божествен или природен закон самата го носи прогресот и благосостојбата на човештвото. Кога работите ќе тргнат надолу – како што тоа Груевски и ВМРО-Фашистичка и го направија на македонската модерна култура и држава, времето само по себе не работи за туку против среќната разрешница. Се работи за Њутновиот закон на гравитацијата, според кој колку што наклонот на „кризата“ е пострм толку времето станува поголем непријател на правдољубивите, зашто во слободното паѓање патот на пропаста е пропорционален со квадратот од времето на пропаѓањето! Затоа, правдољубивите слободари немаат избор: нивниот единствен пат е непомирот, отпорот, борбата против злото, без оглед на глобалните тенденции, без оглед на сè! Во чест на вечната борба против злото, повторно ќе го цитирам Махатма Ганди: „Прво ве игнорираат, потоа ви се смеат, потоа ве тепаат, потоа ги победувате“.

Фотографии: EPA/GEORGI LICOVSKI
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото