За лојалноста - онаа купената и онаа стекнатата од страв

20.08.2016 15:20
За лојалноста - онаа купената и онаа стекнатата од страв

Најпрвин 10 обвинители ти свртија грб. Јасно и гласно. Нивната шефица дури и ти го оспори легитимитетот, потврдувајќи го она што од поодамна се зборува.

По неа беа казнети твоите пропагандисти. Директорот што ги казни се повика на софтверот и математиката. Тврдејќи дека е немоќен против нив.

После судија му одреди притвор на еден од твоите градоначалници. И тоа судија од внатрешноста. Далеку од твојата лична судечка тврдина наречена Основен суд Скопје 1.

Потоа Комисијата за хартии до вредност (КХВ) реши да си игра мајтап со оние што ги донесе и што им го вети „Макпетрол“ кога слета во Женева, откако ти се „расипа авионот“, некако случајно во близина на Сент Гален, резиденцијата на главниот преземач, љубител на руската ликовна модерна и колекционер на платна од таткото на апстрактното сликарство Казимир Малевич. КХВ по некое чудо се охрабри и реши на Балкан Петролеум Холдинг Лимитед (БПХЛ) да му побара документ од компанијата мајка на БПХЛ во кој ќе пишувало дека и таа стоела зад одлуката за преземање на „Мапетрол“, иако газда на компанијата мајка е истиот човек кој е сопственик и на БПХЛ и иако за такво нешто нема ама баш никаква потреба според Законот за преземање на акционерски друштва.

Сега и Хорхе почна нешто да прета и да бара пари за војската, па Куртон Прес мора да се огласува и да го потсетува кој го направил претседател. Како благ прв чекор пред да почнат да го потсетуваат на одамна постоечките фиока закани кои отсекогаш служеле за негова пацификација и за чие остварување е потребен само телефонски повик.

Така тоа почнува. Најпрвин однадвор, од оние кои отворено се легитимираат како непријатели, а потоа однатре. Најпрвин еден по еден за на крај освен свртени грбови да не можеш веќе да видиш ништо друго освен поплава од грбови. Исто како поплавата во Стајковци. И исто како во приказната која говори за растојанието кое најчесто го поминува еден обичен предмет каков што е каменот…

Извор: anfasblog.wordpress.com