Празните рептилски очи на вмровските крвници

06.05.2017 12:33
Празните рептилски очи на вмровските крвници

„Ќе падне крв до колена!“, ми излана в лице, заедно со коњска доза алкохолна пареа, утрото на „крвавиот четврток“ еден мој врсник што животот го помина по затвори. Му се насмеав в лице, мислејќи дека изјавата излегла од длабочините на ракијските вирови што му го изгореле мозокот. Но, само неколку саати подоцна се покажа дека криминалните „затворски“ извори биле подобро информирани од мене. Тие знаеле за плановите за собранискиот покољ, поради тоа што организаторите на нападот врз Собранието сметале на „соработката“ со нив и го планирале активното учество на криминалните ветерани во егзекуциите. И иако, за среќа, планираниот покољ на пратениците не успеале целосно да го изведат, злосторничката толпа успеа да го изврши најмонструозниот злостор против Републиката во историјата на македонската државност: тие пролеаја крв во законодавниот дом, и тоа крв на највисоките претставници на македонската уставна власт! Директни учесници во ова најтешко кривично дело против државата и легалните претставници на државниот суверенитет – во улога на инспиратори, подбуцнувачи, подготвувачи, организатори, помагачи и извршители – се претседателот на државата, лидерот на ВМРО и неговата партија, пратениците на ВМРО, партиската полиција, нивната експозитура „За заедничка Македонија“ и цела толпа морални монструми и друг човечки џган. Ден потоа, и, еве, веќе цела недела, злосторниците се однесуваат како ништо страшно и да не се случило, та дури ги обвинуваат и своите жртви за „деловнички“ злостор, оправдувајќи го своето фашистичко дивеење во парламентот како „праведен гнев“ на „заштитниците на државата“!? Ја употребуваат целата пропагандна машинерија на својата партиска држава да го банализираат Злото, и злочинот да го преквалификуваат во норма!

Да биде уште полошо, злосторот продолжи и по Крвавиот четврток, со медиумските и социјално-мрежните реакции на морално изопачените подржувачи на Злото и изразите на злорадост на уште поголема толпа на обесчовечени Македонци. Ако ја погледнете ужасната снимка што ја објави телевизијата Алсат-М, како кољачите од ВМРО го влечат полумртвиот Зијадин Села по собраниските ходници, сосем изненадувачки ќе ве потресе не самата грозоморност на крвавата слика - туку нечовечката рептилска рамнодушност на фашистичките борци „за заедничка Македонија“, нивните празни очни дупки и, дури, некоја непоимно одвратна гордост, како да влечат убиено животно со коешто ќе се фотографираат за спомен!? И, викаат, од гробните јами на нивните умрени души: „Ајде, курбан јагне!“, и потоа: „Заев, Заев ни треба!“ Таа чудовишна рамнодушност, таа бездушна кољачка реторика на вмровските крвници, и тие безизразни рептилски погледи, ги имаа и нивните предци што пред седумдесет и кусур години се фотографираа со исечените глави на македонските партизани. Тие фотографии ми се врежани, за жал, доживотно во меморијата, а истите дехуманизирани изрази на некакво злорадо самозадоволство, се општо место на сите фотодокументи на кои фашистичките кољачи гордо позираат покрај жртвите на својот злостор.

Помислувам, вџашен, како во очајната желба час поскоро да ја нормализираме изопачената општествена состојба во морално уништената татковина, ние всушност несвесно го „нормализираме“ и воедно го маргинализираме и непростливиот Злостор извршен пред наши очи? И, повторно, по кој знае кој пат, го потиснуваме во заборав Злото – неказнето, и дури ненаречено како што треба, со вистинските зборови!? И, повторно ризикуваме системското фашистичко Зло на партиската држава на ВМРО да остане несфатено, неименувано и, поради тоа, и неказнето и неискоренето, и казната да ја стесниме само на неколкуте крајни извршители?! Но, погледнете ги повторно тие кољачки очи, почитувани читатели, испразнети од секаква човечка емоција! Тие не се случаен „природен феномен“ – нив во Собранието ги донесе ВМРО, тие се есенцијата на ВМРО!!!

Уште Дарвин пишувал за емоциите и особено за емпатијата како важен „чинител за опстанокот на видовите“. За разлика од цицачите, водоземците и рептилите не покажуваат никакви знаци на емпатија, додека луѓето (би требало да) поседуваат ум што не ја поднесува болката на другите. Современата социо-неврологија ги потврди согледбите на Дарвин, па денес е веќе општо место дека основните биолошки алатки за човечко преживување се способноста за симболички говор и емпатијата. Скенирањето на мозоците на тешките психопати покажа дека тие имаат недостаток во системот на невронски мрежи што го врзуваат мозокот со амигдалата - модулот задолжен за „читање“ на емоциите, така што овие не се во состојба да ги забележуваат емоциите и болките кај другите. Од тука произлегуваат рептилски обесчовечените и емоционално празните очи кај вмровските кољачи што влегоа во четвртокот во Собранието да убиваат пратеници во одбрана на „заедничка Македонија“! Оваа тешка невролошка фалинка што предизвикува психопатија со злосторничко емоционално слепило, е сигурно причината и за садистичката злорадост на вмровските кретени што го славеа делото на своите „јунаци“.

Големиот број на психопати во земјава не треба премногу да нè загрижува, зашто науката проценува дека 3 насто од целиот човечки вид ја има оваа фалинка. Она што треба да нè згрози, и да не ни дозволи да го заборавиме и оставиме неказнет вмровскиот злочин, е фактот дека под фашистичката диктатура на ВМРО овие 3 насто психопати веќе цела деценија ја држат во окупација македонската држава и садистички го силуваат целото општество!

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Јосифовски