1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Сликите од собранискиот хорор го обиколија светот. Тоа беше нашата најавтентична галериска збирка што ѝ ја понудивме на планетата Земја, како епохално национално претставување. Слики на еден примитивен творечки опус, од режимскиот циклус „денови на мракобесие“ во кои доминираат нијансите на црната и крваво-црвената.
Како ќе нè доживее светот, во случајов, е помалку значајниот дел од нашата срамна ретроспектива. И тој, што е гротексно срамно, не е залелеан во наивности и не се прпелка во идилични пејзажи. До гуша е заглавен во суровост и бруталност. Секако дека не сме го стаписале. Далеку сме од трагедијата на Алепо или разорувањата во Ирак, Либија. Според колоритноста, иако балканска, имаме позајмено мноштво елементи од украинскит политички колаж.
Нашата трагичност е содржана во степенот на бруталноста. Зашто, колку и да го разголивме пред светот нашиот автентичен ментален дефект, да се биде вандалски груб, останува дилемата, размислата дали навистина тоа сме ние. Дали се тоа нашите портрети? Дали гневот, бесот и канибалството се наш генетски знак, или пак една децениски негувана милитантна матрица на владеење, како штит на своите фашизоидни и криминогени настраности, успеа да регрутира и превоспита дел од нас во ступидно злосторничко орудие, кое ја изгубило моќта да ги контролира вибрациите на личната мозочна маса. Како да не беа од овој род, изданоци на овој народ, туку припадници на монструозна верска секта, во чии проповеди смртта се воспева како најсовршен стадиум на животот. Неконтролирана маса од набрекната мускулатура.
Навистина, јас во нив не ги препознав нашите деца. Во ниту еден миг не заприлегаа на потомците на Самоила, на Климента и Наума, на Карпоша, на војводите од Кресненското и Разловечкото востание. На самопрегорот на преродбеничките икони. На илинденските корифеи и гемиџиските легенди. На генијалниот Мисирков, во чија глава како никогаш пред тоа до финеси беше вообличена македонската духовност, јазик, култура, историја и државност. На државотворците од АСНОМ и плејадата македонски умственици кои на светскиот цивилизациски небосвод го втиснаа и знакот на нашето национално препознавање и постоење.
Ако грешам, оспорете. Но, оние деца, оние наши сограѓани, од кои во онаа кошмарна ноќ во Пантеонот на нашата државност искреше ѕверство, јас, барем јас, не ги чувствувам за свои и ближни. И колку да страдам поради тоа. Поразително е чувството колку човекот може да биде деформиран, декодиран, дегенериран, деградиран. Нашите предци и ние искрено посакувавме други цивилизациски и човечки вредности.