Бездомниците и нивните најголеми соништа

03.09.2016 15:39
Бездомниците и нивните најголеми соништа

Тами е вистинска ѕвезда на Хај стрит во Сан Франциско. Ако таа не успее да ве насмее, тогаш никој нема да успее во тоа. Нејзината најголема болка е фактот дека нејзината баба и нејзиниот прв сопруг и ги земале децата и ги однеле некаде далеку од неа.

Младиот фотограф Хорија Манолаш од Сан Франциско собира финансиски средства за да може преку платформата Indiegogo да објави книга со фото проект кој вклучува фотографии од бездомници такви какви што се, наспроти тоа што би сакале да бидат. Книгата која ќе биде насловена The Prince and the Pauper е инспирирана од роман на Марк Твен.

„Мојата цел со оваа книга е бездомниците да се прикажат преку еден поинаков пристап и форма и да се овозможи нивните приказни да бидат слушнати. За овој проект личностите ги фотографирав во хотели, гаражи, градилишта и на улица. Запознав луѓе со оружје и луѓе со златни срца“ – вели фотографот.

Сопругата на Манолаш била негов асистент во проектот, таа потстрижувала и правела фризури, се погрижила и за шминката, а тој за костимите и подвижното студио. Обично, за подготовките на секоја личност му била потребна една недела, но се случувало да потрае и до три недели, во зависност од тоа колку брзо бил во можност да ги најде луѓето кои требало да ги фотографира. Во продолжение фотографот накратко ги раскажува животните приказните на фотографираните личности.


Френк го запознав во Хантерспоинт, Сан Франциско. Тој живеел во приколка која самиот ја направил, заедно со неговата сопруга и нејзиното куче. Најмногу стравувал од тоа дека полицијата ќе му ја одземе куќата. Френк вели дека работел како батлер, но дрогата го довела до овде. Кога го запознав работеше во градилиште, па моравме да го фотографираме на улица и на градилиште. Неговата сопруга сакала да стане балерина, но бидејќи имаше прекумерна тежина, се чувствуваше непријатно да позира за овој проект. Френк е еден од најдобрите луѓе кои некогаш сум ги сретнал.


Макс е виетнамски воен ветеран. На армијата ѝ
служел 43 години. Вели дека кога се вратил, се откажал од сè и излегол на улица. Сега има проблеми со алкохолот и одвај оди поради здравствени проблеми. Овој човек патувал многу. Нешто поради кое најмногу жали е тоа што повеќе не зборува со својата ќерка.

Хани избегала од дома поради нејзиниот насилен сопруг. Таа имала автомбил во која спиела, но се расипал. Полицијата ѝ го земала, па оттогаш почнала да спие во паркот. Хани сама научила да свири укулеле, а покрај тоа, знае и да пее со лажици. Ја нарекуваат Хани поради нејзиниот сладок, милозвучен глас. Својот прв настап го имаше во хотелот во кој фотографирав.


Бил морал да избега од државата во која живеел. Причината поради која морал да замине се чини неоснована, но неговата единствена алтернатива тогаш бил затворот. Тој посака овие фотографии да ги испрати на неговата мајка која има Алцхајмерова болест, па се надеваше дека на овој начин можеби ќе го препознае кога ќе се врати.

Хенри е поранешен зависник од дрога и алкохол кој потекнува од Мисисипи. Сега продава весници за една организација која се грижи за бездомниците. Во една точка од неговиот живот, морал да направи избор меѓу мајка му и татко му, и тоа бил период кој го одбележал неговиот живот.

Мајк е првиот човек кој прифати да учествува во овој проект. Тој доаѓа од Охајо, од каде што морал да избега, бидејќи пушел трева, полицијата го фатила, и бил уапсен. Тој сега се обидува да го обнови својот живот, има место за престој и почна да работи, благодарение на една организација од Сан Франциско.

Попс исто така учествувал во Виетнамската војна. Тој бил инженер, почнал да се дрогира, и ја изгубил работата. Бил зависник цели дванаесет години, но бил и во клиника за рехабилитација. За жал, сега е алкохоличар.


Хатер беше човекот кој ми помогна со овој проект. Тој имаше компанија која организираше настани во Калифорнија, но тоа се случи само еднаш, бидејќи властите најдоа некој кој имаше под 18 години, па доби казна од повеќе од 100.000 долари. По тој настан беше принуден да се повлече.

Џенифер е член на семејството Мекклауд. Таа доаѓа од Ирска заедно со нејзиниот сопруг, но некако се случило тие да се разведат. Таа е многу срамежлива кога е трезна.


Ден имал навистина бурен живот, и неодамна завршил на улица. Тој е писател, и по играта на случајот дознавме дека имаме заеднички пријатели. Оваа фотографија Ден ќе ја искористи за следната книга која планира да ја објави.

Со Мајкл се сретнав двапати. Првиот пат не можевме да ја направиме фото сесијата и тој беше навистина лут. По неколку месеци повторно го сретнав и ми делуваше помирен со себе. На оваа фотографија ми ја покажува тетоважата со името на својот син и ми кажува дека му недостига. Мајкл ја изгубил неговата мајка, својата работа и куќа во текот на два дена.


Оваа слика за мене на некој начин е симболична, и го отсликува времето во кое живееме. Iдентитетoт на Шад е украден, неговата девојка му го украла паричникот заедно со сите документи, па оттогаш останал без покрив над главата. Тогаш сфатил дека неговиот живот е толку промашен, па не наоѓал ни миг да застане и да размисли кои и какви се неговите соништа.


Меккеј живеел многу блиску до Хај Стрит кога бил дете. Горд е што неговите родители биле дел од хипи движењето во 60-тите. Тој живеел во Мексико, Хаваи, Индонезија, Панама, Боливија, Костарика, Перу, и планира да ја посети секоја земја во светот.

Извор: www.boredpanda.com

 

ОкоБоли главаВицФото