Бдение или сновидение

13.09.2016 12:24

Ако Вардар нè
разделил на два брега -
има мостови!

На Мостот: пудла
в раце на една дама;
... и дете - питач!

Минаре - вишнеж...
Кале - камен врз камен...
Свети Спас - копнеж...

САРКОФАГ - мермер -
девствена белина и
ЗАВЕТЕН пламен...

Не се знае кој
редум ги скршил сите
канделабри... Мрак.

Фенеров да го
запалам - на ден пладне -
човек да најдам!

Чаршијата и
занаетите стари
си пропаѓаат...

Кувенџија и
лимар и казанџија -
Чук-чук! На врата...

Папуџија и
ќурчија и опинчар -
дуќан до дуќан...

Дуќаните без
ќепенци и катанци -
зинале празни...

Низ калдрмата
тропкаат наланчиња -
моминска песна?

Небаре - в црква
коленичејќи - молкум
калдрмисале...

Веќе ја нема
ни старата калдрма -
сал сиве плочи...

Бистрица Миркуловска (1930) е поетеса, македонистка, раскажувачка, писателка за деца и преведувачка. Завршила Филозофски факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје и постдипломски студии од областа на македонистиката. Работела како професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Била лектор по македонски јазик и литература на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка Република. Добитник е на „Потокарова повелба“ на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија за преводи од словенечки на македонски јазик.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Скопје 1963-2013 / Книжевност
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото