Заеднички град

14.11.2016 14:23
Заеднички град

Иако урбаната социологија е сè уште некохерентна, Скопје, Uskup, Shkupi, Скопље... останува да биде потенцијален простор за соживот. Тој е примат и претставува исклучок од околните балкански градови и нивната историја.

Етнички, градот е поделен северно и јужно од коритото, а само општините Чаир, Бутел и Гази Баба се со мешан национален карактер. Овие заедници живеат во различен сооднос помеѓу Ромите, Албанците, Турците и Македонците. Тоа не е случај со останатите административни целини чии средини се прилично смирени. Со новата територијална поделба, преку Општината Сарај, градот го зголеми капацитетот и со тоа го дополни својот плуриетнички дух.

Првите обиди на разбивање на таквата поделеност се прават после земјотресот, кога преку дислокација на државните институции УКИМ и МАНУ, се пробиваат видливите бариери од таа страна на Вардар. Значајно влијание за таквиот став заземаат тогашните меѓународни експерти од ОН, со нивниот директор за обнова Адолф Циборовски. Тој е полски планер кој како главен архитект работи на реконструкцијата на Варшава цели 20 години по нејзиното уништување, а помага и во изработката на главниот план за Багдад (затоа Скопје му е погодно тло како микс помеѓу социјализмот и ориентализмот преку Старата чаршија). Тие сакаат да понудат расплет во урбаниот социјален склоп, културен микс за иднината на градот на начин како што тие го перцепираат однадвор.

И покрај укажаната прилика тогашното уредување си ја задржува конзервативната контура на развојот и зазема друга насока. Наместо да се концентрира на хетерокултурниот контекст, социјалистичката власт дополнително поттикна нова енклава - Топана /Шуто Оризари, чија концентрација и поставка до денешен ден повеќе заликува на слам отколку на општина со потребни стандарди.

Дискутабилен е и различниот развој на градот, каде јужното корито модерно се урбанизира и се згуснува, додека северниот дел остана заглавен со соседствата помеѓу старите јадра, со помал населен интензитет и со старите традиционални особини. Тоа се отсликува и со верските објекти чија поделба помеѓу оџите и ѕвоната сè уште е присутна, посебно денес кога станаа ударни градби за демаркација на просторот.

Целиот тој зафат од левата страна на Вардар, расцепкан по парцели се развива споро, делумно поради слабите инвестиции, а делумно и поради недостатокот на усвоени општински планови. Доволно е да се прошета во Крњево покрај раздвојната ограда, помеѓу Универзитетот и околната морфологија, за да се види контрадикторноста и аномалијата која резултира од сето тоа.

За да може да се сплоти, на Скопје му е потребна отворена адаптација, која нема да се темели само на толеранција, туку пред сè ќе биде двигател на меѓусебен развој, мешање и космополитски соживот изразен токму преку партиципацијата во јавната надворешност.

Такви обиди можеби се постигнати, со позиционирање на образовната институција Зеф Љуш Марку сред населбата Карпош 3, а сега и преку турскиот театар кој моментално се гради во населбата Пролет. Отстапки се направени со Театарот на малцинствата, кој бил планиран во населбата Јане Сандански, а од политички причини е изграден на Бит пазар.

По самостојноста, сегрегацијата на просторот се зголемува, во потрага по дополнителен модел на идентитет потребен за поделба. Тоа се форсира механички преку проектот Скопје 2014, чиј континуитет на згуснати скулптури се прекинува токму преку етнички и административно определените граници, од каде продолжува преку други симболики и обележја. Споменикот на Скендербег е пример за тоа, со новиот плоштад кој е во изградба. Со него се прави тенденција на дополнителен маркиран сурпростор, кој освен што ја уништува Старата чаршија, претендира да биде и контратежа на главниот плоштад. Преку овие празнини се губи каква било перцепција за смисла и пропорција. Плоштадот Македонија стана претесен со несразмерната димензија на Воинот, додека пак големината на Скендербег се изгуби во пространоста што ќе се добие од новата бетонска плоча од 28.000м2. Доколку навистина би се стремеле на единство во овој луд контекст, најдобро би било двата споменика на Александар да си ги променат местата. Скендербег да се постави на главниот плоштад, а Воинот да дојде на местото на плоштадот Скендербег за да избие во ширина. Кога веќе сме со лудите, можеби тоа ќе претставува единствено етичко решение преку конфузија на пропорцијата со семантиката.

Ваквата демаркација на пространствата продолжува да се форсира и преку вандалски акти, манипулирани по политичка потреба и прилика. Така се изведоа и проблемите за изградба на крстот во Бутел и конфликтот околу Калето. Узурпација преку манипулација на празениот и јавен простор.

За среќа, работите почнаа да се менуваат со фактите од Шарената револуција и начинот на кој тие го искористија просторот во општо добро и мултиетнички цели. Со самото реосвојување на јавните улици и урбанитети, работите значително се менуваат.

Добро е што истиот тој активизам ја спозна битноста на отворените целини и продолжи да се дополнува и после протестите. Еве, деновиве сме сведоци на кампањата „Ние одлучуваме“, каде преку флеш моб се обновува запуштениот јавен матрикс и низ останатите градови во државата. Тоа сигурно ќе биде една од најбитните придобивки од сето тоа што ни се случи.

Кога би гледале и пошироко во регионот, уочливи се проблемите и на други градови со нивната сегрегација, како што се Сараево, Мостар, Косовска Митровица... гнезда кои се разбиени по енклави. Низ историјата познати се и градови кои сето тоа целосно го изгубиле, како примерот на Солун, градот на духовите кој си ја изгуби душата над еврејските гробишта.

Многу е битно Скопје да се бори за својата мултиетничност како приоритет и со тоа да бидеме препознавани во Европа и надвор од неа. Тоа е богатство и потенцијал кој градот веќе го поседува. За тоа имаме здрава подлога, за разлика од останатите горе споменати градови кои си ја заробија иднината преку истите такви конфликти.

Убаво би било доколку градот успее да заземе правец преку повеќе размислувања и да им дозволи на своите граѓани да не чувствуваат конфронтација, по што ќе се развиваат нови правци на комуникација. Тоа сигурно и ќе биде еден од мотивите за развој во периодот што следува.

Фотографии: Ерина Богоева

ОкоБоли главаВицФото