Секој со својот крст

14.12.2016 11:20
Секој со својот крст

ВМРО која-и-да-е,

Повеќе не можеме да се лажеме и да се повикуваме на четирите свети букви и на идеологијата која стои позади нив. Имавте алтернатива на ДПМНЕ. Можевте да гласате за Кекеновски, можевте да гласате за Љубе, за Стојанче и за Љубчо. Мал дел од вас го направија тоа и ним им честитам на храброста и искреноста. Од друга страна, жал ми е што ќе немаат претставник во новоформираниот парламент.

Вие, останатите 450 илјади таканаречени Вмровци, вам ви се обраќам. Вас ве прашувам - што и кој ве води? Кој успеа толку да ви ги наполни главите со стравови и омраза? Кога зборував против груевизмот, секогаш се оградував од поширокото членство. Уште сметам дека криминалот е во рацете на дузина челници ама, после избориве, сфатив дека клиентелизмот пуштил ептен длабоки корени. Што е клиентелизам? Добиеното работно место, функција, субвенција, поделените 50 евра или 1000 денари (зависно од процената), за сметка на вашата слепа лојалност. Клиентелизам е продавање на своето јас за нешта кои и онака се ваши. За да собереме два и два - ве купија со ваши пари, за да продолжи фамилијата да краде од нашите пари. Со тоа што вие сте соучесници во криминалот. Свесни соучесници.

Ви се закануваа дека ќе сте се разбуделе на Косово денот после избори, дека Заев е предавник, а Америка ни е најголемиот душман? И вие поверувавте? Во ред, ваше право е да си верувате во што сакате, и дека е Земјата плоча (можеби бетонска). Туку, да ве прашам сега, кога сте на „сигурната“ страна - Истиот тој што делеше тендери 10 години рамо до рамо со командантот на УЧК, истиот тој што ви е тетовиран на плешките, со кого тој ќе формира влада? Безбели ви е јасно дека не победивте до толку да можете сами да ја формирате. Еве, да ви кажам - со Али Ахмети. Познато ви звучи? Или, не сте го разбрале кога говори на албански дека ќе инсистира да биде премиер, претседател на собрание, министер за одбрана да биде од горенаведените (УЧК) редови, да се говори албански на цела територија на Република Македонија... сето она со што ве заплашуваа, драги мои, ќе ви дојде на врата.

Како што спомнав некаде, до изборите, имав една доза на разбирање, до некаде и жалење за вас. Не знам зошто, се надевав и посакував да излезете од клептоманската пирамида. Не успеавте. Ве оставам сами на себе. Секој - со својот крст.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото