Логично е!

12.06.2015 00:19
Логично е!

Неуспехот на разговорите во Брисел беше очекуван. Очекувано беше дека Груевски ќе ја префрли одговорноста за неуспехот на Заев, на некакви си граѓански организации кои го поддржуваат и на клетите професори кои го советуваат. Очекувано е и натамошно продолжување на македонската политичка криза, односно агонијата предизвикана од „бомбите“ на Заев. Очекувана е и секоја нејзина вонинституционална разрешница. Значи, дојдени сме во ситуација кога веќе ништо не може да нè изненади, бидејќи аргументите и поведенијата на сите протагонисти кои нè доведоа до тука се целосно соголени, а со тоа и предвидливи.

Прво, сосема логично беше однесувањето на еврокомесарот Хан, кој е во улога на посредник, односно олицетворение на меѓународната медијација во надминувањето на кризата. Него го интересира смирување на тензиите, а не поправка на дефектите во македoнската демократија. Неговата главна алатка е повикот за компромис меѓу двете спротивставени страни, а не суштината на нивната спротивставеност. И тоа е сосема логично, бидејќи посредувањето се потпира на формулата – попуштање на двете страни со цел нивно приближување до наоѓање заеднички прифатливи решенија, а не на арбитража. За жал, кога инсистирате на формата, многу често крајниот резултат се нарекува – јалов, односно гнил компромис. Кој е во функција на привремено стивнување на пожарот, а не на негово гаснење.

Второ, сосема логично е однесувањето на лидерот на опозицијата, Заев, кој инсистира на отсуство на Груевски од која било форма на привремена, преодна, или транзициска влада. Сосема логично е неговото барање е да се остави што е можно подолго време за подготовка на предвремените парламентарни избори, бидејќи демонтажата на вмровската партизација на сите институционални сегменти на државата претставува процес кој бара време. Уште пологично е неговото спротивставување на брзи предвремени избори, бидејќи е свесен за мрежата на ВМРО-ДПМНЕ, која подразбира сè, само не регуларни избори.

Трето, сосема логично е инсистирањето на Груевски да биде претседател на таквата преодна влада, односно непопуштањето пред барањата на Заев за негова демисија. Логично е на Груевски да му се брза за нови избори, бидејќи е свесен дека времето не работи за него, зашто со секој изминат ден и со секоја наредна „бомба“, неговиот рејтинг паѓа. Логично е Груевски да го обвинува Заев за страв од избори, како што е логично истиот тој Груевски да се плаши од изборен пораз, бидејќи потоа ќе бидат активирани правните механизми против него и неговите најблиски соработници.

Логично е ваквата спротивставеност меѓу двете поларизирани опции да не може да се надмине преку договор или преку институциите на државата, како што некои заговараат.

Логично е македонската криза да трае до состојба на нелогичност, која, исто така е логична.

Логично е сите ние да запаѓаме во сè поголем гнев, страв и неизвесност, бидејќи ирационалноста е сосема логична последица на целата серија логични нелогичности.

Логично е еден ден сето ова да заврши, како што е логично во Македонија, во меѓувреме, логиката неповратно да емигрира.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото