Für Balkan - Хан, фактор на ризик

18.01.2016 18:48
Für Balkan - Хан, фактор на ризик

Последната средба на лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија, претпоставена како завршна за визирање на претходно договорениот ден за одржување на предвремените парламентарни избори (24 април, 2016), доживеа целосен неуспех. Нашиот Нерон изјави дека „одговорниот за тоа е лицето чие име е Зоран, а презимето Заев“. Тоа лице „ја држело земјата во заложништво“. Каков комплимент за З.З, доколку не доаѓаше од устата на еден сосема споулавен човек, кој веќе десет години ја има апсолутната власт во земјата и кој, пред неколку години, со речиси истата контрола над најважните институции во земјата, за истата заложничка моќ обвинуваше едно друго лице - лицето Б.Ц. Наскоро може да очекуваме да каже дека Македонија е заложник на народот кој не успеа да ја сфати неговата „жртва“ и „посветеност“ што така несебично му ги испорачува.

Од друга страна, еврокомесарот за соседски политики и проширување на ЕУ, господинот Хан, помеѓу мноштвото рутински фрази за заобиколување на суштината, само со една реченица меѓу нив ни го соопшти истото што го изјави и нашиот Нерон. Ни кажа дека „само поради една партија средбата доживеала неуспех“, наспроти трите други партии што „биле подготвени да одат на фер и демократски избори“ на 24 април, оваа година. Очигледно, господинот Хан не ја послушал Катерина Блажевска која (пред да полета кон магловитиот скопски аеродром во земјата што се гуши од нечист воздух и бројните валканици на власта) му порача дека нема право на грешка, иако тој, на својот интернет профил, тоа го споделил во знак на согласност.

Нам, пост-фактум, не ни преостанува ништо друго освен да заклучиме дека има согласност за тоа дека тој не смее да направи грешка, но немало согласност за тоа што се смета за грешка. А грешка е, за целата демократска јавност во Македонија: да им одиш во прилог на групата бандити што ја доведоа земјата до ова дереџе; да занемариш бројни клучни обврски без кои нема фер избори, демократско општество, стабилност, просперитет, промовирање западноевропски вредности. Грешка е: да му дадеш повторна шанса на Злосторникот, преку нови, однапред купени избори со јавни пари, со попречување навреме да бидат обелоденети неговите огромни финансиски криминали и кршења на човековите права, со помош на истите содружници - злосторници од медиумите и од судството - да оди слободно и бесрамно, наводно, пред судот на јавноста, правејќи сè таа јавност, тој народ, да не дознае ништо, или што помалку да дознае од вистината за злосторствата што ги правел и ги прави.

Но, на господинот Хан не му е ова првпат да покажува недозволено разбирање за „аргументите“ на Злосторникот, на Апаштот, на нашиот Нерон и на неговите содружници. Тоа особено се случуваше на средбите веднаш по големите протести на демократската опозиција во мај 2015. Затоа тогаш се потегнаа прашања за причините за неговата необјективност или пристрасност врз основа на претпоставена „народњачка идеолошка блискост“ и врз основа на тврдење за постоење извесен „конфликт на интереси“. Следеа новинарски истражувачки обиди за докажување на евентуалниот конфликт на интереси. Тие истражувања, по мое мислење, индицираа извесна основа за оправдан сомнеж за постоење конфликт на интереси на релацијата Хан - Република Македонија.

Меѓу другото, истражувачкиот тим на БИРН, работејќи на утврдување на цената на „Скопје 2014“, ги наброја редоследно компаниите со најголемо учество во поарчените пари за карневализацијата на Скопје, стигнувајќи до документирана бројка од поарчени над 600 милиони евра. Имено, тие документираа дека на првите две места (во наведениот износ) се две македонски компании, првата со добиени тендери, односно изведби за околу 200 милиони евра, втората со нешто над 100 милиони евра. Но, на трето место, ни соопштија, е една австриска фирма, со близу 40 милиони евра, во која господинот Хан има, не многу акции, но ги има. Беа посочени и сознанија дека тој членувал во бордови на компании што, исто така, имаат бизниси во Македонија.

Но, она што не беше акцентирано во тие анализи е фактот што Австрија е држава-резидент на повеќе компании што поседуваат важни супсидијарни бизнис-ентитети во Македонија (што само по себе воопшто не е спорно, зашто со истите наши политики тие компании би биле ентитети во сопственост на компании од некои други држави), а господинот Хан е, сепак, Австриец. Поради сето тоа, имаме оправдана основа, ако не друго, барем да помислиме дека позицијата на господинот Хан како IMPARTIAL SPECTATOR (A. Смит), кој е делегиран и прифатен, на некој начин да арбитрира помеѓу „завојуваните“ страни во Македонија (врз основа на неговата европска функција) е под некаков вид оптоварување.

Патем да спомнам, кога во една прилика еден од менаџерите на една странска компанија го прашав „зошто сте толку сервилни кон власта, па дури влегувате во поддршка на проекти на Владата (издвојувајќи пари) што се поврзани со нејзината политичка корупција на избирачите“, ми одговори без заобиколување: „Од централата ни е нагласено да бидеме многу внимателни и кооперативни со Владата, да не предизвикуваме анимозитети“! Затоа некои компании „доброволно“ учествуваа во отписи на долгови на граѓани во период пред избори, а некои од нив градат, или помагаат „доброволно“ изградба на инфраструктурни објекти во Скопје и општините, без наплата.

Според тоа, можно ли е претставниците на австрискиот капитал во Македонија, кои многу добро „соработуваат“ со Владата, а некои од нив можеби искусиле и определени притисоци од Владата, да бараат господинот Хан да не ги раскарува со Злосторнициве, зашто, кој знае, можеби тие и натаму ќе останат на власт? Се разбира, со ова јас не сакам априори да тврдам дека ставовите на господинот Хан се мотивирани токму од овие причини, кои, според не мал дел од демократската јавност, имаат преголемо разбирање за ставовите на Злосторникот. Но, факт е дека тоа се случи на повеќе средби: на 19 мај во Стразбур, на 2 јуни во Пржино, на 10 јуни во Брисел, средби на кои, според информации од некои директни учесници, е вршен недозволено голем притисок врз лидерот на опозицијата. И факт е дека работите тргнаа во вистинската насока кога се вклучија четворицата амбасадори на чело со амбасадорот Бејли. Поради тоа, или поради нешто друго, се појави ретко објективниот извештај на господинот Прибе, со конкретни назнаки што да се прави, па така демократската јавност ја огреа надеж дека работите конечно ќе тргнат во добра насока. Во тој меѓупростор, 2 јуни - 15 јули 2015. господинот Хан во некоја форма апстинираше од туркањето на процесот за излез од нашата криза, а работата до потпишувањето на Договорот од Пржино од 15 Јули, се чини, ја туркаше спомнатата четворка, дотуркан до потписите и со напорите на Хан, но според инсајдерските информации од преговарачите, тешко без одлучувачкиот телефонски повик од Вашингтон.

Но, ете, и на последнава средба под палката на господинот Хан, доживеавме некаква реприза на неговата позиција од некои поранешни средби. Повторно имаше неосновано разбирање за позицијата на Нерон и неговите содружници. Секому му е јасно дека малку од клучните работи од Договорот од Пржино се исполнети; дека главниот попречувач е истото суштество што ја произведе кризата; дека тоа суштество прави сè за да избега од одговорноста; дека не дозволува ништо да функционира, правејќи од секоја институција карикатура за негова лична забава и полза; дека од вселената се гледа дека нема создадено услови за фер и демократски избори; дека секому му е јасно доколку сегашната злосторничка гарнитура се „покрие“ со наводен нов успех на изборите, дури тогаш кризата во Македонија ќе се продлабочи и заплетка до несогледливи последици - па сепак, господинот Хан застапуваше став дека тие треба да се одржат на 24 април, амнестирајќи ја Бандата за опструкциите врз спроведувањето на клучните прашања од Договорот, истовремено нудејќи ѝ можност да избега од мечот на правдата.

Зошто, господине Хан? Ако не се работи за прашања поврзани со т.н. конфликт на интереси; ако не се работи за недостиг на информации, бидејќи тоа не е можно покрај толку многу инволвирани субјекти, аналитичари, информатори..., бидејќи сè е на виделина; ако не се работи за недостиг на интелигенција, зашто господинот Хан тешко би стигнал до сите тие позиции што ги имал и ги има без висок степен на интелигенција и напорна работа - поради што друго господинот Хан има тенденција да му прогледува низ прсти на Сатрапот?

Во повеќе прилики некои прилично повозрасни луѓе од мене, кои имале интелектуална комуникација со предвоена Австрија, или студирале таму, ми имаат раскажувано дека, на пример, на дипломите за завршени медицински студии, на лица од просторот на поранешната Југославија (пред Втората светска војна), им втиснувале назнака 'FÜR BALKAN. Тоа значело дека дипломата важи само за Балканот. Ако е ова точно, бидејќи јас немам видено таква диплома, дали господинот Хан, од една страна ни зборува за европски вредности, од друга страна во Пржино ни дели дипломи за демократија и правна држава со назнаката - FÜR BALKAN?

Се разбира, пишувајќи ги овие зборови за некакво незадоволство од ставовите на господинот Хан, колку и да мислам дека имам право на тоа, зашто со таква негова позиција мислам дека не се решаваат нашите проблеми, истовремено и дефинитивно длабоко се срамам. Тој и сите во неговата улога, може да ни кажат: ако сте така умни, а незадоволни од мојата/нашата помош, зошто не си ги решите сами вашите проблеми? Но, и покрај тоа што се срамам од нашата сегашна неспособност, и покрај тоа што тој може така да одговори на мојата и слични такви критики, тој/тие тоа нема да го сторат зашто: тие нè убедија дека обединета Европа е гарант за мир на континентот, а седумте децении по Втората светска војна се голем аргумент за тоа; нè убедија дека Европа без граници е неспоредливо поефикасна, пофункционална економија која создава повеќе поттици за севкупен просперитет, за подобар живот на сите жители на континентот; нè убедија, голем дел од нас, дека местото ни е со нив, судбината ни е заедничка, дека и кризите и просперитетот се „течности“ што се прелеваат преку граници. Дефинитивно тоа нема да ни го кажат, барем не во лице, зашто длабоко знаат дека е и во нивен и наш интерес да победат и кај нас силите што се согласни со вредностите што тие ги фаворизираат - без оглед на нашиот број и квадратни километри на кои сме залегнати. Од историјата знаат дека и мали искри можат да предизвикаат големи пожари.

Затоа, ниту ќе нè „пуштат“, ниту ние ќе ги „пуштиме“. Според тоа, господине Хан, ако не се работи за конфликт на интереси, мал или голем, тогаш немојте ниту да ни пишувате дипломи FÜR BALKAN.

(Текстот е напишан пред новата трагикомична изјава на комесарот Хан).

18.01.2016 год.

 

Извор: Плусинфо
Слики: Странски служби