Не си играјте со оган, немате доволно сендвичи!

30.03.2016 03:17
Не си играјте со оган, немате доволно сендвичи!

Не сум човек што се заканува, бидејќи сметам дека тоа е акт на насилство. Сепак, последните случувања во македонскиот Парламент во кој, само една недела пред неговото распуштање, на дневен ред експресно се поставија измените на Законот за кривична постапка (ЗКП), во мене распламтија силен гнев. Според веќе утврденото сценарио, истиот ден кога Специјалното јавно обвинителство го објави предметот „Тортура“, вмровското мнозинство во Собранието ги најави измените на ЗКП, чија суштина е пролонгирање на обвинителниот акт за цели три месеци, наместо сегашните 15 дена.

Не сум човек што се заканува, ама ваквиот манир на легислативна специјална војна против СЈО, ако досега ја доживував како комедија на една распаничена власт, сега ја прифаќам како агресија. А една агресија, предизвикува друга. Тоа што го направи Уставниот суд со експресното враќање на дискреционото право на шефот на државата да помилува лица за изборен криминал и тоа само ден по објавата на предметот „Титаник“, тоа што сега го прави анонимусот од Советот за јавни обвинители кој ја повикува Јанева на распит како услов да ѝ ги препушти предметите „Маѓар телеком“ и „Шпион“, е директно фрлање ракавица в лице. А тоа, опасно ме лути.

Не сум човек што се заканува, ама опструкциите што ги прават вмровските членови во ДИК со проверката на спорните гласачи, или ароганцијата на оној вмровски член на собраниската комисија кој најдрско ја повикуваше претседателката на СЈО да му го реферира нејзиниот извештај, го доживувам како хиенски кикот насочен против мене, против мојата личност, против моите принципи и против моите сфаќања. А тоа ме разбеснува.

Не сум човек што се заканува, ама медиумската харанга на ничкосаните владини медиуми и нивните фронтмени, за кои вест на денот е колку станови имала Јанева, какви гревови имал таткото на Ленче Ристоска или монтираната фотографија на Фатиме Фетаи, со целосно игнорирање на содржината на прес-конференцијата на СЈО, ме доведува до лудило.

Не сум човек што се заканува, ама кога ги ислушав деталите за апсењето на Љубе Бошкоски, за кукавичката тортура врз него извршена од страна на „силните мажишта“ од единицата Алфи проследена со удирање, ставање пиштол в уста и набивање на главата во клозетска шолја, кај мене предизвика силен револт.

Не сум човек што се заканува, ама чувствувам природна потреба да предупредам на следново:

- Дами и господа од врхушката на владејачката партија, одработувачи и мажоретки на Груевски, стратешки распоредени низ институциите во државава. Немам право да ви забранам да си верувате во она што ви се сервира и она што им го сервирате на вашите поддржувачи, обожаватели и следбеници, не ви бранам да верувате во детелина со четири листа, во тезата дека земјата е плоча или во приказната дека вашата партија ќе владее уште 100 години, ама... треба да знаете и да верувате дека Специјалното обвинителство ќе си ја продолжи работата и најверојатно во наредниот период ќе следат нови предмети за злоупотреба на власта.

Токму затоа, немој ѓаволот да ве лаже повторно да си играте со Уставниот суд, односно со преоценување на уставноста на СЈО. Нема да имате доволно сендвичи за да го изгасите огнот што ќе го запалите.

Не сум човек што се заканува, ама ако се случи тоа, некој опасно ќе ја почувствува мојата закана.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Странски служби