Упатените странци за СK014 (1) - Се работи за некој вид Дизниленд!

10.02.2017 15:46
Упатените странци за СK014 (1) - Се работи за некој вид Дизниленд!

Почнуваме нов фељтон на Окно: упатените странци за овдешното архитектонско-урбанистичко лудило...

Архитектот Галусек: Скопје 2014 е шокантен и вештачки проект

Шокиран сум од проектот Скопје 2014, изјави познатиот полски архитект Лукаш Галусек, кој прв пат го посети Скопје во ноември 2015 година.

„Сеуште сум во шок, го видов овој проект во весниците и на интернет, но фотографиите секогаш прават дистанца. Кога дојдов овде, едноставно се шокирав. Морам да признаам дека дури и не можев да спијам заради осветлувањето на брегот на Вардар, што силно ги осветлува зградите. Навистина не можам да ги разберам причините. Можеби ако дознаам некои причини, ќе имам некои одговори. Ова е толку вештачки што е незамисливо дека вакво нешто може да постои. Една од моите импресии е дека ова е слично со Вишеград на Емир Кустурица: ако сме немале ренесанса и барок – ќе си изградиме нов убав барокен град и така и Србите ќе имаат таков град, а не само Хрватите. Не е битен Дубровник и ние ќе си имаме барокен град. Можеби се работи за тоа. Но, зошто толку вештачки?

Ако градот е вештачки и толку брзо изграден – тоа е мртов град. Ако ова било плод на вашите дискусии и истражувања или обид да се направи ре-евалуација на вашата историја, зашто 20-иот век беше навистина многу тежок, не само за Македонците, туку и за Полјаците, за сите нас овде во централна Европа, мора прво да најдеме решенија, а потоа да им дадеме форма. Градот мора да расте природно, ако расте премногу брзо и само заради некои одредени причини, тоа е вештачки град. Се плашам дека ова што е направено овде е пребрзо и без учество на граѓаните“, вели Галусек.

Лукаш Галусек е архитект и издавач. Се занимава со културата и уметноста на Средна Европа, особено со врските меѓу просторот, сеќавањето и идентитетот. Работи во Меѓународниот културен центар во Краков. Тој има пишувано и за архитектурата на Скопје, неговиот модернизам и најновите зафати во градот.

Теофил Панчиќ: Луѓето се срамат од Скопје 2014 и што нивниот град служи за потсмев

Познатиот српски колумнист, новинар и писател Теофил Панчиќ, на неговата авторска вечер во Скопје во март 2015 година, за објектите од „Скопје 2014“ рече дека се толку чудовишни што додека не ги видите со свои очи не можете да верувате дека може да постои нешто такво.

„Не бев подготвен за оној Промотеј кој бил прво без гаќи, а потоа со гаќи. Не бев подготвен на оној Александар кој не е Александар, на неговиот коњ Букефал, кој не е Букефал. Тоа за мене е тематски парк. Јас не живеам тука, но гледам дека луѓето овде ги доживуваат како сопствена срамота. Иако тие не одлучиле да се прават такви грдотии – се срамат наместо тие што ги направиле. Се срамат што центарот на нивниот град служи за потсмев. Ова е бизарен показател на една грандоманија која би ја нарекле националистичка, но и тоа е сомнително“, рече Панчиќ.

За него е непоимливо како е можно некој „генијалец“ да смислил дека треба да се надоградат гипсени „барокни“ балкончиња на згради изградени во времето на социјализмот во центарот на Скопје, и кои, како што рече, сосема солидно можат да изгледаат.
„Па тоа и во некоја хумористична серија да го ставите, ќе речеа дека е претерано. Слушам дека и трговскиот центар требало да добие барокна фасада, Па што има врска барокот со нешто како што е трговски центар кој е цивилизациски изум на 20. век. Се работи за некоја длабоко примитивна перверзија која ве остава без здив.Би сакал да ги запознаам тие луѓе што го смислиле ова, да ги проучувам…па кои се тие луѓе?“, рече Панчиќ.

Роман Уранјек: Жал ми е што „Скопје 2014“ е Дизниленд

Членот на светски познатата словенечка уметничка група ИРВИН (IRWIN), Роман Уранјек, кој во јуни 2014 година имаше своја самостојна изложба во Мала станица, рече дека жали што Скопје заличува на Дизниленд.
„Бев апсолутно изненаден. Според мене, се работи за некој вид Дизниленд. Многу ми е жал што вашите власти не соработувале со уметници како што е, на пример, Џеф Кунс, зашто на тој начин би се направиле нешто што можеби би имало повеќе уметнички референци отколку вака како што е. Сега некако недостасува тој момент на уметност – повеќе е присутен елементот на кич.“

Звонко Маковиќ: „Скопје 2014“ е како проектот на Хитлер во Германија

Хрватскииот историчар на уметноста и книжевноста, поетот и есеист Звонко Маковиќ, кој неколку години го проучува феноменот СК014, вели дека власта во Македонија е на многу опасна трага на национализмот во Германија во времето на Хитлер.

„Не станува збор за културен туку за политички проект, кој нема никаква врска со уметноста, ниту со естетиката, тоа е вулгарна естетика, тоа е ноторен кич, но, пред се’ тоа е политички кич кој го покажува самоволието на власта, која наспроти стручната јавност го спроведе својот политички проект“, рече Маковиќ.

Според него власта заборавила дека постои меморија.
Шизофрено е да се измислува некоја стварност што не постои, како што не постои бетонска галија. Како што никогаш не постооеле галии на реки, ниту на Дунав кој е поголема река од Вардар. Ниту на Рајна немало никогаш галии. Според тоа, се работи за една лага и како што се лаже во материјалот – бетон, така се лаже и во идејата, а тоа е многу поопасно и со поголеми последици“, вели Маковиќ.

Причината за проектот Скопје 2014 тој ја гледа во жестоката националистичка идеологија:

„А тука сосема сигурно некој има голема материјална корист. Вие немате патишта, тротоари училишта и зошто тогаш да се градат вакви објекти со ваши пари? Јас ја проучувам идеологијата на нацизмот, доктрината на Хитлер која ја унакази Германија, кога власта и властодржецот директно диктирале како ќе изгледа Германија. Откако се појави Баухаус и Берлин стана еден од најмоќните културни центри, Хитлер отиде во антиквизација и ја правеше нацистичка Германија, преку својот архитект Шпер. Вашата власт е на таа трага“, рече Маковиќ кога во февруари 2014 година во Скопје учествуваше на дебатата „Спомениците и политиката: Дали „Скопје 2014“ е културен или политички проект?“

Подготвила: Александра Бубевска
Слики: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото