Упатените странци за СК014 (2) – „Ми беше срам“

22.02.2017 14:06
Упатените странци за СК014 (2) – „Ми беше срам“

Желимир Жилник: „Скопје 2014“ е историски срам

Култниот режисер на југословенскот филмски црн бран, Желимир Жилник, кој во Скопје гостуваше во декември 2013 година, на покана на Контрапункт, говореше и за проектот „Скопје 2014“.

„Кога се прошетав низ Скопје, она што ми беше интересно е што целата трагикомедија на приказната за транзицијата во која живееме, овде во Скопје, со ова редизајнирање на градот, сериозно е доведена до своите крајни консеквенци. И во Србија и во Хрватска, во Романија или Бугарија, го има истото, ама овде е реализирано. И Србите велат: „Ние сме небесен народ“, но немаат доволно храброст да направат скулптура на господ и да одлучат кој ќе биде прв до него. И не знаат како да ги поделат рајот и пеколот заради тие големи фалсификувања на историјата. Хрватите – исто, има теорија дека потекнуваат од Персијците...

Така што, тоа што овде што се случува – не е нешто необично во ова време на транзиција. Но овде естетиката потсетува на естетиката на забавните паркови и во тоа гледам една политичка досетка на владеачките гарнитури кои не знаат како да ги идентификуваат своите погледи на работите и на иднината и како општеството да го воведат во нормала.
Ввсушност, станува збор за владеачки гарнитури кои доаѓаат на власт со идеологијата „ние ќе му го вратиме достоинството и идентитетот на нашата нација“, а што се случи? Сите тие гарнитури од екс Југославија, од Словенија, преку Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, сега и Македонија, му нанесуваат на својот народ стравична историска срамота.“


Теодор Целаковски: Зад ваквите проекти често се кријат коруптивни афери

Еден од највлијателните хрватски активисти Теодор Целаковски од иницијативата „Право на град“, во декември 2013 година учествуваше на конференцијата „Сеќавања на еден град, Микроутопии и стварност“. И тој проектот „Скопје 2014“ го спореди со големите коруптивни афери што ја треселе Хрватска.

„Скопје 2014 на прв поглед наликува на ексцес. Тука се спомна и Дизниленд. Но, мислам дека овдешната јавност повеќе се фокусира на манифестното ниво на тој проект, или на тоа како градбите влегуваат во просторот и како тоа изгледа... Но, ми се чини дека истражните органи недоволно се занимаваат со други аспекти проектот; иако, ми се чини, тие овде се под целосна политичка контрола. Во секој случај, сигурен сум дека вакви големи потфати, кои чинат стотици милиони евра, не поминуваат без еден коруптивен клиентелистички начин на одработување, кој на политичките елити на власт им го одржува животот на подолг период.

Во Хрватска, автопатиштата беа тоа општо место за кое имаше консензус за инвестирање во нив, но сега со апсењата на голем број директори и вработени во министерствата кои биле надлежни за градбите, се покажа дека се ваделе неверојатни суми пари и се слевале во приватни џебови и во политички кампањи, на суптилни и не толку суптилни начини.

И за овдешниов проект се сомневам дека ваква масивна градба поминала без тој аспект. Тоа е еден аспект на транзиционен, речиси феудален, клиентелистички и коруптивен амбиент, во кој сите тие работи имаат манифестно ниво, а всушност нивната динамика е врзана за одржување на моќта, на власта и за продукција на тие спектакуларни настани со кои се симулира дека политиката нешто сака на направи и работи.“


Мохсен Макхмалбаф: Спомениците во Скопје не само што се грди, туку имаат сомнителна општествена вредност

Иранскиот режисер Мохсен Макхмалбаф е познат како еден од највлијателните светски филмски режисери и водечка фигура на новиот бран во иранската кинематографија.

Тој во април 2015 година учествуваше на „Скопје филм фестивал“ и на новинарско прашање за спомениците во центарот на Скопје рече дека иако бил во повеќе од 250 светски метрополи нешто вакво грдо никаде не видел.

Никаде не сум видел толку грда композиција на скулптури. Тоа не е проблем само на уметничката композиција, тие се и општествено проблематични. Да исечеш дрво за да поставиш претстава на дрво, што е целта на тоа? Или што би значела скулптурата на Александар?! Тоа за мене е некој војсководец што ја нападнал мојата земја.

Обичните луѓе би требало да се препознаат во тие скулптури, треба да има скулптура на еден рибар или на еден работник од вашата земја. Но, мислам дека и народот тука е дел од проблемот зашто ако на луѓето не им се допаѓаат спомениците а не наоѓаат начин да го артикулираат своето незадоволство - тогаш постои страв, па и тоа покажува каква е ситуацијата тука.“


Борис Дежуловиќ: Туѓман осум пати би свршил на „Скопје 2014“

Еден од најпознатите хрватски новинари, Борис Дежуловиќ, во декември 2014 година на своја авторска вечер во Скопје рече:

„Го видов тој Дизниленд, Лас Вегас, антички тематски парк и ми беше незгодно шетајќи по кејот на Вардар да ги гледам спомениците на сите тие револуционери, свештеници, цареви и пејачи на едно место. Ми беше срам, бидејќи Македонија сè уште ја чувствувам како своја земја, ми беше незгодно. Тоа те навредува како интелигентно суштество, не можеш ни да му се смееш. Туѓман, кој беше една ретардирана, смешна но и опасна варијанта на диктаторите како Пиноче, тој осум пати ќе свршеше да можеше го види сегашното Скопје. Тоа е таа иста естетика. Да, ги видов и галиите и оние стебла во Вардар и грандиозните барокни зданија направени од стиропор и од гипс-картон.“

Слики: Свирачиња
Подготвила: Александра Бубевска 

Слични содржини

Јавни Простори / Култура
Јавни Простори / Теорија / Историја
Јавни Простори / Став
Јавни Простори / Став

ОкоБоли главаВицФото