Вештерките денес

04.03.2017 12:52
Вештерките денес

девојко

ти која чекориш по улици
со имиња машки
ти која стоиш под споменици
на лажни херои
знаеш ли дека твојот чекор
прави дрвја
да раснат зад тебе
знаеш ли дека твојот збор
гради светови
во кои сме слободни.
ти која даруваш оргазми
а своите ги оставаш под туш,
ти која не го будиш
оној кој ти го спие сонот
знаеш ли дека твојот дом
мириса на леб и мед
и сè околу тебе
се дуе ко квасец
а ти забораваш да јадеш.
знаеш ли дека во едно твое
срамно влакно
е цела прекрасна вселена
која немирно цвета
а ти го криеш и корнеш.
девојко
ти која се гледаш
во огледало искршено,
знаеш ли дека во твојот лик
сета болка на светот е собрана,
а ти сè уште се сеќаваш
како да се смееш и сакаш.

не ми кажувај да се смеам

јас сум ранета кучка
куцам по темни сокаци
спијам сама во трошките
на твојата алчност.

не ми кажувај да се смеам
вчера таванот ми падна на теме
додека готвев ручек за утре
и задутре.

не ми кажувај да се смеам
немам бели заби
ги продадов за парче леб
кое не можам да го џвакам.

не ми кажувај да се смеам
земјата се витка во
менструална болка
а ние ѝ играме оро на стомак.

не ми кажувај да се смеам
јас сум гнев гаен со векови
јас сум медиум
милијарда жени
предци
потомци
во хор
во мене
не ни кажувај ти
на нас
кучките
не ни е воопшто смешно.
 

вештерките денес

точакот на бети
свети како диско топка
по долгите булевари.
уличните светла
згаснуваат
пред нејзиниот сјај.
таа не вози.
таа лебди
неколку сантиметри
над асфалтот
кој се топи под неа.

бети има црна коса
црвени усни
боси стапала
и светкави канџи
со кои гребе по
дефиниции.
бети е жена
вештерка
магија
во која обичните
не веруваат.

кога ја видов бети
вжештени комети
паѓаа во градот
а јас не забележав.
сè што сакав да знам
е како и јас
да станам вештерка.

Слики: Eugenia Loli

Слични содржини

Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото