Хиро Танигучи (1947-2017) - стрип поет

07.03.2017 05:58
Хиро Танигучи (1947-2017) - стрип поет

Славниот јапонски манга автор Хиро Танигучи (1947 – 2017), беше познат по елегантна линија во своите цртежи и комплексно изработените пејзажи.

Карактеристика на авторскиот ракопис на Танигучи е уникатниот начин на кој им приоѓаше на ликовите и тоа беше една од причините поради која читателите на манга стриповите во Јапонија толку го почитуваа неговиот единствен стил.

Неговите дела, како „Шетачот“, „Самитот на боговите“ и „Волшебната планина“, се разликуваат од жанрот за кој се смета дека често е вкоренет во екстремно насилство и порнографија.

Во „Шетачот “, главниот лик во приказната едноставно талка фасциниран од аспектите на секојдневниот живот.

Во едно интервју од 2012 година, Танигучи објасни зошто во неговата уметност никогаш не користел компјутер.

„Не користам компјутер, бидејќи не знам како, ја немам таа вештина“, изјавил тој.

Танигучи бил изненаден и од неговата популарност во западниот свет.

„Не знам зошто сум познат надвор од Јапонија. Можеби заради тоа што мојата работа е слична на западните стрипови, ги следам 30 години и тие влијаеја на мојата потсвест“.

Деталните пејзажи исполнети со разни ликови, во стриповите на Танигучи беа споредувани со некои европски стрипови како „Тинтин“.

Роден во градот Тотори, Танигучи својата прва карикатура ја објавил во1970 година. Многу години подоцна неговата графичка уметност замина во Франција, каде во 2015 година беше претставена на меѓународниот фестивал на карикатурата во Ангулем. Во 2011 година Хиро Танигучи од Франција го доби одликувањето Витез на уметноста.

Хиро Танигучи не е обичен стрип автор, тој е стрип поет. Како да постои нешто вистинско во работите за кои раскажува, толку вистинско што ни се чини дека во тој момент можеме да го застанеме и допреме. Тој раскажува за деталите од секојдневниот живот, за кратката пауза во работното време или за малата прошетка во природа. Сето тоа остава медитативен впечаток, како времето да застанало. Тој ни обрнува внимание на работите во секојдневниот живот што сме ги заборавиле и на кои повеќе не мислиме, иако се околу нас. Работи што се убави и вредни. Доволно е малку да ги отвориме очите и да го сопреме животот за момент во кој ќе може да уживаме. Набљудувањето на облаците во еден летен ден, првиот контакт со една нежна љубов или уживањето на морската плажа. На Танигучи му успева да нè убеди да уживаме во моментите на нашиот живот.

Танигучи уште од раните години се запознава со јапонски стрипови, манга. Уште од самиот почеток му било јасно дека еден ден ќе стане „мангака“, односно стрип цртач. Кога на почетокот на седумдесеттите години ги објавил своите први стрипови, тие биле жанровски: крими приказна, бокс драма, научна фантастика, а заради содржината биле наменети за возрасни публика. Сепак, како и кој било друг уметник, Танигучи од самиот почеток бил во потрага по сопствен стил, кој еден ден ќе стане препознатлив.

На почетокот на осумдесеттите години, Танигучи ги проширува темите што ги користи во стриповите: серијата во пет дела „Botchan no Jidai“, за писателот од Меја ерата (1867-1912, време кое е синоним за модерна Јапонија), кој се смета за основач на новиот литературен вид на манга. Така го потврдува својот статус на раскажувач. Во 1992 ја создава збирката „Aruku Hito“ за човек без име, кој талка по градот и му се восхитува на секојдневието.

Големо влијание врз него имале француско-белгиските стрипови, кои во средината на седумдесеттите години му ги прошириле гледиштата и му отвориле простор за експерименти. Разновидноста на стриповите во Јапонија било нешто сосема ново. Особено влијание врз неговата работа имал Bandes Dessinées. Интересот за француските стрипови го спојува со францускиот стрип автор Фредерик Боале, кој во делата на Танигучи препознал паралели со сопствените дела. Од него доаѓа терминот „Nouvelle Manga“, со кој се објаснуваат јапонските стрипови кои раскажуваат приказни од секојдневниот живот.