Бродското сидро и ѕвоно под Камениот мост

29.03.2017 11:54
Бродското сидро и ѕвоно под Камениот мост

На 20 септември 1948 година, претседателот на Градското собрание на Скопје доби покана од бродоградилиштето „3 Мај“ од Риека. Поканата гласеше: Градот Скопје да испрати делегација на свеченото пуштање во море на бродот „Скопје“. Со одлука на бродоградилиштето „3 Мај“ од Риека бродот го добил името „Скопје“. За секој брод што се гради има две свечености - крштевки. Еднаш кога од суво (на самото бродоградилиште, помеѓу два големи крана и на две дрвени шини) се спушта во море, што се вика нурнување, и втора свеченост е кога бродот е комплетно готов и запловува во море.

Тогашната претседателка на Градското собрание на Скопје, Вера Ацева, веднаш ја одреди делегацијата што требаше да присуствува на свеченоста во Риека. Делегацијата беше во следниот состав: Киро Размов (претседател на Планска комисија), Трајко Стојков (началник на Стопанска координација, претставник на Народниот фронт и Сојузот на борците) и Нада Попова (претставничка на АФЖ).

Задачата беше делегацијата веднаш да се подготви за пат во Риека и со себе да понесе како подарок еден персиски ќилим. Бидејќи беше попладне, Киро Размов и Трајко Стојков наидоа на затворени врати во фабриката за домашни ракотворби.

На чуварот му предадоа писмо и со негово одобрение го изнесоа ќилимот од канцеларијата на тогашниот директор Писевски и го натоварија на воз.

Истиот ден вечерта делегацијата тргна со воз за Риека. Бидејќи во тоа време немаше коли за спиење во возовите, патувањето беше многу мачно, но сепак стасавме навреме. На железничката станица во Риека нè пречека делегацијата од бродоградилиштето „3 Мај“.

Свеченоста се одржа на бродоградилиштето во Риека и беше од големи размери. На свеченоста беше присутен и министерот за поморство на Југославија, Вицко Крстуловиќ. Церемонијата на нурнување или пуштање на бродот во море беше многу интересен и впечатлив чин.

Бродот се гради на суво, поставен на две големи дрвени шини премачкани со восок и меѓу два големи крана. Кога бродот е готов и подготвен за спуштање, најдобриот работник, т.е. ударник ги сече јажињата со секира. Во тој момент двете хидраулични пумпи, кои се поврзани со јажињата што ги сече ударникот, почнуваат со работа и го притискаат бродот да тргне по шините во море. Во истиот момент удира и шишето шампањ во бродот. Доколку целиот процес помине во најдобар ред и бродот стабилно се лизне во морето, тоа претставува голем успех за градителите.

На наша општа радост, церемонијата помина во најдобар ред. Пред пуштањето на бродот „Скопје“ во море, говор одржа нашиот шеф на делегацијата, Киро Размов. Сè беше на највисоко ниво. По церемонијата нè сместија во една од најубавите вили на Јадранот – „Вила Павело“. Нè прошетаа до Опатија и Истра (кои само пред неколку години беа соединети кон Југославија, а дотогаш беа италијански). Истарските жители немаа поим за Македонија. Шегувајќи се, нè прашуваа: „А где му доѓе та Македонија“.

По три дена нè префрлија со брод до Дубровник. Таму отидовме во посета на скулпторот Аугустинчиќ, кој го правеше нашиот познат споменик (кој денес се наоѓа кај Владата на Р. Македонија) „Ослободителите на Скопје“. Споменикот беше во завршна фаза и се договоривме за неговиот транспорт до Скопје.

Потоа тргнавме со воз со среден колосек преку Иван Планина и по многу маки и застој стасавме во Белград. Оттаму потоа со друг воз се вративме за Скопје.

По првото крштевање и церемонија, неколку месеци подоцна имаше и втора, која се одржа поради комплетната исправност на бродот по пробните пловидби.

На оваа церемонија присуствуваше лично тогашната претседателка на Собранието на град Скопје, Вера Ацева. Таа неколку дена се возеше со бродот по Јадранот.

Бродот „Скопје“, кој спаѓаше во класата полутоварни бродови со носивост од 10.000 тони, пловеше со години по сите светски мориња. Кога конечно беше целосно амортизиран, се врати дома во Риека на сечење и топење. Тогаш сидрото го испратија во Скопје и тоа и ден-денес стои под Камениот мост и му пркоси на времето, но паѓајќи во заборав, бидејќи многу малку се зборува за славното минато на бродот „Скопје“.

Извор: Утрински весник, 19.09.2008

Слични содржини

Јавни простори / Теорија / Историја
Јавни простори / Историја
Јавни простори / Култура / Историја
Јавни простори / Скопје 1963-2013 / Историја
Јавни простори / Историја
Јавни простори / Историја

ОкоБоли главаВицФото