Архитектурата на Скопје – архитектонска интернационализација во времето на Студената војна

26.07.2018 13:54
Архитектурата на Скопје – архитектонска интернационализација во времето на Студената војна

За утописката визија на рушевините од земјотресот...

Утописката визија на рушевините од земјотресот

Изложбата „Скопје: Македонската архитектура во контекст“, која во октомври и ноември 2017 беше во виенскиот Рингтурм (највисоката модерна градба во првиот виенски котар, историски центар на Виена, седиште на осигурувачкиот концерн Vienna Insurance Group), нè потсети дека во Скопје во времето на Титова Југослација беа изградени голем број архитектонски вредни дела. Секако, во позиционирањето на архитектурата во Македонија, како подрачја на архитектурата кои се вредни за внимание, во децениите после Втората светска војна, централно место има нејзиниот главен и најголем град Скопје.

Скопје е внесено на картата на современата архитектура после катастрофалната природна несреќа која се случи на 26 јули 1963 година, се потсетува д-р Јован Ивановски, професор на Факултетот за архитектура на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, со кој разговаравме во Виена. Пред зората на тој ден, во 5:17 часот се стресе тлото од земјотресот со моментална магнитуда од 6,9 степени по Рихтеровата скала. Земјотресот кој траеше 20 секунди, уби 1 000 луѓе во Скопје; повеќе од 3 000 беа повредени, а речиси 200 000 луѓе го загубија домот. Притоа беа уништени речиси четири петини од градот на Вардар. Претходно Скопје со векови растеше константно, од византискиот Среден век, потоа во вековите отоманска власт, па во кралствата на Србија и Југославија и особено во Титова, социјалистичка Југославија.


Во неполните две децении помеѓу завршувањето на Втората светска војна и земјотресот во 1963 година, Скопје забрзано се трансформира во модерна републичка метропола. Иако не е јавно деклариран како преферентен во архитектурата, преовладуваше интернационалниот стил, со едноставни, слободно стоечки, волуминозни градби. Кон крајот на педесеттите новите станбени, управни и други институционални градби беа очигледни симболи на забрзаната општествена модернизација. Рамните линии, глатките површини без орнаменти, функционалните распореди, рационализмот и чистината на формите се присутни во сите значајни проекти од тој период, како што се Гранд Хотел Скопје (на архитектот Славко Леви), стоковната куќа Нама и Работничкиот дом (Славко Брезоски), Скопскиот саем (Климе Пијакоски), како и зградите на судот (Никола Сајичиќ) и електродистрибуција (Бранко Петричиќ). Во периодот од 1949 до 1956 година се градеше Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Скопје, според проект на славниот словенечки архитект Едвард Равникар. Тоа беше време кога цела Југославија беше „домашен терен“ за архитектите од целата тогашна држава.


Логично, после земјотресот Скопје доби нов, исклучително моќен градежен елан. Помош стигна од сите републики во Југославија и 78 држави од светот. Многу познати личности активно се заложија за обнова на градот. Меѓу другите, Пабло Пикасо на Скопје му ја подари сликата „Глава од жена“. Странскиот архитект, кој најтесно беше поврзан со изградбата на новото Скопје е Кензо Танге (1913-2005). Еден од главните претставници на новата јапонска архитектура после Втората светска војна, Танге и пред Скопје имаше искуства со уништени места. Неговата прва голема реализирана градба е Музејот и архивот на мирот во Хирошима (1949-1956). Потоа Танге проектираше бројни градби дома и во повеќе држави во ссветот и 1987 година ја доби Прикеровата награда, најугледното меѓународно признание за архитектура.


На големиот, меѓународен урбанистичко-архитектонски конкурс за идниот изглед на поширокиот градски центар на Скопје (ареал 2x2 км), кој во 1965 година го организираа посебниот фонд на Обединетите Нации, Владата на СФР Југославија и Меѓународната унија на архитекти, од осум повикани тимови (четири од Југославија, четири од странство), првата награда ја добија двајца: 60 проценти од наградата доби Кензо Танге, а 40 проценти архитектите од Хрватска, Радован Мишчевиќ и Дедор Венцлер. Визионерскиот, речиси утописки концепт на Танге за новото Скопје имаше повеќе големи симболички елементи. Меѓутоа, неговиот план не е реализиран во целост, првенствено заради недостаток на средства. Сепак, реализиран е „Градскиот ѕид“, прстен од големи станбени блокови на Танге со кои е омеѓен градскиот центар. Според проектот на Танге е изградена и Главната железничка станица во Скопје.


Покрај очигледното влијание на Танге, Скопје, во текот на двете децении после земјотресот беше место на плуралистички архитектонски израз. До 1980 година, кога обновата на градот беше завршена во поголем дел, се градеше во стиловите на европскиот модернизам, функционализмот и интернационалниот стил. Обемот на новоизграденото, како и архитектонскиот квалитет беа клучни за развој на идентитетот на градот, чија популација на почетокот на осумдесеттите надмина 400 000 жители.


Архитектонските подароци од Полска, Швајцарија, Романија...

Во деценијата после земјотресот проектирани се и изградени некои исклучително квалитетни градби според проекти на архитекти од Словенија: Македонскиот народен театар (1972-1981; Штефан Кацин, Јуриј Принцес, Бигдан Шпиндлер и Маријан Уршиќ), Универзитетот Св. Кирил и Методиј (1970-1974; Марко Мушиќ). Полската архитектонска тројка „Тигри“, која ја сочинуваа Вацлав Клишевски, Јержи Мокржински и Евгенијуш Вјержбицки, победи на конкурсот за зградата на Музејот на современата уметност. Таа е изградена со средства од Полска, како подарок за Скопје.


И некои други држави на ваков начин изразија солидарност после земјотресот: познатиот швајцарски архитект Алфред Рот го проектираше швајцарскиот подарок, основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, а романскиот архитект Евгениу Космату клиниката „Букурешт“. Јосип Осојник и Слободан Николиќ за Скопје ја осмислија Воената болница (сега Градска болница); неколку години подоцна ја проектираа елегантната зграда на Воено-медицинската академија во Белград.


Болниот кич

Главниот град на Македонија во последниве години повторно го привлече вниманието со урбанистичко-архитектонскиот зафат „Скопје 2014“, но не во позитивна смисла. Во проектот, зад кој стоеше македонската влада од редовите на националната партија Вмро-Дпмне, досега се вложени околу 700 милиони евра. „Скопје 2014“ ја измени сликата на центарот на градот. Проектирани се нови музеи, згради на државната управа и бројни големи споменици, а многу модернистички згради се скриени зад неокласичните фасади и колонади со шупливи столбови.


Според овие потемкинови замисли, Скопје би требало да добие класична урбана привлечност и истовремено да го зајакне националниот идентитет на Македонија. Според идејните творци на проектот, државата би требало да биде заедничка татковина на етничките Македонци и останатите жители, првенствено на бројните Албанци. Овие „визионери“ не ја гледаат обединувачката личност на Македонија само во Мајка Тереза, туку во античките владетели Филип Втори и Александар Велики, како и византискиот цар Јустинијан Први, кои јавно се присвојуваат како наследство (на поранешната југословенска република) Македонија. Апстрактот од разговорот со македонските архиекти кои, со виенскиот експерт Адолф Штилер ја конципираа изложбата во виенскиот Рингтурм, е дека „Скопје 2014“ е националистички, историцистички кич на врвот на државата, која на поинаков начин треба да се соочи со своите посериозни проблеми – големата невработеност, сиромаштијата, нерешените меѓунационални односи, спорот со Грција и друго.


Природонаучниот музеј на Македонија, 1970. (архитект Трајко Димитров). Фотографија: Адолф Штилер


Музејот на Македонија, 1971-1976. (Мимоза Томиќ, Кирил Муратовски) Фотографија: Александар Балдазарски


Главната железничка станица во Скопје, 1971-1981. (Кензо Танге) Фотографија: Адолф Штилер


Универзитет Св. Кирил и Методиј, 1970-1974. (Марко Мушиќ) Фотографија: Дамјан Момировски


Хидрометеоролошки завод, 1972-1975. (Крсто Тодоровски) Фотографија: Дамјан Момировски


Македонски народен театар, 1972-1981. (Штефан Кацин, Јуриј Принцес, Богдан Спиндлер, Маријан Уршиќ) Фотографија: Дамјан Момировски


Музеј на современата уметност, 1969-1970. (Група „Тигри“:Вацлав Клишевски, Јержи Мокржински, Евгенијуш Вјержбицки) Фотографија: Адолф Штилер


Телекомуникациски центар, 1972-1981. (Јанко Константинов) Фотографија: Александар Балдазарски


Македонска академија на науките и уметностите, 1973-1976. (Борис Чипан) Фотографија: Адолф Штилер


Студентски дом „Гоце Делчев“, 1969-1977. (Георги Константиновски) Фотографија: Адолф Штилер

Извор: https://pulse.rs

Слични содржини

Јавни простори / Теорија / Историја
Јавни простори / Историја
Јавни простори / Скопје 1963-2013 / Историја
Јавни простори / Историја
Јавни простори / Историја
Јавни простори / Историја
Општество / Активизам / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото