Мал личен осврт кон „Девојката и смртта“

10.04.2017 10:23
Мал личен осврт кон „Девојката и смртта“

Додека се премислував дали да напишам некој збор за претставата која ми го окупираше мозокот и емоциите или пак стандардно да подремам на Фејсбук, токму таму, пред очи ми прелета следново, и се нафрли како шлагворт:

„Секој што се бори со чудовишта треба да внимава во тој процес и самиот да не се претвори во чудовиште. И ако зјапаш доволно долго во амбисот, амбисот ќе ти го возврати погледот“ - Фридрих Ниче

Овој цитат многу прецизно ја допира идејата на комплексната и жестока театарска претстава „Девојката и смртта“ во режија и адаптација на Васил Христов, според текст на Ариел Дорфман, премиерно прикажана на 4 април, во студиото на Телевизија 21. Дејствието се одвива во земја која тукушто се изборила против диктатура. Длабоко вознемирена жена го пречекува дома сопругот кој се враќа од претседателскиот кабинет, дента назначен за претседател на комисија која треба да ги истражи злосторствата на срушениот режим, а за кои е договорено да поминат без санкции. Банална незгода по пат, и помош од случаен минувач е причина да доведе гостин дома. Во гостинот, таа препознава еден од своите мачители и силувачи за време на апсењето пред неколку години. Жената инсистира на признание, а сопругот е принуден да дејствува како адвокат на лицето во чија вина не е докрај убеден, за да му го спаси животот.

Претставата се гледа во еден здив и на моменти дури и го одзема здивот пред лавината прашања на кои никогаш не постојат точни одговори, а оставаат простор интензивно пополнет со нови дилеми и нови пластови тежина. Неминовноста од асоцирање со нашиот актуелен контекст, во овој случај не е само поради универзалноста што ја поседува приказната. Текстот е толку доследно применлив кај нас, што на режисерот Христов му се чинел таков уште пред десетина години. Деценија подоцна, во отсуство на соодветни домашни писанија, оваа претстава фантастично ја пополнува таа празнина. Празнината од недоволното занимавање на театарот со луѓето од времето во кое живееме, такво какво што е, сега и овде. Можеби затоа, обичната публика, во која спаѓам и јас, ретко останува трогната на начин кој поттикнува подлабока рефлексија.

Аналогиите што се редат при гледањето на „Девојката и смртта’’ здоболуваат до коска. Бруталноста, траумата и недостижната сатисфакција за жртвите кои бараат правда, се основните клетки околу кои се извиткува спиралата на насилството. Во недоглед. Особено кога правдата е делумна, површна, симболична, кога во својата срж, всушност е неправда. Познато е дека жртвата лесно може да се претвори џелат и во својата оневозможеност да биде истата личност која што била, со својата осакатеност за уживање дури и во најчистите, едноставни животни радости, со треперливото тело кое не може да ја поднесе меморијата на силеџиството извршено врз него, и така да го започне следниот круг во мракот. Тоа е мигот кога одбива да остане преплашена жртва и сака да возврати, да казни, да удри, да изндуди признание, да оди и најдалеку. Жената извикува: „Зошто секогаш јас и луѓето како мене да бидеме жртвата... Зошто секогаш ние да остапуваме кога треба да се отспаи, зошто секогаш јас да си го гризам јазикот зошто... Сега нема, сега ќе гледам само на она што мене ми треба, ќе ја истерам правдата барем во еден случај. Само еден. Што ќе изгубиме? Што ќе изгубиме ако убиеме еден од нивните? Што ќе изгубиме?’’

Неподносливото сознание дека злосторникот ќе биде амнестиран, дека слободно ќе лета врз урнатините што ги создал, дека тој што на овој или оној начин го украл животот во минатото, ќе чекори меѓу нас и во идните денови како ништо да не се случило, необременет со совест и каење - сето тоа неминовно го раѓа поривот за одмазда. И кога жртвата соочена со фаличната правда е оставена сама да го застапува својот случај, во тој момент стануваат неважни општествените компромиси за помирување, судската режимска клиентела, па и личните последици. Неправдата е тешка за дигестија, особено кога стомакот претставувал боксерска вреќа врз која мавале садисти, силувачи, разбојници, нелуѓе.

Во пресметката со насилникот лежи некаква нејасна надеж дека е можно повторно да се најде изгубеното себство, да се врати способноста да се слуша музика, да се води љубов, да се живее како човек. Надеж дека човекот каков што бил пред траумата не е засекогаш мртов и дека одмаздата има катарзичен капацитет кој ќе го врати и ќе избрише сè. Или пак можеби финалниот, неповратен удар врз тоа што останало од нас си го задаваме сами на себе, во моментот кога ќе решиме да ја преминеме линијата и да станеме чудовиште.

Премиерата на „Девојката и смртта“ беше интензивно театарско доживување. Мојот поглед кон сцената физички го врамуваа силуетите на обвинителките, во кои македонската демократска јавност, на залезот на еден режим, полага голема надеж, додека заедно гледавме протагонист со улога слична на нивната. Верувам дека не си заминале рамнодушни. Дури и тоа што актер од претставата е дел од уметничката ескадрила на една автократска и репресивна власт, на некој чуден начин влегува во функција на повеќеслојните поенти на претставата. Патем, Љутков изигра одлично и уверливо, а на иста линија, очекувано, и Игор Ангелов. Ирена Ристиќ брилјира. Тврдам дека ова е една од нејзините најдобри улоги. Васил Христов со својата префинета режија, после цели шест години, постави театарска претстава која долго тлеела во него, претстава која што вади од кожа, вознемирува и ја полни главата. Театарот Wonderland уште еднаш произведе чудесна сценска хемија, која не би требало да ја пропуштите.

ОкоБоли главаВицФото