Јавна дебата – „Образовниот систем на Македонија: Промотер на интер-етничка толеранција или дадилка на национализам“

11.04.2017 09:52
Јавна дебата – „Образовниот систем на Македонија: Промотер на интер-етничка толеранција или дадилка на национализам“

Во организација на Здружението Млади Европски Федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија), во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт, канцеларијата во Скопје, ќе се одржи првата од низата „Europe Talks“ дебати во 2017 година, насловена „Образовниот систем на Македонија: Промотер на интер-етничка толеранција или дадилка на национализам“.

Дебатата ќе се одржи на 12 април (среда), во просториите на ЕУ Инфо Центар, Скопје, со почеток во 17.30 часот.

На темата ќе говорат:

- Сафет Незири, Државен советник при Министерството за образование и наука;

- Ана Чупеска – Станишковска, Доцент доктор при Факултет Јустинијан Први, Универзитет Кирил и Методиј, Скопје, Македонија;

- Алберт Хани, Заменик директор при Форум ЗФД, канцеларијата во Скопје; и

- Теодора Столевска, Координаторка на дебатна програма при Младински образовен форум.

Панелистите ќе ги аргументираат своите тези во врска со улогата која образованието во Македонија, како формално, така и неформално, ја има врз младите. Во последните месеци бевме сведоци на продлабочување на политичката криза и внесување на етничкото како дел од истата. Како моноетничките курикулуми и школи влијаат на меѓуетничките односи меѓу младите? Во која мера промоцијата на „другата култура“ е присутна во курикулумите и какво е нејзиното влијание? Кои се причините за јакнење на национализмот кај младите и какви последици носи тој за иднината? Како до млади кои се толерантни и не поддржуваат говор на омраза кон другоста? Како неформалното образование ја промовира толеранцијата? Ова се само дел од прашањата на кои ќе се дискутира на оваа #ЏЕФдебата.

Работни јазици за време на дебатата ќе бидат албанскиот и македонскиот јазик.

Оние што не се во можност да присуствуваат на дебатата, ќе можат да ја следат преку видео стриминг на линкот кој на денот на дебатата ќе биде објавен на фејсбук страницата на ЏЕФ Македонија.