Кафеави крави

20.04.2017 09:56
Кафеави крави

Неодамна прочитав една поучна приказна како измислена за нашава актуелна демагошка оптика на „видните“ водачи на иницијативата „За заедничка Македонија“. Приказната вели: се возеле економист, физичар и математичар во автомобил низ Шкотска. Здогледале кафеава крава и економистот рекол: „Зачудувачки е што кравите во Шкотска се кафеави“. Физичарот одговорил: „Мислам дека ги генерализираш работите според доказите. Знаеме дека само некои крави во Шкотска се кафеави“. Математичарот им одговорил на двајцата: „Грешка сте. Тотално неоправдано според доказите. Сè што можеме да кажеме, логично, е дека во земјава има барем една крава, која барем од едната страна е кафеава“!

„Логиката“ на економистот и на физичарот е логиката на криминалната врхушка на партијата на власт и на водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“. Таа „логика“ тврди не само дека сите крави во Шкотска се каефави, туку и дека се најпаметни, најубави, најдобри... со еден збор – единствени, самодоволни! Односно, таа „логика“ вреска дека онаа толпа излезена на скопските улици – па нека се и два-триесет илјади, или сто, иако веќе спаднаа на само неколку стотини – е сиот македонски народ, па дека токму тој „цел народ“ гласал за „најпатриотската“ партија, па дека нивните 51 пратеник се повеќе од коалициските 69 пратеници, па дека токму тие нивни пратеници и тој нивен народ се единствените кои се прашуваат во оваа држава, а тие нема да дозволат ова или она... Како што впрочем и оние пет-шест минорни антимакедонски (не)културни типови заседнати пред микрофоните на иницијативата „За заедничка Македонија“ мислат дека ја претставуваат македонската култура, или малоумните „Рембрант“, Манев и компанија дека ја претставуваат македонската уметност, итн.! Логиката на кафеавите крави настојува да нè убеди дека едно делче е поважно од целото само затоа што е божем нивно и божем патриотско; дека токму тоа делче ги има сите права и привилегии контра правата на другите, па дури и да им го загорчува животот на сите можни насилни начини; дека нивната „логика“ и нивните „докази“ мора да бидат и наша логика и наши докази… Логиката на кафеавите крави се поистоветува со државата и народот тогаш кога им одговара и за што им одговара. Но истото им го оспоруваа на „Шарената револуција“ и нејзините учесници, ја минимизираа нивната бројност (во секој поглед поголема од оваа што се тркала низ скопските, ама за викенди – одмора!) и ја оспоруваа каузата на нивните протести. За да, нормално, радикалноста на своите барања ги прогласуваат како барања и волја на сиот народ, како решеност на „целиот македонски народ“ – се разбира, претставен од само неколку стотини протестирачи – да ги узурпира демократските процеси во државата.

Но и тоа им беше малку, па нивниот налудничав кафеав данс го издигнаа дури и на степен на борба за правата на опозициските гласачи, убедувајќи ја јавноста дека токму гласачите на опозицијата не се согласни со т.н. „тиранска платформа“, дека се чувствуваат излажани и дека токмутие бараат истата да биде повлечена! Се разбира, кога човек ќе влезе во едно лудило, тешко оттаму излегува зашто ветерот го носи во нови и нови лудила. Што пак ќе рече дека иницијативата „За заедничка Македонија“ – ни барана ниту посакувана од нормалните луѓе – се трансформираше во карикатурално одбранбено тело на опозициските гласачи, а уличните протести ги престори во борба за нивните права! За кафеавата логика не постојат ни изборни резултати, ни мнозински коалиции, ниту програми. Постојат само кафеави генерализации според кои само тие и никој друг може, треба и смее да каже кој победил на изборите, кој има право да составува коалиција и влада, кој има право да протестира и да бара сè што ќе му падне на ум, па дури и нови избори зашто гласачите не биле задоволни од постизборните „платформи“, коалиции, случувања. Само тие и никој друг можат себеси да се нарекуваат Македонци и патриоти, достојни да живеат во оваа земја. И да владеат со неа, се разбира.

Доблестите на „Шарената револуција“, за среќа, беа во тоа што беше спротивна на сите кафеави логики на домобраниве – беше граѓанска, инклузивна, демократична, мултиетничка, позитивна, морална, логична, стамена... Имаше неколку, или попрво една битна цел, една црвена линија: да сопре криминалот во оваа држава! Идните потемелни проучувања и интерпретации ќе покажат дека таа цел беше остварена, на еден или на друг начин. Но, истата иднина, блиска или подалечна, еднакво ќе докаже дека под превезот на иницијативата „За заедничка Македонија“ всушност се прави партиски обид да се протне црна контрареволуција со цел да се поништат регуларните резултати од избори што ниту една политичка партија не ги оспори, а со тоа да се закочи трансферот на власта и почетокот на редемократизацијата на државата.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото