Кој кого на грб носи?

17.05.2017 13:03
Кој кого на грб носи?

Е сега, кога сме веќе кај џган државата, а особено кај онаа „измамничка и субверзивна димензија“ на клиентелата за која што зборуваше Тричковски, некако постојано успева да се камуфлира една особено битна – да не речам најбитна – категорија со благ или дури остар мирис на измама и субверзија, онаа таканаречена македонска „бизнис“ групација како постојана сенка на сите политикантски случувања во државава. Таа групација по правило нема препознатливо лице, иако всушност ги има многу, за секоја прилика по едно, а јавноста знае тоест препознава само неколкумина кои по силата на нештата мораат да се експонираат во даден миг, не дека сакаат туку зашто така им наложуваат или политичките газди или таинствените бизнис интереси што никогаш не спијат. Се разбира, велат дека парите немаат мирис, а бизнис интересите имаат долги прсти и неодгатливи траги, па затоа потенцијалната политичко-мафијашка смрдеа на првите не пречи никому, а комплексноста и нетранспарентноста на вторите ги прави безмалу невидливи. Иако, како и во сè друго, во вака мала земја и уште помала економија, особено кога истата е партиски односно државно диригирана, некои големи тајни баш и нема. Ги има само за оние кои навистина одбиваат со нив да се бават, или едноставно се незаинтересирани (и) за овој лукративно мафијашки локален спорт во кој за кратко време се прават стотици милиони – евра, се разбира – само ако ги имате вистинските контакти и ако ја знаете точната висина на провизиите, да не речам поткупот!

Затоа, впрочем, често и губиме од вид дека една од основните полуги, ако не и основната односно најбитната, на секоја власт, а особено на корумпиран режим како нашиов, е сплотеноста со т.н. „бизнис“ заедница.

Ние простосмртните разбираме за деталите на „фината“ мрежа на поврзаноста на политикантската мафија со нивната бизнис братија само пост фестум, во случаи како со оној „сеат ибица“, или онаа „кутрана“ од МПМ која не можела да си ги доброи парите од месечната плата. И тогаш ги гледаме вистинските димензии на таа братска сплотеност. Ама гледаме и нешто друго: дека воопшто не е точна констатацијата на приватниот сектор односно на бизнис заедницата дека таа ја носи на грб државата односно администрацијата – што грбови ќе имаа, брее?! – туку дека попрво државата, колку и да изгледа имагинарен тој поим, ги носи нив на грб. Зашто, ако само од една откриена зделка „бизнисменот“ инкасира седумнаесет (и со цифра: 17) милиони евра, колку набутал во џебовите од другите неоткриени зделки? Пута единаесет години, колку изнесува тоа? И кого тоа они носат на грб? Какви се тие нивни бизниси што демек „ја држат“ државата? И зошто тогаш постојано ги гледаме како сенки на локалниве арамии, закачени на нивните рамења и упикани во нивните задници? И зошто тогаш ваква фрка околу таа фамозна „ибица“ та мораше да се покрене цел правосуден систем, сите фамилијарни и кумовски врски и ортоми за да го вадат од „службен пат“? Е после – го фатило срце! Е па...

Но тоа е, да речам, „поведрата“ страна на македонската „бизнис“ приказна. Има и друга, онаа кога директно ти брцаат во око, ти лепат шамар, те прават малоумен со нивните божем загрижени изјави за политичката ситуација, за кризата, за ова или она, а всушност гледаш бедни мрсулковци кои здушно навивајќи одвај чекаат да ја вратат старата арамиско-политикантска гарнитура на власт. И не е тоа само оној „инцидент“ со седумстоте илјади евра напикани в шише на кандидатот за генсек на ОН, или онаа гарнитура мали „бизнис“ мажиња со политички амбиции кои пропаднаа ко лански снег, или наградата за животно дело на „бизнисменот“ кој успеа да упропасти цел еден град... И на тие и такви, па и инакви „бизнисмени“ им било сеедно како ќе се разреши кризава, нив не ги интересира „која политичка партија ќе преовладее“, туку важно им било да видат „стабилна економска состојба, за да можеме да продолжиме успешно да работиме“ (sic!). Се разбира, а зошто да не? И впрочем, слушна некој во изминативе години некој од овие актуелниве „бизнисмени“ да се пожали? Да каже збор-два за газењето на човековите права, за апсењето на нивни „проблематични“ колеги, за континуираните кражби на изборите... за оној Црн понеделник или за овој Крвав четврток? (За волја на вистината, имаше еден-двајца, колку за пример, но тое се занемарливи примери). Не, нив тоа не ги интересира, битно е тие да продолжат успешно да работат! И тоа е вистинската вистина, единственото и незаматено огледало за македонската „бизнис“ заедница. Тие беа и сè уште се главната погонска карика на арамииве, низ нив и преку нив се филтрираа сите важни зделки на политичката мафија, преку нив се ограбуваше оваа џган држава. Ним и тоа како им е важно „која политичка партија ќе преовладее“, зашто бараба најдобро комуницира со бараба. Затоа и „големиве бизнисмени“ седат овде, затоа и не им пречеа сите привилегии што ги добиваа (божем) странските инвеститори. Нашиве добиваа други, поголеми и побитни привилегии – ја имаа цела држава на располагање! И впрочем, тимот што победува не се менува, нели? Или, како што вели Героски, „зошто да се менува нешто што добро функционира“? Иако знае и Героски, а и ние, дека од вакви бараби тешко се куртулува, дека такви гниди секогаш го наоѓаат патот до профитот. А знае Героски, а знаеме и ние, дека неговиот предлог за тоа бомбата овие врло веома би го прифатиле!

И сега, ако човек прави некаква приоритетна листа на вистинската петта колона во џган државава и иако јас во многу наврати на чело ги сместував интелектуалците, културата, МАНУ и други, сепак овие перфидни арамии се неприкосновените првенци. Нивните коруптивни и мафијашки „заслуги“ се мерат со милијарди евра. Сите други се ситни играчи, жива беда, особено културата. Иако, да бидам искрен, подобро човек да припаѓа таму, во културата, отколку меѓу „бизнисмениве“. А згора, мислам дека набргу ќе почнеме да слушаме и локални приказни од типот на Шиндлер и Круп, само во помали димензии, се разбира, приказни за „помошта“ (скриена, се разбира) на некои наши бизнисмени на малтретираниот народ, за некаков нивен (фиктивен, нормално) придонес за демкратизација на земјата и слични будалаштини. Па добро, некој можеби и ќе им поверува.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото