Груевизмот си го скрши ’рбетот!

01.05.2017 08:51
Груевизмот си го скрши ’рбетот!

Ако го прикачите на апарати, Антонио ќе покаже дека е мртов. Се разбира, тоа не значи дека човекот е умрен. Тој е идеален за обдукција пред смртта. Дума би можел да го расече како свиња, да му ги извади сите органи, да ги открие хемиските или механичките или биолошките интервенции, кои од обичните луѓе создаваат вмровски идиоти што уриваат и убиваат во Собранието, да му ги врати назад, да го закрпи и да го врати на собраниската говорница од која би продолжил таму кај што бил прекинат поради обдукцијата: „да не сте се осмелиле, зашто народот ќе ви суди“, или така некако, со камено лице, без емоции, дистанцирано, од народот, од присутните, од светот, асексуално, со рамен тон, чиста ментална и гласовна бонаца, строго роботизирано, самсунг телефонски секретар.

Неговиот шеф ги повика папучарите да излезат од влечките и да влезат во Собранието на Република Македонија. Да му ја скршат главата на Зијадин Села. И на Зоран Заев. Носот на Манчевски! Да ѝ ги исправат кадравите коси на Шекеринска! А тој за возврат ќе им донел „моцарт кугли“ од Виена.

Им донесе топки! Сакал да се факторизира! Будала! Па, ти беше фактор над факторите, за кој кур се дефакторизираше!

Добро, човек знае да згреши, да се откаже од некои работи, па пак да сака да им се врати! Но, не можеш да се факторизираш така што ќе го демолираш Собранието, бе, ало, па тоа е како да пробаш да го повратиш својот статус кај Боркица, да се факторизираш кај женската што си ја фатил со некој швалер, така што ќе ги истепаш децата, ќе го испокршиш креветот и ќе си го пресечеш курот!

Тоа што се случи во четвртокот вечер не беше инцидент, тоа беше концентрирана презентација и демонстрација на формите, методите и идеите на владеењето на вмро-дпмне во изминативе 12 години. И на поведението на вмро низ целата историја. Краток курс по нацифашизам, мала кристална ноќ на еден Рем Бетмен и на неговите еднооки пријатели. Со таа разлика што во оригиналната кристална ноќ се удираа темелите на хитлеризмот и нацизмот, а во македонската кристална ноќ се урнаа основите на груевизмот, на монструозниот популизам со нацифашистички и клерофашистички димензии. Измешани чувства ме обземаа додека го гледав палењето на нашиот Рајхстаг.

Кога на покана на полицијата, кретенизираната маса влезе во Собранието, јас знаев дека ќе има жртви и тоа ме секираше, но од друга страна, го гледав тој спектакл смирено затоа што знаев дека тоа е нивниот крај.

Во теоријата на конфликтите се вели дека ако сакаш во вакви конфронтации да го победиш непријателот, треба да го натераш прв да употреби насилство. Во таква ситуација тој ги губи магијата на политичноста и моралните кредити, а ти ја добиваш магијата на праведноста и ореолот на жртвата.

Всушност, тие работи се двете основни нови димензии на македонската стварност од четвртокот наваму.

Третата работа е крајот на конститутивната седница и изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. Тоа беше историски чин на ослободувањето. Не би сакал да влечам историски паралели, но со оглед на монструозните димензии на ропството под вмро, веројатно еден од најдраматичните и највозвишени настани во историјата на Македонија.

Честитки и во оваа пригода испраќам за новото парламентарно мнозинство, за Талат Џафери, за сите кои сево ова време не престанаа да се борат против нестварното зло на груевизмот и, специјално, за Зоран Заев, кој целата партија ја одигра маестрално! Маченичкиот статус на Заев, сигурен сум, ќе му отвори нови можности во процесите на рехабилитацијата на Македонија.

Четврта работа е експресната меѓународна поддршка на првите чекори во конституирањето на новата власт, односно на таа нова власт како демократска и правна категорија. Амбасадата на САД, односно Стејт департментот, Хан и Могерини, односно Европската Унија, се недвосмислени во осудата на насилството и во меѓународната легитимација на новата власт.

Нова работа е и решителната најава на меѓународниот фактор (Флекенштајн) за преземање остри мерки против инспираторите на скопскиот погром. Што тоа ќе значи останува да се види, но јас мислам дека освен со замрзнување на сметките и имотите на главните злосторници, може да се смета и со други правни и политички механизми, кои од Груевски и Иванов можат да направат клиенти и на меѓународно право. Се осмелувам да кажам дека ниту меѓународната воена интервенција на западните сојузници не е исклучена ако вампирите продолжат со насилства. Не би се изненадил ако Хојт Ји каже таму кајшто треба и нешто во врска со таквите можности.

Клучно е да не се пропуштат овие моменти, односно да продолжи конституирањето на новата власт. Избор на нова влада уште денеска. Прашање е дали по настаните од четвртокот вечерта, воопшто треба да се бара мандат од Иванов. Не смирување на ситуацијата, туку расчистување на ситуацијата. Без политички арбитражи во правно јасни ситуации. Без лидерски средби што ќе ги организира или на кои ќе сака да учествува сегашното лидерство на злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ, комплетна изолација на лудакот од Водно и неговиот патрон до нивното расчинување и праќање в затвор. Порака до ВМРО-ДПМНЕ да се дистанцираат од злосторничката димензија и да се обидат да си ја вратат партијата што им ја киднапираа злосторниците на Груевски. ВМРО-ДПМНЕ може да се рехабилитира само ако влезе како партнер во заедничката битка против злото на Груевски и на неговата злосторничка фамилија. Ако тоа не го сака ќе биде избришана од политичката и правна карта.

Всушност, на еден драматичен и можеби парадоксален начин, Македонија доби шанса да се рехабилитира. Да почне од ново. Дубравка Стојановиќ вели дека по популизмот нема каење. Да не ги преценуваме можностите на злосторниците. Субјективното чувство за нивната моќ е над реалните димензии. Темелите на мултиетничноста се покажаа поцврсти од агресијата на популистичкиот примитивизам на груевизмот. И поведението на граѓанството беше над нивото што ние го регистриравме во нашите, понекогаш неодмерени, критики. Опозицијата исто така. А Заев, веројатно, ќе влезе во потесниот круг на кандидати за Нобеловата награда за мир.

Фотографии: СДК.МК
Извор: Слободен печат