Заев - кандидат за Нобелова награда за мир!

22.05.2017 14:58
Заев - кандидат за Нобелова награда за мир!

Три работи го одредија исходот на историската битка меѓу доброто и злото: Решението на Заев да се бори без насилство и решението на Груевски да не се предаде без насилство. И ставот на меѓународната заедница да се дистанцира и пресмета со фаворитот кој, наместо да изврши десно посткомунистичко дотерување на општеството и на државата, фати да функционира како одметнат психопат што беше на добар пат да ја одметне и државата.

Тоа што трите страни останаа верни на своите завети ја одреди не само победата на демократските сили над монструозното злосторничко здружување на вмровскиот фашизам, туку и моралната димензија на процесот, која на победниците им дава револуционерни мандати, односно мандати за револуционерни промени: Без морализаторство и сентиментализам, без патетиката кон која сме склони, општеството и новата власт мора да извршат бескомпромисна, правно издржана, радикална пресметка со груевизмот и со вмровското зло!

Неспорен лидер

Низ таа историска драма Заев израсна во неспорен лидер, а Груевски легна под сечилото на историската гилотина. Нацијата долго време се стриптизираше себеси во сета своја грозотија, но со низа манифестации стигна да покаже дека, по нејзината претстава, на историскиот подиум нема да останат само нејзините усрани гаќи и влакнести нозе туку и многу инструменти за регенерација на истоштениот организам.

Потрошен е митот за вмро. Трајно и неповратно. Потрошени се илинденските циклуси на македонската самоидентификација, првиот како самоизмама, а вториот како изедена кокошка. Се покажа сета неотпорност на луѓето, нивната слаба ментална и културна и државотворна и националносвесна структура и ниска цена, но истовремено, или со задоцнување, и моќта на мобилизирачкиот отпор; еве, сега гледаме дека во услови на слобода безмалку сите почнуваат да се однесуваат како планинари со маска за кислород или како нуркачи во барокомора.

Илузијата дека Македонија може да произведува историја е една од сериозните причини за поразот на режимот, но и тој и сите други факти што како некаков импровизиран сумарум ги редам на почетокот на овој текст, говорат за тоа дека во историската трагика, врз бројни знајни и незнајни жртви, на кои треба да им се поклониме, всушност се удрени основите или барем шансите на една нова модерна Македонија.

Преплатена победа

Режимот растеше додека можеше идеолошкото погонско јадро да го збогатува со трансфер на реалната држава во партиски центар за алокација на општите ресурси, со паралелни команди; но откако во тој формат го достигна својот врв, паѓањето беше закономерен процес што можеше да не заврши вака како што заврши само преку провокација на насилни дејствија на опозицијата како единствени регенеративни импулси. И обратно, победата на опозицијата ја гарантираше трпеливоста и активностите низ кои го доведе режимот пред искушението да се повлече без насилство или да катастрофира обидувајќи се да се спаси со употреба на последниот ресурс: физичката сила.

Сакам да кажам дека без насилството од црниот четврток смртта на режимот ќе мораше да причека некое друго, веројатно уште поголемо насилство како единствена алтернатива на агонизирачката структура која низ целиот процес всушност ја јадеше својата суштина откако претходно ја беше изела суштината на државата и моќта на нејзината заштитничка и монополна улога!

Така е запишано во теоријата на конфликтите, но во животот е тешко да се однесувате така како што пишува во книгите и уште потешко е да ги формулирате своите очекувања врз основа на теориите.

Победата е платена и преплатена. Низ исцрпените државни ресурси, низ разнебитеното општество, низ драматиката на бројни лични и фамилијарни судбини и бизнис-трагедии и слично. Можеби победата можеше да се случи и порано и побрзо, а можеби инсистирањето на таа и таква брзина и решителност можеше процесите да ги однесе во сосема друг, несакан правец. Тие анализи допрва ќе се прават. И треба да се прават.

Единствен подвиг

Но, никакви анализи, така ми се чини, не можат да ја замаглат општата слика на која јасно се гледа дека граѓаните на Република Македонија, предводени од Социјалдемократскиот сојуз и опозициската коалиција, заедно со разочараните, освестени или одметнати, како сакате, делови на самиот режим (ДУИ) го соборија злосторничкото здружување на вмро-дпмне, без насилство од нивна страна, без вооружен конфликт и без жртви во човечки животи. Тоа е единствен подвиг во политичката историја на Европа.

Во еден текст од пред еден-два месеца реков дека ако се случи вака како што се случи, Заев треба да биде кандидат за Нобелова награда за мир.

Ми пречи бранот на забрзаната заевизација на СДСМ, па и на целото општество, знам дека и оваа идеја може да се разбере како дел од тој процес, но сакам да верувам дека целата операција може да се изведе аргументирано и достоинствено.

Политичката победа над метастазираниот канцер на вмровското зло е подвиг од европски и светски размери. Стратегијата и тактиката кои несомнено беа одбрани во консултации со меѓународниот фактор, не беа секогаш по волја на угнетеното општество и на елементите и субјектите кои беа за порадикални пресметки со злосторниците, меѓу кои се вбројувам и самиот, но во развојот на ситуациите се покажаа како да се правени по мерка на нашите менталитети и култури и тука сите мораме да симнеме капа.

Воздржаноста пред тие предизвици, спремноста да се понесат сите ризици и понудената саможртва, заедно со страшната инсталација на злото и неговата епска одбрана, покажуваат дека кандидатурата е достоинствена иницијатива, дека Заев ја заслужува, и дека неговата кандидатура ќе биде важен елемент на реафирмацијата на Македонија, на извлекувањето на Македонија и на граѓаните на Македонија од калта во која ги заглавија чипираните идиоти на вмро-дпмне.

Мислам дека склоноста на Нобеловиот комитет овие награди да ги доделува со респект кон геополитичките околности нема да ги намали шансите на Заев, туку ќе ги зголеми.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат