Се исуши „сценографијата“ на мегаломанијата на ВМРО-ДПМНЕ!

20.07.2017 13:13
Се исуши „сценографијата“ на мегаломанијата на ВМРО-ДПМНЕ!

Како и многуте ветувања на „градителите“ и „преродбениците“, сомнабулната идеја за садење палми во Скопје, заврши во контејнерите за ѓубре! Еден скопјанец ѝ дозволи на ЦИВИЛ Медиа да ги објави неговите фотографии направени вчера кај „Музејот на ВМРО“, на кои е овековечено како камион се полни со овенати дрвја, или подобро кажано, како на последното патување тргнаа налудничаво изарчените пари на граѓан(к)ите…

Последиците на аздисаноста на власта во изминатата деценија, уште долго ќе треба да се санираат. Единствените реални „остварувања“ - долговите - ќе ги враќаат следните генерации, но резилот останува!

Како и ненадоместливата штета од загубената деценија за Македонија, период на девастација на демократијата и на безмилосно празнење на народните џебови… И додека исушените палми – 500 евра по дрво (522.000 евра за 1.100 садници) и трите ептен жални врби фрлени во Вардар (250.000 евра) со кои власта неколку години грубо си играше мајтап со граѓан(к)ите, со или без ќебињата со кои ги „грееја“, како и голем дел од сточекорната „преродбеничка“ програма на ВМРО-ДПМНЕ – ќе завршат на буниште, за јавноста останува отворено прашањето: кој и кога ќе ја поднесе одговорноста?

Дали за неверојатната неодговорност и подбивањето со интелигенцијата на гласачите, на суд ќе заврши авторот на идејата, раководството на „Македонски шуми“ или челниците на Град Скопје (или, на локалните самоуправи во „озеленетите“ општини) за граѓан(к)ите е потполно сеедно… На крајот на краиштата, нека се договорат сопартијците кој повеќе се омрсил (или, дури и ако се работи само за катастрофална негрижа и неспособност, а не за вулгарен криминал – кој е директно одговорен) и кој, како и кога ќе ги надомести изарчените стотици илјади евра.

Извор: civilmedia.mk

ОкоБоли главаВицФото