Сем Шепард за љубовта со Џесика Ланг

10.08.2017 14:23
Сем Шепард за љубовта со Џесика Ланг

Од сите различни начини на поврзување што може да се воспостават меѓу двајца луѓе – нишки со безброј различни дебелини, текстури и нијанси, кои постојано еволуираат, многу е тешко да се класифицира која од нив можеме да ја наречеме „љубов". Можеби љубовта никогаш не може да се дефинира во еднина, бидејќи е сосема единствена за секој човек во различните врски, во различен момент од времето - секој од нас сака со различни љубови, постојано навигира и преговара во бесконечниот континуум на значење со кој е проткаен овој мал, но огромен збор.

Историјата на книжевноста изобилува со храбри обиди за дефиниција на љубовта, но можеби оние, кои се чини дека успеале да влезат во срцето на оваа мистерија, како Рилке, Том Стоппард, Шел Силверстајн, Сузан Сонтаг, Анаис Нин, Ален Бадју - едноставно резонираат со тоа каде ние самите се наоѓаме во одреден момент во времето, во одредена фаза на одредена врска.

Една од најбогатите, најмоќните дефиниции со кои се соочив, истражувајќи ја љубовта како сојуз на две суверени личности склони кон осаменост и нивното взаемно будење од хибернација, ја најдов кај полиматичкиот драматург Сем Шепард (5 ноември 1943- 27 јули, 2017) во изданието „Двајца копачи на злато: писма на Сем Шепард и Џони Дарк“ – преписка помеѓу големиот драматург и неговиот најблизок пријател, поранешен свекор и духовен брат.

И двајцата припаѓале на „The Work", движење засновано на духовните учења на Георги Иванович Гурџиев, чија филозофија била вкоренета во идејата дека иако нашата нормална состојба е живеењето во сон, способни сме целосно да се разбудиме.

Во 1982 година, на снимањето на филмот „Френсис“ во кој имаше споредна улога Шепард се сретна со актерката Џесика Ланг. Таа освои номинација за Оскар, а го освои и срцето на Шепард – тие веднаш влегоа во интензивна романса што предизвикала, како што Шепард му напиша на Дарк, меѓусебно будење. Следната година, на празникот „Свети Патрик“, кратко време по премиерата на неговата претстава „Луди за љубов", Шепард се пресели во куќата на Ланг во северна Минесота, во близина на родното место на Боб Дилан, што Шепард го опиша како „град што излегол од книгите на Керуак".

Во писмото напишано дванаесет дена подоцна, Шепард пишува за нешто многу подлабоко и помоќно од првичната страст:

„Оваа жена ја сакам на начин што не можам да го опишам и чувството на припаѓање на еден со друг, успева да ја надмине целата болка. Тоа е како еден во друг да сме го нашле одговорот на нешто што речиси било заборавено. Се сеќавам како цели десет години во Калифорнија, очајнички ловев нешто што не можев да го најдам. Знам дека учењето на „The Work" за тоа дека животот е внатре во нас е единственото вистинско и дека ништо однадвор не може да биде конечен одговор на нашиот копнеж. Знам дека е вистина, но на некој начин, наоѓањето на Џеси допре нешто во мене. Еден дел од мене се чувствува како сосема нов човек - повторно разбуден.

Со силна свест за нашето човечко проклетство сè да метаболизираме, да се навикнеме дури и на најтрансцендентните искуства, Шепард додава:

„Знам дека дури и ова ќе се промени. Можеби ќе има моменти на длабоко жалење. Но, животот е коцка. Ја чувствував тежината на тоа што прв пат засекогаш си заминав од дома. Излегов од таа куќа во непознатото и тоа многу ме исплаши, но авантурата директно да се впуштам во животот беше возбуда што никогаш нема да ја заборавам. Сега го чувствувам тоа - заедно со стравот. Но, гледам дека стравот произлегува од чувството дека си сам на светот и сега тоа има ново значење за мене. Можеш да бидеш сам меѓу луѓето или можеш да бидеш сам и да се придружиш на осаменоста на другиот. Кога двајца луѓе ќе се сретнат, тоа може да биде толку вистински што ќе се почувствуваат заробени. Право на работ. И така е со мене и неа.“

Ќерката на Шепард и на Ланг, Хана е родена три години подоцна, потоа се роди и нивниот син Волкер.Тие двајца останаа заедно речиси три децении.

Извор: Brain pickings

ОкоБоли главаВицФото