Ова е твојот мозок за време на оргазам

15.08.2017 02:03
Ова е твојот мозок за време на оргазам

Ако сте женско и барем еднаш во животот сте се впуштиле во анонимен чат, имам прашање за вас:

Колку време му беше потребно на вашиот соговорник за да почне да се распрашува за вашите сексуални преференции? „Што сакаш?“ „Што те пали?“ „Дали си пробала...?“ „Кое е најчудното место на кое си доживеала оргазам?“

Не знам дали Кајт Сукел е љубителка на ласцивен чат, но сигурна сум дека со одговорот на последното прашање би ги вџашила своите соговорници. Нејзниот одговор би можел да гласи: „Во функционална магнетна резонанца (фМРИ); онаму каде што ќе те одветат на снимање ако доживееш сообраќајна несреќа“.

Имено, Сукел е една од доброволните учеснички во истражувањето на Бери Комисарук, невронаучник и професор по психологија на Универзитетот Ратгерс. Тој го проучува женскиот оргазам, но не на начин на кој тоа го прават повеќето мажи. Нејзината замисла што се случува во мозокот на жената за време на оргазам; како се менува мозочната активност додека жената се движи од состојба на блага возбуденост кон климакс; дали може да се „разбудат“ мозочните центри кои реагираат на вагинална стимулација со имагинација (замислување сексуална активност, без допир) итн.

За Сукел, задачата не била нималку лесна; додека престојува во мрачна, клаустрофобична, мошне бучна цевка, требало да мастурбира и да доживее оргазам, за истражувачите да направат снимки за активностите на нејзиниот мозок за време на целиот процес. Притоа, добила инструкции да се мрда што помалку, за скенерот да регистрира што помала мозочна активност која не е во директна врска со предметот на истражување.

Порно мозокот

Комисарук е пионер и неприкосновен владетел на ова поле. Некои од сознанијата до кои дошол со својот тим се очекувани: сексуалната активност не ја контролира ниеден центар во мозокот, односно не постои група неврони одговорни за да се постигне возбудување и кулминација. Напротив, „светат“ деловите на моторичкиот кортекс кои ги контролираат движењата на прстите вклучени во самостимулацијата; деловите од сензорниот кортекс кои реагираат на допир во пределот на гениталиите: хипоталамусот, кој кај сите цицачи игра важна улога во активностите кои се категоризираат како репродуктивно однесување, вклучувајќи го сексуалното возбудување; таламусот, чија функција е да ги интегрира движењата со фантазиите вклучени во мастурбацијата; таканаречената црна маса (substantia nigra), која ја сочинуваат невроните што ослободуваат допамин, невротрансмитерот поврзан со чувството на задоволство (на пример, се ослободува и кога јадеме чоколадо, но и кога зависникот ќе земе хероин).

Помалку очекувано сознание било дека стимулацијата на брадавиците ги активира невроните во истата мозочна област во која се наоѓаат невроните кои „полудуваат“ за време на стимулацијата на клиторисот. Второ, токму кога мажите, вклучувајќи ги и научниците, ја прогласиле приказната за Г-точката за измама на фригидните феминистки, Комисарук во 2011 година испорачува доказ дека стимулацијата на вагината и клиторисот не завршува во иста точка во мозокот, и дека приказната за вагинален и клиторален оргазам не е измислица. На мажите им порачува дека тоа не треба да ги плаши; најпосле, овој наод значи дека имаат барем два начини да ги доведат до кулминација своите партнерки.

Улогата на разумот

Она што не се знаело пред студиите на Комисарук е дека оргазмот е проследен со зголемена активност на префронталниот кортекс – дел од мозокот сместен зад челната коска, кој отсекогаш се сметал за центар на повисоките когнитивни функции, како што се размислувањето, заклучувањето, планирањето... На негово изненадување, истите групи неврони од префронталниот кортекс се активни и за време на оргазам доживеан со замислување секс, без никаква стимулација со допир; метаболичката активност на префронталниот кортекс е само за нијанса посилна за време на мануелна стимулација на клиторисот во однос на активноста измерена за време на размислувањето.

Наодот на Комисарук дека оргазмот е проследен со мозочна активност карактеристична за интелектуалните задачи е мошне противречна со нашето доживување кулминација како „прекин на филмот“. Инспириран од неговите истражувања, слични студии извел Јанико Георгијадис, истражувач од Универзитетот во Гронинген. Нивните резултати покажуваат дека еден дел од префронталниот кортекс, познат како лев орбитофронтален кортекс (се наоѓа зад левата очна шуплина), „се исклучува“ за време на оргазам.

Хипотетичкото објаснување на Георгијадис на овој наод гласи: орбитофронталниот кортекс е седиште за контрола на сексуалното однесување, а оргазам може да се постигне единствено доколку е исклучен тој контролен механизам. Понатамошните истражувања би требало да одговорат на прашањето дали личностите кои не можат да доживеат оргазам, впрочем не можат да го исклучат орбитофронталниот кортекс – седиштето на супер егото, да го употребам терминот на Фројд.

Меѓутоа, постои методолошка разлика помеѓу студиите на двајцата психолози, која е неопходно да се апстрахира за веродостојно да се донесуваат заклучоци за улогата на разумот во оргазмот. Имено, волонтерките во истражувањата што ги извел Комисарук доаѓале до оргазам мастурбирајќи; на испитаниците на Грегоријадис им помагале нивните партнери. Имено, замислувањето е ментална активност, една од специфичните човечки когнитивни способности, така што активацијата на префронталниот кортекс кај испитаниците на Комисарук и не е зачудувачка.

Можеби оргазмот подразбира исклучување на когнитивните центри во мозокот, но сексуалното однесување генерално не е исчистено од разумот. Постојат студии кои покажуваат дека во донесувањето на одлуките за избор на сексуален партнер, дури и ако станува збор за избор во експериментален контекст, а не во реалниот живот, ги ангажираме истите делови од мозокот што ги користиме кога донесуваме други значајни одлуки.

Во една од студиите на Комисарук, испитаничките гледале фотографии од мажи, при што нивната мозочна активност била регистрирана со скенер. Дополнително, истите мажи, односно нивните фотографии, ги рангирале според привлечноста, односно според сопствената подготвеност да имаат секс со нив. Високо рангираните мажи воедно предизвикувале најсилна активност на делови од мозокот вклучени во сексуалното возбудување.

Потоа, на испитаничките им биле презентирани истите фотографии, но овојпат покрај фотографиите имале и информации за бројот на партнерките, (не)употребата на кондоми, склоноста кон пиење и дроги на мажите прикажани на фотографиите. Не само што учесничките во истражувањето поинаку ги рангирале мажите во светло на новите информации, туку и нивниот мозок покажувал поинаква активација.

Новите прашања

Како и повеќето истражувања во психологијата и невронауката и овие отвориле повеќе нови прашања, отколку што довеле до одговори.

Најпрвин, дали со техниката неврофидбек можело да им се помогне на жените кои не се во состојба да доживеат оргазам или тој им се случува мошне ретко? Комисарук почнал да работи на тоа. Волонтерките во неговото актуелно истражување се токму такви жени. Тој им овозможува во реално време да се запознаат со активноста на сопствениот мозок за време на сексуалното возбудување и да се самостимулираат во правец на билдање на тоа возбудување кон кулминација. На истражувачите од Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес такво нешто им тргнало од рака во случајот на контрола на болката со помош на неврофидбек.

Второ, и можеби најинтересно, студиите изведени досега на ова поле не даваат одговор на прашањето за природата не еротското. Имено, мозочните центри кои се активни за време на сексуалното возбудување и оргазам кај некои луѓе се активираат и за време на масажа на стапалата (сопствените или оние на партнерот). Истите центри не се активни за време на иста активност кај луѓе на кои им е дегутантен foot фетишот. Кои ментални процеси и каква мозочна активност ја потенцираат оваа разлика, е едно од прашањата со кои Комисарук има намера да се занимава во иднина.

Слики: Allan Bech

Извор: https://mindreadingsblog.wordpress.com