Како ја замислувам револуцијата?

01.09.2017 11:22
Како ја замислувам револуцијата?

I.

Топло е, на пример, 33 степени. Мојата маица е сина и сум ја подигнал над гради. Мојата делумно бела и делумно влакнеста маса мускули и масти од 115 килограми е полна со енергија, дишам со цел граден кош кој има голем волумен (утврдено во второ одделение) и чувствувам како брзото чукање на срцето пријатно ми ја масира внатрешноста на торзото. Облечен сум во светли кратки панталони до колена со каро дезен, а на нозете имам сивкасти влечки. На главата ми се очилата за сонце што ги купив во „Мулер“ за 12 или 13 евра. Се наоѓам насред карневал. Се слушаат стихови од One Nation Under the Groove: Ready or not here we come/ Gettin’ down on / The one which we believe in / One nation under a groove, преку Ice Cube Bop Gun од класичниот албум Lethal Injection од 1993 година.

На појасот ми виси машинка, ама повеќе заради стил отколку заради сериозна закана. Сите се движиме во ритамот на грувот. Од десната страна ми приоѓа Влијателниот Колумнист и почнува да лелека: „Ова е многу опасно, ова е многу опасно, што правите, немате поим“. Тој не знае дека револуцијата, всушност, е завршен чин. Ја насочувам машинката кон него и се развикувам: „ратататат!“ Човекот се исплаши и паѓа на подот. Сите почнуваме да се смееме. Потоа, другарски го фаќаме за раце, го поставуваме на нозе и го вклучуваме во карневалот. „Што ќе пиеш?“, го прашувам, иако од мене е постар повеќе од дваесет години. И во текот на револуцијата и по револуцијата и поголемиот дел од времето пред неа, имам, ќе имам и сум имал доволно за пијачка или две – барем се надевам – и тоа ми е сосема доволно, особено ако надвор има 33 степени, имам влечки, носам очила за сонце, во добра форма сум и слушам ганста рап. Му давам пари на Влијателниот Колумнист и го праќам да купи пијачка. „Раденска“ од половина литар. Цел ден пијам кисела вода. Човекот се враќа по два часа, без пијалак, пијан е и не ми ги врати парите. Веќе се наоѓаме на другиот крај на градот. „By now you should know I hate waitin’ / I got no patience” (Skepta – Konnichiwa, истоимениот албум), му кажувам без никакво патронизирање и чувствувам како да сум сам во соништата. Тогаш тој станува бавен и го оставам зад себе.

One nation under a groove. Move your ass and your mind will follow, Funkadelic. Клекни и ќе молиш, Pascal. Среде колоната се формирала група на дервиши што танцуваат, која сите ја заобиколуваме. Одеднаш чувствувам дека револуцијата нема да ме исполни, моето разочарување е поголемо од каква било материјална и симболична безбедност и таа помисла ја покренува познатата болка, блокада, како нешто да ми го стега мозокот, а во мозокот се и градите и не можам да дишам. Сепак знам дека тоа разочарување е предизвикано од материјалните услови и револуцијата е нивна чиста трансгресија, а знаеме дека во трнсгресијата нема задоволство, во неа некој е најголема чесност и најголема нечесност. Автономијата на мојот дух е во тоа што танцувам на groove и сепак не ги разликувам метафизичките чувства од материјалниот свет на производствени односи, што е прилично религиозно.

Наредните денови почнува експропријацијата на капиталистите и малограѓаните. Некои од нив стануваат гласни, но сето тоа може да се реши многу лесно: имаме пристап до масовните медиуми и објавуваме претходно подготвени шеми на клиентелистичките мрежи на банди од јавниот и приватниот сектор, кои соработуваа, а се прогласуваа дека се левица. Ја отвраме можноста за коментирање што го сметаме за симболички гулаг, во кој капиталистите и малограѓанската рекација го внесуваат својот бес и со тоа се посрамотуваат. По годините на главно оправданото, но лошо втемеленото понижување на анонимните коментатори, сега тие станаа такви и тоа им е најголемата казна, со тоа го губат симболичкиот капитал, што е поважно од губењето на економскиот капитал. Притоа слушаме класичен гангста рап и груваме. Економијата се чини едноставна, бројките одат лесно, ги инструираме уметниците кои тврдат дека се лоши математичари, што се покажува како здодевна самомистификација. Размислуваме зошто ни се допаѓа трапот. Се обидуваме кај широките народни маси повторно да го разбудиме интересирањето за фри џезот, што е делумно успешно. На конгресниот плоштад се организираат журки на кои луѓето активно танцуваат на музиката на Колтрејн, Колман и понови изведувачи.

На улицата „Метелкова“ останува алтернативниот рок, што ни одговара; му ги придруживме и цајките (хрватски израз за народњаци од Србија н.заб.), неколку денови рокерите се бунтуваат, а потоа се отвораат љубовни врски помеѓу чефурската (Босанци во Словенија) underclass и гимназијалците од Бежиград, на што се спротивставуваат експроприраните малограѓански родители, а тоа уште повеќе ја поттикнува класната свест кај бунтовните гимназијалци и чефури. Во тек сум со случувањата во Киргистан каде што револуцијата уште не е завршена, но сите поголеми градови веќе се во наши раце: преку Брник им праќаме поддршка и кадри. Но, на плоштадот „Прешерн“, мигрантите поставуваат шатори и таму се паркирани камилите од зоолошката градина. Мигрантите играат карти, а камилите ги гледаат. Понекогаш поминува некој пијан чичко, кој на тоа место претходно свирел на хармоника и кажува дека тие се виновни за сè и дека се работи за исламокомунистички заговор, на тоа се смеат и мигрантите и камилите.

II.

Сето тоа е напорно. Во еден момент мора да одам на одмор во Целје. Додека патувам во возот, цело време го вртам својот фиџет спинер; го гледам вртењето низ евтините очила за сонце. Додека седев, ги раширив нозете и кондуктерот кон мене се однесуваше внимателно. А и јас му покажав соодветно почитување и пристојност, заради што, на крај почна да ми приговара: „Само фејкаш, само сакаш да се покажеш како скромен, сакаш да глумиш беневолентен диктатор“, иако знам дека тоа не е вистина, иако е и вистина; не е вистина доколку фејкањето и глумата се важен елемент на искреноста и перформативното социјално позиционирање. Тоа е само случајност. Но, колку години имам јас? Во која година се случува оваа револуција?

Во Целје се шетам ноќе. Градот е ист како пред револуцијата. Во еден по полноќ нема никого да сретнеш. Улиците се тивки, на твое располагање, но тоа е измама. Колку повеќе ти се на располагање, толку повеќе те крадат, отуѓуваат, се поигруваат со тебе, ја дереализираат твојата перцепција, го будат чувството на магичност. Прошетката по сите тие улици секојпат е нешто ново: како некаков ритуал што доведува во посебна халуцинантна состојба, а содржината на халуцинациите секогаш е поинаква. Дали шетав низ сите улици на тој град? Се работи за некаква тајна што и во време на Big Data, тешко би можел да ја решам. Сонувам за тоа дека еднаш ќе најдам улица низ која не сум поминувал. Се надевам дека ќе го видам тоа парче на градското тело. Целје, мојот перверзен Париз на Патрик Модијано.

Кога шетам често го слушам Grime. Се палам на него. И пред револуцијата ми даваше чувство на политичко вриење. А, потоа, по не знам кој пат, повторно ме изненадуваат вклучените светилки во блоковите на „Нова васа“: зошто токму тие светла, а не некои други? Што се случува таму? Ги вадам слушалките од ушите. Се случува голема тишина: само во движењето на благиот ветер се слуша по некој лист. И одеднаш плачење на дете. Страшно. Овој мал велеград, полн со пусти улици и тишина, исполнет е со многу тајни. Го сечат две долги и широки авении на кои трепери портокалово светло. Вртам на една од тие авении, покрај која расте стара, правлива трева која блеска во светлината на месечината што од секој поединечен лист трева прави правливи огледала од сребро, а тие ги отсјајуваат портокаловите светла. Настанува тунел од светлина. Гледам речиси до крајот на авенијата и наслутувам дека оваа вечер, таа повторно ме води на друго место, веројатно во пустина. Сосема сум сам. Ги усвоив крајните достигнувања на материјалистичката методологија. Но сега сум сам. Природната и општествената наука се поврзани, но сега сум сам. Каде да се сместам себеси? Рационално совладаниот свет отвора психотички брда на несовладливост, кои растат од мене, од моите уши, уста, нос, другите дупки, кои не се само оние на коишто помисливте, туку и некои сосема неочекувани, на пример, дупките во очите, во стомакот, раката и така натаму.

Тој што со разум ги изолирал феномените и ги поврзал во систем, останува надвор од ѕидовите на градот, како што јас сега останувам надвор од градот. Мора така да се чувствувале сите тие глупави писатели и научници кои мислеле дека мора да создадат систем на знаење, значење, етика, убавина и останато и сигурно од таа самотија и отовреност кон непознатото, произлегува идиотскиот мит за генијалниот научник и писател, што го споделуваа маса дилетанти и неколку навистина вредни луѓе.

Пред да паднам во психоза и да тргнам кон пустината, се потсетувам на основното методолошко правило на новиот материјализам: за да не те набљудува ништавилото, почни да се набљудуваш себеси. Ја замислувам својата општествена позиција и својата биологија и како се поврзани, доаѓам до задоволувачки решенија, кои ми покажуваат зошто токму во овој момент речиси паднав во психозата на празниот град и тргнав кон пустината. Исто така полесно разбирам како толку дилетанти и таканаречени мајстори го споделуваа верувањето во митот за научникот или писателот пустиник, а сепак толку се разликуваат – материјалните услови во кои се вбројуваа и позицијата во општеството, на некои им овозможија да успеат, а на другите не, што нема врска со одење во пустина, туку напротив, со општеството.

Во тој момент посакав друштво. Тргнувам кон кафеаната на Петрол, на раскрсницата на авениите „Мариборска“ и „Кидричева“, кадешто пред револуцијата секоја ноќ пиев кафе и кисела вода со вкус на лимон и евтин шеќер. Таму, главно се задржуваа босанските работници и украинските проститутки кои се меркаа. На телевизија пренесуваа натпревар од НБА.

Кога стигнав видов дека локалот е полн со малограѓани. Повторно го сретнувам Влијателниот Колумнист (од каде тој во Целје?) кој се прегнува и бакнува со Старлетата на експроприраната „либерална“ национална култура. На тој начин, двајцата сака да добијат симболички капитал, мислејќи дека ќе дојдат до економски имот во општество во кое средствата за производство станаа општествени. Тие луѓе навистина бавно се прилагодуваат на ситуацијата. Им велам: „Ајде марш“. Престануваат да се насмевнуваат, ги наведнуваат главите и поминувајќи покрај евтините вештачки палми, излегуваат од терасата.

Босанските работници и Украинките продолжија да се меркаат, а малограѓаните се онерасположија. Сите работници имаа златни ланци што беа отуѓени од капиталистите. Не знам што ќе правиме со тоа. Не знам ниту што ќе правиме со проституцијата. Келнерката во средни години, со сребрени чефурски чевли, со евтина руса боја на косата и подудрена вилица, која остава впечаток на личност што во животот многу преживеала и доживеала, автоматски ми носи кафе и кисела вода со вкус на лимон и неквалитетен шеќер, а во нејзиниот поглед и однесување сè уште има мајчински инсинкт и момент на ситна привлечност што ја чувствува кон мене. Тоа се вистинските луѓе на револуцијата, тоа го напишав и во мојата песна. Ја замолив да ми го донесе далечинскиот управувач.

Поседувањето на далечинсиот е единствениот израз на моето влијание (покрај бркањето на Влијателниот Колумнист и Старлетата). Ја вклучувам ноќната програма на која се вртат револуционерни мемиња врз основа на шемата од типот expanding brain, the floor is lava, ackchyually и слично. Почнувам да се смеам идиотски. Баш сум блесав. На луѓето во Љубљана им праќам СМС со поддршка.

Муанис Синановиќ (Ново Место, 1989) е поет и книжевен критичар. Член на редакциите на Radio Študent i Proletter

Извор: Proletter
Слики: Nicoletta Ceccoli

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото