Весело жуборкање на партизираната јавна фонтана

15.09.2017 14:46
Весело жуборкање на партизираната јавна фонтана

По безмалку четиридеценискиот бесен кариер со кој коњаниците на неолибералистичката религија го освоија светот, планетата се најде – за првпат во својата историја - во запрепастувачки хомогена атмосфера на безидејност, празно едноумие и некаков глобален колапс на рационалната мисла. Оваа карактеристика на раниот 21 век, неодамна починатиот харизматичен автор Марк Фишер ја опиша како „време без иднина“, во кое привидниот глобален триумф на неолибералниот капитализам се претвори во „сеопшта исцрпеност на општествено-политичката имагинација“. Ова е време во кое никој не успева да ја замисли иднината вон диктатурата на капиталот, односно вон хоризонтот на единствено можниот „капиталистички реализам“. Оваа планетарна парализа на мислата не се манифестира само во доменот на немислењето за иднината, туку уште повеќе во аберациите со кои се согледува стварноста, во некаква мисловна катаракта во која се заматува значењето на зборовите, и се губат вредностите околу коишто е постигнат глобалниот либерално-демократски консензус.

Општа дерегулација

„Македонскиот случај“ може да послужи како вистинска студија на случај, во која контролирано и мазно, за само една деценија, се изведе една – додуша маалска и бандитска – но суштински неолибералистичка револуција. Груевски и неговата мафијашка партија дојдоа на власт поддржани од домашните и меѓународните капиталистички и политички елити, сите масовни медиуми и, се разбира, голем дел од лумпен-пролетерските маси што замислуваа дека се од бога избрани да бидат капиталистичка средна класа. И политичката програма и предизборната реторика на Груевски, во далечната 2006, ја одразуваа чистата доктрина на неолиберализмот: тоа беше еден тотален Хаековски поглед на светот во кој севкупната реалност се структурира по моделот на економската конкуренција, во кој слободниот пазар не е само дел, туку е тоа општеството во целост. Отворањето на македонскиот пазар за слободен влез на меѓународниот капитал, натпреварот помеѓу економските оператори, намалувањето на државниот и општата дерегулација на економските процеси, беа најважните и најгласните флоскули на Груевски на кои масовно се аплаудираше.

Безмалку никој не забележа дека оваа идеологија – исто како и пред неполн век Хаековата – во потполност ги запоставува практично сите либерално-демократски и хуманистички вредности што се антагонисти на секоја деспотија и експлоатација: социјалната правда и правичната распределба на благосостојбата, слободата и човечките права, слободните избори, поделбата на трите власти итн. Сите овие вредности, како и во првиот неолиберализам помеѓу светските војни, беа оставени да се подразбираат во општеството што му е во потполност подредено на слободниот пазар, кој воедно треба да биде и најефикасниот лек против најстрашната општествена чума – комунистичкиот тоталитаризам.

Доктринарно едноумие

Дека антикомунистичката идеологија на неолиберализмот закономерно се претвора во фашизам или друга парафашистичка општествена креатура, тоа им беше невидливо и на теоретичарите на првиот неолиберализам - каков што беше Хаек, исто како и на сведоците на денешното глобално тонење во десничарски популизам, ултранационализам и идентитетски хистерии.

Монотеистичката доктринарност во која капиталот е единствениот бог, ги прави луѓето потполно слепи на појавата на фашизмот, па во „македонскиот случај“ неолибералниот Груевски - без никакво општествено „триење“ или отпор - инсталираше тоталитарна партиска држава во рамките на истиот огледен либерално-демократски устав и институционален уставен поредок што го усвоивме во 1991 и што го имаме и денес. Груевски и неговата фашистичка ВМРО уште еднаш докажаа дека практично никакви институционални промени не мораат да се направат, за од една огледна либерално-демократска капиталистичка држава да се создаде фашистичко тоталитарно уредување. Дека - колку и да изгледа парадоксално - фашистичката револуција во либералната демократија се случува без револуција! Македонската студија на случај уште еднаш докажа дека либералната демократија не само што не е способна да ја препознае опасноста од фашизмот, и не само што не е создадена да се бори против тоталитаризмот, туку дека овие се генетски вградени во фундаменталната неолиберална премиса за натпреварувањето и правичната победа на посилните.

„Македонскиот случај“ на фашизам од провинциско-мафијашки тип многу отворено укажа на смртоносната идеолошка и општествено-политичка фаличност на глобалната неолибералистичка вера – за да биде забележан, признаен и санкциониран. Општата осуда на режимот на Груевски не дојде затоа што лидерите на слободниот свет се згрозија од нашиот компадор-фашизам, туку затоа што овој локален „капо ди тути капи“ дозволи да биде срамно фатен „на дело“ во масивната кражба и злоупотреба на државата. Доктринарното едноумие на неолиберализмот како глобален идеолошки хегемон, не го познава и признава фашизмот како реалност, зашто за него постои само еден реален непријател – непостоечкиот комунизам!

Токму поради ова идеолошко слепило, ние упорно се преправаме дека сè е во ред со нашето општество, иако државата сè уште не е департизирана, иако јавниот сервис е сè уште фашистичка инсталација, а во центарот на градот дречат симболите на вечниот ариевско-антички македо-фашизам, предводени од белата Куќа на фашизмот, пред која весело жуборка партизираната јавна фонтана со разјарениот вмровски лав среде неа.

Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото