На добар сме пат, а некои веќе и се враќаат!

27.06.2018 15:17
На добар сме пат, а некои веќе и се враќаат!

Овој бисер на префинетата сатира на белградскиот афоризматичар Александар Баљак беше отпечатен во раните осумдесети кога кобилката на југословенскиот танкер веќе почна да струга по плиткото газалиште на историјата. Одликите на најдобрата сатира што се раѓа во пазувите на режими во кои автоцензурата е посилна од официјалната цензура, се состојат најмногу во поетската акробатика на исказот што може да се чита на два сосем спротивни начина. Едното читање дава питом и тривијален исказ што служи за званична употреба, додека другото е субверзивно, наменето за вистинските читатели на сатирата. Така и изјавата дека сме на вистинскиот пат, та дури некои веќе се враќаат, ако се чита просторно и географски, го афирмира избраниот пат зашто повратниците се очебиен доказ и сведоштво за веродостојноста на изборот. Но, ако патот од афоризмот е идеен, концептуален и политички избор, тогаш батките што решиле да се враќаат веќе увиделе дека се работи за ќорсокак. Генијално.

Во нашиов случај, деновиве по историското потпишување на конечната спогодба за името македонско и нејзината ратификација во Собранието на Републиката, Баљаковата генијалштина може да послужи како непогрешлив компас со кој се докажува исправноста на избраниот пат. Ви текнува, нели: не постои подобар доказ за тоа дека спогодбата е нашиот најдобар, набезбеден и историски најверодостоен пат кон посветлата иднина, отколку што е тоа глетката кон глутницата што веќе се враќа! Фактот дека феноменот Хорхе познат како Торо Кастрадо де ла Водно, заедно со ВМРО Лоповска и толпата лумпен-патриоти, демонстративно се враќаат во спротивната насока, при тоа хистерично пењавејќи и еманирајќи зло, омраза и јад, е космичкиот доказ дека Заев и Димитров се на правиот пат! Не велам дека ноторно нерешливиот спор што го имавме со ОН, ЕУ, НАТО и САД околу грчките поплаки за нашето присвојување на нивното име, историја и култура, не не остави сите со амбивалентни чуства: некои понижени, некои налутени или разгневени, некои дезориентирани или индиферентни… Но, на крајот, со ова изненадно но сосем неочекувано решавање на спорот, на сите што се двоумат, на сите што се конфузни и не можат да проценат дали е ова добро решение за сите нас, како спасение им се појавува Хорхе, Злиот Вол од Водњанскиот Дол, како светилник во темното узбуркано море да им го покаже вистинскиот пат: тоа е спротивниот пат од неговиот! Бирајте го секогаш спротивниот пат од Хорхе Еступидо, почитувани читатели, секогаш обратно од ВМРО и немате шанси да го згрешите патот!

Веќе пишував дека во младоста имав проблем да ја сфатам народната изрека „секое зло за добро“, но дека вистинитоста на ова сублимирано искуство и мудрост ми се открива се повеќе со годините. Е, па, неверјатното зло што го добивме Хорхе за претседател, цела една предолга деценија – еееееј! – долго ми изгледаше непробојно црно, хемиски чисто, елементарно Зло во кое ни теориски не може да се изнајде некое макар микронско добро. Но, со време почнав да ги поимам – колку и тоа да изгледа неверојатно – и добрите страни на оваа морбидна појава. Да! Ќе речете дека е невозможно, дека претерувам, но во екстремно матни историски моменти, кога навистина малкумина можат да ја согледаат тенката линија на светлоста што води во единствената спасоносна патека, да имате во таква темница апсолутно сигурен ориентир како што е тоа оној Поднадуен Ништожник што го окупирал просторот на Претседателот на Републиката, кој секогаш и апсолутно секогаш ќе тргне во спротивната насока од вистинската, и тоа со математичка точност под агол од 180 степени, е, тоа е вистинска срејча, факел на спасението и ретка привилегија – мора да признаете. Во таа смисла Јорге добива филозофска функција да го дефинира Доброто, и тоа е негативна дефиниција на Доброто. Што е Добро? Тоа е нешто што не е Хорхе, што е обратно од него, што е на спротивниот пол од Хорхе, под агол од 180 степени со Хорхе, па така Хорхе како апсолутно Зло станува филозофскиот патоказ кон Доброто. Тој е Моралната Црна Дупка од чиешто средиште се измолкнува тенкиот млаз на светлината, како оска која води кон неговата дијалектичка спротивност – Доброто. Да не претерав?

Сепак, и покрај светлинската патека што ни се отвора со конечната спогодба со соседите, останува да се соочиме со нашата сопствена стварност, а тоа е, пред се, едноставната и сосем банална вистина за нашата општествена инерција, за нашата институционална декапацитираност, за статус квото што го одржуваме на сите нивои на нашата колективна свест, за нашата неспособност храбро, компетентно и сурово да почнеме да се менуваме самите себе си. Да, патот е отворен, неговата веродостојност е очигледна, но нашата подготвеност да се извелчеме од длабоката јама во која не закопа владеењето на ВМРО е повеќе одошто сомнителна. Ние сме сеуште истите оние што цела деценија ја толерираа криминалната власт на партиската мафија на ВМРО. Ние молчешкум гледаме како булдожерите го јадат армираниот бетон на модерното здание на стоковната куќа Беко, наместо да го издробат партискиот плоштад и белата Куќа на фашизмот педесет метри потаму. И година дена од ослободувањето ние сме немоќни да го очистиме стиропорното загадување на вмровскиот фашистички проект „Скопје 2014“, кршејќи прсти пред „невозможноста“ да се руши изграденото, и „прескапото“ рушење на Спомениците на Злото, а не се ни прашуваме кој, зошто и за кои пари го руши модерното здание што содржи бетон и челик колку сите споменици и столбови на фашизмот заедно. Ние сме, за жал, сеуште заробена држава, но овој пат заробени во сопствената малограѓанштина, конформизам и импотенција. Да, на правиот сме пат, но никако да тргнеме.

Монтажи: Александар Дојранлиев

Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото