Јавен долг: колективно самоубиство без (у)мисла

30.12.2015 00:05
Јавен долг: колективно самоубиство без (у)мисла

Дека некој монструм, играјќи карти со слични на себе, може како влог да стави туѓ живот, таа ужасна и потполно незамислива ситуација ја читавме во незаборавната Кишова „Гробница за Борис Давидович“, но и во повеќе други морничави сеќавања на преживеани сведоци, како сосем редовна стварност во сталинистичките логори од Архипелагот Гулаг. Дека некој може да ве задолжи без ваше знаење и пристанок, почитувани читатели, било да е тоа долг што се исплаќа со вашите пари или имот, или со вашиот живот - како во спомнатите сведочења од Деветтиот круг на Пеколот, ќе признаете дека таков злостор и насилство врз вашата егзистенција, врз судбината на вашето семејство, не можете ниту да замислите. Еве, само замислете ја сликава: се враќате дома и го здогледувате вашето семејство облеано со солзи и исфрлено на улица, додека службени лица ви ја запленуваат куќата, сиот имот, заедно со приходите и заштедата. А, сето тоа заради отплата на долг за кој првпат слушате, што не сте го направиле и за кој не сте дале никаква согласност – долг што некој безмилосен злочинец го направил во ваше име, без ваше знаење и, се разбира, во своја полза! Можете ли да го замислите тој ужас? Се разбира дека не. Мислите дека во таква кошмарна стварност ќе го извадите пиштолот што го чувате „за неволја“ и ќе пукате во бездушните ѕверови што ве ограбуваат, дека ќе ги запалите тие проклети ништожници? Но не, нема да направите ништо повеќе отколку што (не) правите секој ден, зашто вам веќе ви се случува таа ужасна стварност, вас веќе ве задолжиле без ваше знаење и парите од долгот што треба да го отплаќате се веќе отуѓени од страна на истите ништожници што ве задолжиле, а вие, почитувани читатели, блажено несвесни читате весници и варите кисела зелка во која можеби се препелкало сушено свинско ребро. Злосторот на вашето задолжување без ваша согласност се вика „јавен долг“, а подлите нелуѓе што ви ги украле парите што допрва ќе треба да ги отплаќате се викаат ВМРО-ДПМНЕ.

Што е тоа во јавниот долг што така успешно ја затскрива неговата неморална суштина? Каква е тоа неверојатно вешто создадена мистификација што ги остава милионите ограбени луѓе незаинтересирани за сопствената судбина, и конечно, што ги тера покорно да го отплаќаат долгот што не го направиле? Историски гледано, јавниот долг има срамно и длабоко неморално потекло, зашто него го „измислија“ монарсите за да ги финансираат своите војни, своите освојувачки и колонизаторски походи. Не било ретко овие архибандити отпосле да одбијат да ги отплаќаат своите долгови, што довело до создавањето на првите национални банки, кои имале за цел да го „стабилизираат“ пазарот на капиталот и да ја обезбедат довербата во државните обврзници – омилената форма на задолжување на суверените. Оваа исконска неморалност на јавниот долг практично ниту за јота не ја сменила својата суштина и во современите демократии од либерално-капиталистички сој, но затоа спектакуларно ја променила својата јавна перцепција. Тој и понатаму претставува нетранспарентна финансиска трансакција што во дискреција ја договара врвот на политичката елита на власт, но разликата од времето на апсолутистичките монарси во мугрите на капитализмот најмногу се појавува во самопоробувачкото доброволно прифаќање на долгот од страна на недолжните граѓани. Мене ми е практично несфатливо моралното салто мортале со кое во современите демократии одговорноста за отплаќањето на долгот „демократски“ и „солидарно“ се распределува на целото население. При што, отплаќањето на јавниот долг во современиот неолибералистички глобален поредок претставува највисок морален долг на нацијата, света обврска што може да се спореди само со долгот кон Бога од темните времиња на теократиите. Како успеаја некои мајстори на својот занает да изведат кретенизација на практично целиот свет и да обезбедат комплетна инверзија во моралната перцепција на долгот? Откако неколку илјади години лихварењето или давањето заем со камата се сметаше за најдолна, неморална та дури криминална дејност, денес светот ги смета кредиторите за апостоли на новиот земски рај, а на дното на моралното скалило се кредитно неспособните или оние што не можат да го исплатат лихварскиот долг. Дали толку најавуваниот крај на историјата или пропаста на светот, всушност, веќе не ни се случил, и тоа во форма на морално калирање на човештвото, некој вид колапс на човештината и прогресивна пандемична деменција?!

Оваа глобална морална инверзија очигледно им годи на криминалните власти што јавниот долг го претвораат во државен криминал со катастрофални последици за своите нации, како што е тоа случајот со библиската земја. Како тоа се случува во нашата уставна парламентарна демократија - која е конципирана како едноставен и ефикасен колективен договор, барем што се однесува до финансирањето на државата? Елем, граѓаните ги плаќаат даноците со кои се финансира државниот сервис, а овој за возврат треба да ги гарантира слободите, правата, сигурноста и општата благосостојба. Се разбира дека одлучувањето за јавните давачки и за начинот на нивното трошење како јавни расходи мора да биде ексклузивна надлежност на парламентот, и дека транспарентноста, рационалноста и отчетноста мораат да бидат носечките уставни принципи во оваа судбински значајна област на постоењето на демократската држава. И, да, во нашиот Устав, во членот 68, е утврдено дека Собранието на Република Македонија „ги утврдува јавните давачки“ и дека „донесува републички буџет“, со што се обезбедува парламентарна контрола во собирањето на јавните пари и во нивното трошење од страна на извршната власт. Убаво. Но, ако го погледнеме членот 91 од Уставот, каде што се утврдени надлежностите на Владата, ќе видиме дека извршната власт нема никакви уставни надлежности за самостојно располагање со јавните пари – ниту во врска со јавните давачки, ниту во врска со јавните расходи. Од друга страна, секој ден гледаме и слушаме дека Владата издава надворешни и внатрешни обврзници и ја задолжува целата нација, или зема заеми од меѓународните или од приватните кредитори, во опскурни постапки во кои никому надвор Владата не му е познато под какви услови се земени овие кредити и какви ќе бидат последиците од овие очигледно убиствени долгови. Иако е сосем очигледно дека според Уставот на Република Македонија за секое задолжување би морало да одлучува најмалку парламентот, а всушност - бидејќи таа надлежност не му е експлицитно дадена ниту на парламентот - јасно е дека за секое задолжување мора да одлучува народот и тоа со референдум! Значи, јавниот долг што е создаден без да се прашаат на референдум оние што треба да го отплаќаат, е украден веќе во својот настанок, и пред да почне да се троши на криминален начин - за одржување на нелегалната власт на ДПМНЕ, за богатење на партиско-мафијашката врхушка или за фашизоидни преродбенички проекти каков што е „Скопје 2014“.

И, тука најстрашното не е тоа што мафијашкиот режим на Груевски и на неговата ВМРО-ДПМНЕ нè задолжува со неподносливо очебијна гангстерска постапка, присвојувајќи го – спротивно на Уставот - дискреционото право да ги уништи нашите животи и иднината на нашите деца, туку што ние со нашиот молк и индиферентност, со нашите кравји погледи и лигушки што ни се тегнат од муцките, тоа масовно должничко убиство на нацијата го претвораме во колективно самоубиство, и тоа без грам (у)мисла. Затоа, по соборувањето на криминалниот режим на Груевски, првото што ќе треба да го стори ослободениот народ е ревизија на јавниот долг, од кој ќе треба да се отпишат сите пари потрошени за одржување на нелегалниот режим, за криминалното богатење на вмровската врхушка и за „Скопје 2014“!

Извор: Слободен печат
Скулптури на сликите: Роберт Вехслер