Трендовите во социјалното претприемништво на Конференцијата за социјални иноватори

30.09.2017 03:21
Трендовите во социјалното претприемништво на Конференцијата за социјални иноватори

Сознанија за најновите трендови во светот на социјалното претприемништво, како и доближување до непосредните практични искуства на пионерите во оваа област од регионот и од Европа се придобивките што се очекуваат од второто издание на Конференцијата за социјални иноватори, единствена од ваков тип во регионот, која ќе се случува на втори октомври, 2017 година, во Младинскиот културен центар, (кино „Фросина“).

На овој настан, чии организатори се „Social Impact Lab“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“,Публиката ќе има можност да ги слушне инспиративните приказни на социјалните иноватори: Мона Шах од „Harry Schocs“, (Велика Британија), Ернест Радал од „Mobilearn“, (Шведска), Абдра Слац од „Younited Cultures“, (Романија/Австрија), Перин Шобер од „Shades Tours“, (Австрија), Марија Садовска од „Barka Foundation“, (Полска), Маријана Савиќ од „Bagel Shop“, (Србија), Армин Маглиќ од „Играј, учи, расти“, (Босна и Херцеговина), Пезана Реџа од „Design by Pana“ од Албанија и Љубомир Стојчески од „Фрешис“, (Македонија).
Гости на случувањето ќе бидат и над 30 претставници на Глобалната мрежа за социјално претприемништво (ГСЕН) која годинава за првпат ќе организира работилница на тема „Поддршка за социјални претприемачи“, еден ден по Конференцијата за социјални иноватори.

Организаторите и оваа година најавуваат издание кое ќе биде поттик за отворање нови хоризонти во социјалното претприемништво кај нас.

- Верувам дека споделените успешни приказни ќе бидат инспирација за сите нас кои што работиме на полето на социјалното претприемништво, а преку темата на панел - дискусијата „Како до силен еко-систем за социјално претприемништво“ реално ќе ги согледаме потенцијалите, но и сите критични точки кои што можат да го забават развојот на социјалната економија во земјава - нагласи Климентина Илијевски од „Паблик“.

Во рамки на панел-дискусијата свои видувања ќе споделат и извршната директорка на ГСЕН, Кристина Тора, државниот секретар во Владата на Република Словенија и основач и генерален секретар на Словенечкиот форум на социјални претпријатија, кој работи на меѓународно ниво, Тадеј Слапник, советникот во Министерството за труд и социјална политика, Душан Томшиќ, регионалната програмска координаторка на Имакт Хаб Виена, Бистра Кумбароска и истражувачката Александра Илоска од „Паблик“ која што е дел од регионални и национални истражувања од областа на социјалното претприемништво.

Според Кристиjан Милески од „Social Impact Lab“, на 2 октомври, Скопје и Македонија ќе бидат центарот на социјалното претприемништво и иновации.

- Оваа Конференција е единствена од ваков тип. Можам да кажам дека сум горд на целата екипа која посветено работи кон остварување на една иста цел, а тоа е да ги инспирираме посетителите и да им пренесеме искуства од многу различни социјални претпријатија кои со своето работење придонесуваат во решавање на конкретни општествени проблеми. Како гости ќе ги имаме и членовите на ГСЕН, мрежа од која и ние сме дел - вели Милески.

Форматот на оваа Конференција, која ќе ја следи публика од 300 гости, е сличен како на TEDx конференциите, каде што говорниците ќе ги споделат своите лични приказни за општествено влијание, во термин од 10 до 15мин. Билетите за присуство чинат 300 денари, и истите се купуваат он-лајн, на линкот: Eventbrite.

Во рамки на настанот ќе се одржи и Експо на социјални претпријатија од Македонија, како и промоција на ново издание на „Лице в лице“, посветено на тема: социјални иновации.

Конференцијата ќе биде заокружена со доделување на наградата Social Impact Award 2017.