Каков подвиг!

16.10.2017 12:25
Каков подвиг!

Како Катарина Вит во пируетите и рицбергерите за шестка, како Надја Команечи за чиста десетка на греда, како Бубка во рекордните скокови со стап, као Мајкл Џордан во играта за петтиот прстен, како Пеле и екипата во Мексико 1970, како Федерер на Вимблдон, како Рудиша на 800 метри и Усеин Болт на стотка, како Новогодишен концерт под Лорин Мазел, како февруарски поход во октомври...

Го видовме највелелепното издание на граѓанството за кое мислевме дека е мртво. Но, не како хир или како некаков дневен изблик на чувства, реакции и проекции, туку како резултат на долгото и бавно и мачно зреење, исполнето со неверојатни жртви и трпенија, на скришното, а понекаде и јавно негуваните надежи, на преземените ризици, на храброста...

Ние вчера ја видовме Вит во најдоброто издание, но само таа и нејзиниот газ знаат колку пати го избришале мразот, само Сергеј знае колку стапови скршил Бубка, само мајка му на Џордан знае колку патики искинал син ѝ пред да отиде по своите милиони кај „булсите“.

Јас, кој милион пати и тоа многу жестоко, сум го критикувал тоа граѓанство, му се поклонувам во најубавото утро во последните тринаесет години, до земја му се поклонувам, меѓу другото и зашто неговиот подвиг покажува дека мојата работа не била сосема бесмислена.

Испраќам и највисоки адмирации до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кој со сите слабости и проблеми, успеа политички да го артикулира и предводи овој историски пресврт. До Заев, се разбира, лидерот кој со својата енергија, храброст и визија, со неверојатниот микс од страст, ширина, острина и топлина, низ бројни жртви и тешки маки, успеа да го покрене заринканиот брод на Македонија.

Не ми е работа, но не можам а да не испратам најтопли благодарности до меѓународниот фактор, посебно до господата Прибе, Ванхојте и Фуере, до претставниците на американската администрација, господата Хојт Ји и Бејли и до многу други кои ни помогнаа да ги симнеме ракавиците и убаво да го измлатиме Злото - еве, ми јавуваат од Ургентниот центар дека починало. Ете, дочекавме смрт на еден пациент по која нема да викаме „слава му“, туку „фала богу“.

Слики: Свирачиња