„Прееманципирана“ кампања

06.11.2017 02:59
„Прееманципирана“ кампања

„Еманципирани кучки“, Имаш сè, само немаш секс... Оваа кампања е наменета за сите прееманципирани жени кои трчајќи по пикирани кариери ја загубија својата женственост и газат сè пред себе. Еманципирани жени со доминантни фрустрации, освестете се, станавте мажи“, се вели во кампањите на трите радиjа: Сити Радио, Клуб ФМ и Метрополис Радио Мрежа.

Оваа кампања не е прва во македонските медиуми што има дискриминаторски ставови кон жените. А нејзината бесмисленост е уште поголема и во стилот на авторите на оваа глупост би рекле Пре-бесмислена во земја како Македонија, каде секојдневно се забележуваат случаи на мобинг и сексуално вознемирување на жени, каде во Комисијата за заштита од дискриминација има најмногу претставки за дискриминација на жените на работно место и каде е алармантна состојбата со жените жртви на семејно насилство, а да не ги спомнуваме и „пофините“ статистики од типот на застапеноста на жени на раководни места во компаниите и уште повеќе бројката на жени пратенички, градоначалнички, министри, односно креаторки на јавни политики.

Од „Сити Радио“ и „Метрополис“ одговараат дека веќе две години прават кампањи од ваков тип, со кои сакале да ги поттикнат луѓето различно да размислуваат.
„Некои ја поддржаа кампањата и ни честитаа, некои пак реагираа. Во секој случај, нашата намера не е да навредиме никого, туку да поттикнеме размислување. Целта е да се поттикнат жените кои носат сè на свој грб, да се свртат малку и кон себе. Сакаме да ги поттикнеме оние кои се преоптоварени во ова време да ја разбудат малку женственоста во себе и да размислат дали одат во крајности“, велат претставници од радијата, додавајќи дека слична кампања подготвуваат и за мажите.

Во својата реакција објавена на социјалните мрежи, се вели дека акцент на оваа кампања е ставен на префиксот „Пре“.
„Префиксот Пре од насловот на кампањата, има намера да посочи дека сè што оди во крајност и е претерано е контрапродуктивно, дека газењето на сè пред себе во исто време значи заборавање на етичкото во себе, и сквернавење на архетипското и суштественото кај жената“.

Колку сексистички стереотипи и дискриминаторски елементи за женскиот род можат да се сместат во едно соопштение од десетина реда?

Ирена Цветковиќ ја анализираше оваа кампања: „Кампањите на трите радија се мизогини, шовинистички и навредливи за жените. Еманципацијата на жените е нешто кон што се стремат и во што вложуваат сите развиени општества. Инсистирањето на наводното претерување во еманципацијата е погрешно, неосновано и укажува или на непознавање на термините со кои се расфрлаат или на скриен шовинизам и поддршка на партијархалните вредности. Многу веројатно и двете работи истовремено. Имено, патријархатот ја сместува жената единствено во приватната сфера на домот ангажирајќи ја во неплатениот труд на грижа за домот и семејството. Еманципацијата подразбира влез на жената во јавната сфера преку учество во политика, пазар на труд, образовни процеси итн. Обидот да се исмеат и банализираат овие вековни борби на жените е навредлив не само кон жените туку и кон целокупниот цивилизациски прогрес. За илустрација, истражувањето кое го спроведе Reactor Research in Action/ Реактор истражување во акција пред неколку години покажа дека:

1. Изјавите дадени во информативни емисии и вести се дадени од 81% мажи и 19%жени

2. Во 2011 година од економски активното население на пазар на труд учествуваат 61% мажи и 39% жени

3. Работодавачи се 75% мажи и 25% жени

Сега сигурни сте дека прееманципација постои?

Извинувњето на овие радија не поминува повторно без оправдување за своите реторики. За жал оправдување за ова нема. Тие, во своето извинување, упатуваат дека вакви кампањи се прават и за мажите. Тоа не е оправдување, бидеќи според најавата овие кампањи го исмеваат „мажот кој живее на грбот на жената“. Македонија е сиромашна земја. Нема ништо смешно ниту навредливо во тоа мажите и жените да ги споделуваат своите финансии или да си помагаат. Тоа не е помалку машкост.“

На социјалните мрежи оваа „кампања“ беше дочекана со жестока реакција:

Луљета Адеми: „Еманципирани кучки“, „Имаш сè, само немаш секс“, е само дел од реториката која се споменува во кампањата на радијата, со цел да се доведе во корелација како може да заврши една „прееманципирана жена“ на која ѝ е најважна кариерата. #misogamy #discrimination #sexism

Мартина Наумовска: За да нема дилеми... #ИЈассумПреЕманципиранаКучка

Јана Јакимовска направи колаж како свој коментар

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги констатираше дека спотови од заедничка кампања во сопствена продукција на Сити Радио, Клуб ФМ и Метрополис Радио Мрежа, која, како што се вели во нив, е наменета за „сите пре-еманципирани жени“, се мизогинистички и сексистички.

Агенцијата констатира дека кампањата претставува дискриминација врз основа на пол, ширење мизогинија и сексизам, што е флагрантно кршење на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. „Трите радиодифузери кои ја продуцирале оваа кампања, се однесуваат на начин кој е непоимлив и целосно неспојлив со професионално однесување“, додаваат од АВМУ.

Во кампањата, еманципацијата на жените и на мажите се поставуваат како два процеси кои меѓусебно се исклучуваат, еманципацијата и стремежот на жените да го достигнат максимумот во своите кариери се претставува како негативна појава, успешните жени се подложуваат на потсмев и омраза, а на децата и младите од обата пола им се испраќа порака дека не се еднакви и дека не треба да се стремат кон еднаквост.

До трите радија се упатени известувања за констатираното прекршување на Законот, Извештајот од надзорот е достапен на веб страницата на Агенцијата, а ќе биде испратен и до Комисијата за заштита од дискриминација.

И ова би можело да се смета за епилог на оваа несреќна епизода со „кампањата“ на трите радија, без никакви посериозни последици за нив, без никави натамошни мерки, без казна. До следната прилика.

ОкоБоли главаВицФото