Повеќејазичноста во Европа и бастионот Грција

10.11.2017 15:17
Повеќејазичноста во Европа и бастионот Грција

Додека одделни малцински јазици во Европа се намалуваат, други ги засилуваат своите позиции. На таков развој се укажува во повеќе анализи, меѓу другото и од стрaна на Јохан Хеглунд, шведски јазичен експерт и еден од најдобрите познавачи на состојбите околу малцинските јазици во Европа, кој беше ангажиран и во поранешното Биро на ЕУ за помалку користени јазици (European Bureau for Lesser-Used Languages, EBLUL). Пред неколку години тој укажуваше дека финскиот шведски (јазик на шведското малцинство во Финска) и унгарскиот во Словачка, Романија и Србија се големи малцински јазици во Европа кои се намалуваат. Но не се и единствените. Други малцински јазици чиј обем на употреба се намалува, според споменатите анализи, се во Франција и Грција, иако станува збор за релативно мали јазици како бретонскиот, окситанскиот и – македонскиот.

Иако во интерес на самите национални држави, во смисла на јакнење на нивното внатрешно единство, е да водат политика на попуштање на уздите за малцинските јазици, многумина критичари сметаат дека заложбите на ЕУ за подобрување на положбата и статусот на малцинските јазици се недоволни. Повеќејазичноста во последните години сè помалку претставува едно од приоритетните подрачја за кои во своето работење се залага Европската комисија, а за што зборува и фактот дека ниеден од еврокомесарите не е одговорен за прашањата поврзани со јазичната политика. Во првиот период на мандатот на претходниот претседател на Европската комисија, Жосе Мануел Баросо, беа реализирани повеќе барања во полза на заштитата на малцинските јазици, но во периодот по 2010 година проектираните цели во оваа област постепено биле заобиколувани и игнорирани. Напоредно на тоа, сите законодавни иницијативи што се однесуваат на статусот на малцинските јазици главно беа проследени со неуспех во Европскиот парламент.

Објаснувањата за таквиот развој се поврзуваат со сили во Европскиот парламент кои се спротивставуваат на унапредувањето на законската регулатива која овозможува полиберална рамка и засилување на претпоставките за употреба на малцинските јазици во сите сегменти на општественото живеење каде што граѓаните имаат реални потреби од задоволување на своите јазични права. Според Јохан Хегман и неговите колеги, силите кои манифестираат силен отпор се најмногу присутни меѓу конзервативните политичари од Шпанија, Франција и Грција, при што стравувањата од сепаратизам, од кои се раководат споменатите конзервативни сили, како, на пример, во случајот на Каталонија, Шкотска и белгиска Фландрија, го засилуваат нивното противење да се овозможи подобра законска рамка за користење на регионалните и малцинските јазици.

Баскискиот, каталонскиот, велшкиот и германскиот во Јужен Тирол (северна Италија) се примери кои често се посочуваат како регионални јазици кои напредувале во последните децении. Сите овие четири јазици се користат во држави каде што националните јазици се мошне силни и воедно единствени официјални јазици на државно ниво. Но засилувањето на нивната позиција е овозможено токму како резултат на долготрајните регионални заложби на малцинствата.

Во националистичката реторика брзо се повлекува знак на равенство меѓу малцинските јазици и сепаратизмот. И тоа токму како потреба да се потхранува помислата: – доколку се попушта во однос на јазичните прашања нема да помине многу време додека не се постават нови барања. Но дали сепак реалноста не е обратна, како во случајот на споменатите јазици. Иако сега Каталонија сè повеќе се наметнува како можен исклучок од таквиот повеќедецениски позитивен развој.

Во Европа е мал бројот на земји кои формално се повеќејазични. Но, под највисокото ниво на официјалниот јазик сепак е присутен мозаик од јазици со најразлични статуси, за кои се очекува поголема поддршка од страна на ЕУ, како политичка така и економска.

Што се однесува до Грција, таа е една од малкуте земји-членки на ЕУ кои не ја имаат потпишано Европската повелба за регионални и малцински јазици. Како што пред извесно време беше забележано во една репортажа на Финската телевизија, позитивните европски искуства во областа на јазичната политика не наишле на плодна почва во Грција, во услови кога, историски гледано, многуте малцинства во Грција, меѓу кои и македонското, не успеале да ги мобилизираат сопствените сили за да се изборат за сопствените јазични права. Токму затоа на хартија Грција е една од етнички најхомогените земји во Европа.

Дури и кога Грција би ја потпишала и ратификувала споменатата Повелба, ЕУ не би можела да бара земјата да ги исполни ветувањата и преземените обврски за промовирање на малцинските јазици. Грција е одамна членка на ЕУ така што останатите 27 земји-членки веќе ја имаат признаено грчката официјална малцинска политика, која Грците упорно и непопустливо ја бранат поаѓајќи исклучиво од сопственото толкување на историските факти.

За сегашните земји-кандидати кои се стремат кон членство во ЕУ приказната е и ќе биде сосема поинаква.

Извор: Плусинфо

Слични содржини

Општество / Европа / Став
Европа / Став
Општество / Европа / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото