Додека градиме нов култ на личноста, мртвите ќе оживеат!

17.11.2017 15:10
Додека градиме нов култ на личноста, мртвите ќе оживеат!

Преглед на неделната колумнистичка доза на Орданоски.


Таен план на Груевски: Мртвите да оживеат!

„Планот им е луѓе да гнијат по притвори и затвори, да не излезат од судници, да одговараат за конструирани работи, судиите да судат без докази како што ќе им се каже, медиумите да го оправдуваат сето тоа. Ќе се уништуваат и оцрнуваат личности, семејства, луѓе, партии и сè што е на патот на оваа марионетска власт.“

Вака говореше Грујо во четвртокот, во Интервју за „Република“.

Вечерта истиот ден, пак, во објектот на Фиат Цановски на Универзитетот ФОН – веднаш преку пат на неговата зграда што Груевски „правно“ му ја дигна во воздух со експлозив – се одржа промоција на книгата „Живот во кутија“ на колегата Томислав Кежаровски за неговите затворски искуства поминати во занданите на минатата власт. Во големата сала имаше стотици присутни од кои половината, на моменти, не можеа да ги скријат солзите заради последиците, доловени од промоторите и раскажани од авторот на книгата, од проектот на Груевски со кој „се уништуваа и оцрнуваа личности, семејства, луѓе“ – патем, личностите, обично, се луѓе – според планот „луѓе да гнијат по притвори и затвори, да не излезат од судници, да одговараат за конструирани работи, судиите да судат без докази како што ќе им се каже, медиумите да го оправдуваат сето тоа“…

17.11.17.


Нов култ на личноста?

Полека, но сигурно, го градиме култот на личноста на премиерот Заев. Тој извонреден политичар кој со својата харизма, со својата лична храброст и со успешно тестираниот карактерен интегритет, но и со својот – што е најважно – вистински политички концепт („Живот за сите!“, „Едно општество!“ и тн.) најсуштински придонесе за драматичната промена на курсот на Македонија од, до пред само година-две, една релативна безизлезност, до сегашните основани очекувања за силно унапредување на либерално-демократскиот и евро-атлантскиот курс на земјата; сега се плашам дека почнуваме да го „трошиме“ во непотребен пропагандистички проект од него да се прави нов „Татко на Нацијата“. Тоа е рецепт за продолжување на авторитарните модели за владеење во Македонија, од кои суштински не се еманципиравме во изминатите триесетина години пост-комунистичка држава.

Да, можеби погаѓате, станува збор за вчерашната пропагандистичка промоција, една евтина рекламерска политичка егзегеза – зборот означува теолошко толкување на Библијата – за тоа што е, наводната, задача на еден македонски премиер: Заев отишол на Државната клиника за гинекологија каде што државата, сопственик на клиниката, преку божествената интервенција лично на Заев, донирала (!?) нови инкубатори за новороденчињата кои, да ве потсетам, ни умираат со статистички количества на вински мушички!

Ова ме потсетува на двокатните кинески автобуси кои Груевски пред неколку години им ги „донираше“ – од НАШИ пари, како и сега, во случајов со инкубаторите – на граѓаните на главниот град! Па промотивно, пропагандистички, тогаш нѐ возеа со услужните „Миле-ми-текна“ и со директорот на ЈСП низ Скопје како мали деца во продавница за локум, плус десетина ТВ камери, за ниту една воодушевена импресија и насмевка да не се пропушти!

16.11.17.

Не дека не, ама што ако не?!

Важноста на разработката на „Планот Б“ во политиката најчесто се покажувало како подеднакво значајно како и работењето врз „Планот А“. Не само затоа што подготвеноста за неуспех на примарниот план е неопходност за да се преживее следниот ден, следната недела и следниот месец по „денот Д“, туку и затоа што, ако се добро промислени, резервните варијанти помагаат да се подобри и самата главна опција во секоја стратегија врз која примарно се работи.

Се разбира, мислам на наглото зголемување на очекувањата за постигнување решение во „спорот со името“ и пробив во нашата евро-атлантска агенда.

Да ве потсетам: после големи перипетии и внатрешно-политички драмски заплети (во кои Груевски до последен момент осцилираше околу сакам-нејќам опциите за разрешување на спорот), на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година заминавме со големи очекувања дека, со така решителната поддршка на тогашниот американски претседател Буш зад нас, нашиот прием во Алијансата беше толку извесен, што речиси беше очекувано на самиот самит да се случи само формалната потврда дека формулата, заткулисно, е најдена, а приемот и официјално верификуван.

15.11.17.

Комесарот Хан, 137-ми пат

Бидејќи премиерот ни е, главно, на пат во странство, сега се гледа колку би било добро да имавме и претседател на државата. Да имавме претседател, ќе преземеше нешто од меѓународните ангажмани на Заев, човекот да може нешто и по дома да развати, некој прав да забрише, некој министер да испердаши. Вака, ќе мора Заев сам да нѐ внесе во ЕУ и НАТО.

Тој зафат на Заев, како што се одвиваат работите, и ќе му успее. Не паметам околу случајот на Македонија да имало толку позитивна меѓународна енергија! Да не е Вучиќ, Русите сами би биле отспротива. Всушност, јас ако се прашувам, Русите сѐ уште можат да ни ја расипат нашата евро-атлантска забава и тоа не со своите постапки во Македонија – туку во Грција.

Малкумина во Скопје се занимаваат со или го разбираат руското влијание кај нашиот јужен сосед, а тоа е многу поголемо и пораспространето отколку кај нас. Почни од Грчката црква, преку традиционалните левичарски идеолошки и други влијанија, до големите руски бизнис интереси и кај грчката десница, па до хистеричните популистички и прото-фашистички еленистички кругови, не знаеш до кои сѐ нивоа и до чии сѐ кабинети и приватни сметки е стигната руската „бургија“. Можам само да замислам колку милијарди руски и пара-руски пари се испрани низ грчкиот бизнис со банкротот!

14.11.17.


Жан Моне на антибиотици

Мојот впечаток е дека Вајгел и Французите кои, веројатно, го спонзорираат овој проект, како да се обидуваат да го рехабилитираат ВМРО-ДПМНЕ што побрзо да се врати на македонската политичка сцена, после „еутаназијата“ што им ја приреди Груевски со своите погубни политики. Французите и инаку, во политичка смисла, во последните години стоеја, дискретно, повеќе зад политиките и партијата на Груевски, отколку зад напорите на Заев; и, некако, со потешко срце – додуша, не баш толку трагично како Австријците и Унгарците! – го доживеаја неговиот политички пад. Што е право, кога ги читам интелигентните изјави и интервјуа на сегашниот француски амбасадор, сега и ним им е потполно јасно дека со политичкиот „жив мртовец“ Грујо е готово. Но, претпоставувам дека проценуваат оти грогираното ВМРО-ДПМНЕ мора што поскоро да застане на нозе.

Тоа не е лоша проценка: Македонија не може да решава важни прашања од евро-атлантската агенда без учество на македонската десница, дури и земајќи ги предвид отворените недемократски, антиалбански и антизападни хистерии што ги разви ДПМНЕ во последните години. Можеби куќата на „Жан Моне“, низ меѓупартиски дијалог, е добро место, со засилена антибиотска терапија, за рехабилитација и ресоцијализација на демократските отпадници (да не кажам злосторници).

Сепак, со Французите треба внимателно: тие на Балканот си ги имаат своите „традиционални“ сојузници, Србија и Грција, државите кои на нас, од распадот на Југославија, гледаат како на понтонски мост преку мирна река на кој некој, преку ноќ, им турил рампа!

13.11.17.

Слики: Свирачиња
Извор: Цивил
http://civilmedia.mk