Асоцијации

21.11.2017 13:21

Асоцијации.
Живеам во светот на неуморните асоцијации.
На асоцијации небаре се асонанции.
Ми се присака село.
Копнеж по тишина. Од молк.
Ритмичка игра на светлините врз водниот сјај.
Свиреж на ритамот. Оргула на природата, подвижна стихија,
вертикално-хоризонтален блесок на брановидната свила на реката.
Заледена облека. Небаре е стакло.
Тенките бои на чашите – и одненадеж асоцијации.
Од утробата на градот се раѓа мракот.
Столбови, издолжени свеќи со запалени фитили.
Над нив дрво. Поинаков план на споредби.
Асонанции.
Сѐ што заемно си даруваме може да се позајми.
Пало Бохус.
Заледени контакти.
Гледам брези во пламен. Со своите бели тела горат во шумскиот мрак.
Сплотени во дебела кожа. Во мојата сопствена скукалена кожа како нож во ножница. Утринско будење. Утрински град. Кој тоа легнал врз твојата кошула?
Ноќен сон. Неколку монети и еден златник е вжештеното сонце.
Господар на светлоносните. Ха, ха, ха!
Асоцијации. Специјалитет од соја.
Се радуваш што автобусот е празен. Ни брчките на четириесеттите
не ти се гледаат под очите, кругови на разочарувањата.
Се радуваш што автобусот е преполн. Имаш чувство дека некогаш
сме се заколнале на верност.
Асоцијации.
Оддалечени статуи. Сепак ќе ја дозавршиме палатата. Во неа е варосана твојата душа. Која? Маѓепсаната. Срамот. Ќерката на недовербата.
Ќерка на Словени.
Еднаш гениј, другпат лудак. Еднаш комунист, другпат дисидент.
Секако, асоцијации.
Енума Елиш. Земјата чмае во тенџере со ладна вода. Од неа полетува гулаб
браздејќи го статичниот круг. Крилјата му висат. Вонполарни.
Утринска атмосфера. Градот изутрина. Ги вшмукува маглите, на радост на другите.
Летно дишење. Ноќни слики во очите на минувачите.
Самотни дождови. Препродавачи на булеварот. Модели на древни бродови.
Во грнчарската печка – тишина.
Горат ноќните виденија.
Изгубени во времето. Од каде дојде? Кој си, всушност, ти? Каде одиш? Градина.
Палми провлечени во цреши. Црешите распукуваат на сончевината.
На дното од браната останале годините.
Господинот Б. полуден од... на пра-дното од совеста под раната крие трендафили.
Во посета одиш и дома.
Кој ли ќе дојде на вечера. Човек со име на река.
Асоцијации...
Да основаме трговска фирма. Ќе промислуваме.
Ќе промислуваме? Асоцијации. Скара со цигари Малборо.
Човекот стигнува. Жените се опасни.
Порано живеевме во пештери. Му се радувавме на сонцето.
Направи што можеш. Истражувај ги асоцијациите.
Над сѐ има сина вода, ако е доволно длабока и ако над неа блеска светлината.
Некаде некој умира. Неговата радост во тебе ќе преживее.

Превод: Лидија Димковска

Дагмар Марија Анока е романско-словачка поетеса, родена во 1951 год. во Надлак, Романија, во семејство на Романец и Словачка. Дипломирала романски јазик и книжевност како и словачки јазик и книжевност  на Универзитетот во Букурешт каде што и докторирала и веќе неколку децении предава словачки јазик и книжевност. Пишува на словачки и романски јазик. Авторка е на повеќе збирки поезија, проза, литература за деца, книжевна критика и есеистика,  научни трудови и учебници. За своето дело е повеќепати наградувана во Романија и Словачка. На полето на литературата Дагмар Марија Анока е најдобриот претставник на словачкото малцинство од Романија.  

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото