Како случките со злоупотреба, насилство и соучество излегоа на површина и како размислуваме за виновниците во нашите животи? (2)

30.11.2017 05:34
Како случките со злоупотреба, насилство и соучество излегоа на површина и како размислуваме за виновниците во нашите животи? (2)

Кога размислувам за моите #metoo моменти, најпрво се сеќавам на менаџерот во еден ресторан во кој работев, кој ми наложи да ја носам блузата откопчана додека служам пица со пржени јајца; се сеќавам на менаџерот во Bruegger’s Bagels кој секое утро додека ги редев тортите во излогот поминувајќи зад мене го триеше својот кур од мојот задник. Никогаш немав работа во која немаше задолжен мачител, но во годините пo студирањето верувам дека успеав да останам надвор од неговиот видик.

Можеби, во приказната која си ја кажував тоа беше така бидејќи никогаш не бев фасцинирана од моќни мажи, интуитивно чувствувајќидека тие генерално се полни со гомна. Претпочитав женски ментори. Но, и покрај мојата претпазливост кон „значајните“ мажи, како млада жена никогаш не можев целосно да верувам дека некои членови на спротивниот пол можат да бидат толку карикатурално гротескни како што често знаеја да бидат.

Еднаш слушнав дека кога човек ќе се засркне рефлексно ја напушта собата, засрамен од тоа другите да ја видат неговата борба за здив. Немам поим дали е тоа точно, но така јас се справував со насилствата и вознемирувањата. Еднаш додека се возев во трамвај, човекот кој седеше до мене ја стави својата рака на моите бедра, меѓу нозете; седев така размислувајќи дали да станам или да врескам зашто не сакав да го засрамам во полн воз. Затоа, кога еден познат писател ме повика на кафе, нудејќи ми помош околу барањето работа и ме праша дали некогаш сум фантазирала за секс со женет маж, јас едноставно се насмеав манијакално, како тој да направи шега за 65-годишен маж кој ѝ предлага на 25-годишна девојка да има секс со него за време на професионална средба.

На едно од моите први и значајни за понатамошната кариера работни места, имаше професионален манијак: високо во синџирот на исхрана, директен, тип кој ја залепи раката под фустанот на колешка за време на Божиќната забава, кој им предлагаше, а понекогаш и спиеше со жени кои работеа на пониски позиции, кој можеше да биде одмаздољубив ако беше одбиен и кој правеше мизогини шеги, вклучувајќи и праќање провокативни мејлови од името на други вработени. Една од жртвите беше жена повозрасна од мене: талентирана, гламурозна и дефинитивно против ваквите вознемирувања. Неодамна ми укажа, потсетувајќи ме, дека таа првично поверувала оти може да помине преку тоа, но наместо тоа била затечена од нејзината збунетост и понижувањето кое го почувствувала зашто била третирана како будала, како девојка. Си даде отказ речиси по една година во фирмата. Се сеќавам дека гледав на однесувањето кон неа згрозена, речиси не верувајќи дека нешто толку страшно може да се случува; исто така се сеќавам дека не сакав многу да се зближам со неа, како нејзината позиција на жртва да беше заразна. Се сеќавам и дека ги слушав главните во компанијата како велат дека биле свесни за тоа дека имаме „темпирана бомба во облик на тужба“ во нашата средина. Уште тогаш ми текна дека големата загриженост беше за институцијата, не за жените кои работеа во неа.

Овој вознемирувач не ме малтретираше сексуално, но се обиде да ми наштети. Кога започнав да излегувам со еден малку повозрасен колега, мојот претпоставен (женет маж кон кого имав голема и никогаш остварена симпатија, делумно зашто беше безбедно; тој ми беше модел) доверливо ми кажа дека некои луѓе од фирмата – т.е. Вознемирувачот - шират гласини за тоа како сите мои работни идеи ги добивам на послужавник, од моето момче. Накратко, дека се обидувам да стигнам до врвот преку секс.

Пред неколку години работев друга работа. Добив нов шеф кој сакаше да го вработи Вознемирувачот од моето претходно работно место; му реков дека нема да работам во иста канцеларија со тој човек. Бев на породилно; тој ми вети дека вработувањето ќе биде привремено, дека Вознемирувачот ќе замине додека се вратам. И беше заминат. Но, набрзо откако се вратив на работа, младите жени во канцеларијата почна да доаѓаат кај мене, жалејќи се дека во неколкуте месеци додека Вознемирувачот бил на позиција, секојдневно ги меркал и среде ноќ им праќал вознемирувачки пораки. Јас се заштитив себе си – Нема да работам со тој маж! – но, не ги заштитив моите помалку моќни колешки.

Па, не, самата никогаш не бев сексуално вознемирена. Но, сепак, проблемот ме засегна. Бев вмешана. Сите ние сме засегнати, нашите професионални придонеси се мерат на скалата на „ебозовност“ и подготвеност да не се противиме, да бидеме „тимски“ играчи, да не сме без смисла за хумор, намќори или канцелариски горгони; нашите достигнувања зависат од врската со машката организација, поставеност на работите - момчето кое наводно ни помага давајќи ни идеи или менаџерот кој нè зема под своја закрила само за да ни се пикне во гаќите. Можеме да го одбиеме Вознемирувачот; можеме да не спиеме со шефот. Но, во свет во кој мажите имаат неверојатна моќ, ние сè уште сме во кревет со машко.

Тука постои уште една сфера на лутина, што произлегува од фактот дека долго избегнуваната прилика да се раскажат овие одвратни вистини е изградена врз неколку видови привилегии. Како што забележаа и другите, важно е дека повеќето јавни жалби досега дојдоа од релативно богати бели жени со елитни професии, жени кои доволно долго соработувале со моќни бели мажи за да бидат достапни за малтретирање. Расизмот и класната дискриминација одредуваат чии приказни се објавуваат и на кои жени е лесно да им се верува.

Оваа реалност замаглува дел од задоволството што го чувствуваме кога гледаме дека монструозните луѓе го губат своето влијание; знаеме дека тоа е само капка во бездната. „Можеби можеме да натераме уште двајца ужасни луѓе да се повлечат или да се извинат“, ми рече еден демократски пратеник, „но тоа им помага само на 20 луѓе, а има 20 милиони луѓе кои треба да се променат. Плус, ти си земјоделец? Чистачка? Ти си проститутка или имигрант? Нема да ја раскажеш својата приказна.“

Моја роднина предаваше превенција од сексуално вознемирување во национален малопродажен ланец веќе девет години, и забележа дека не се само луѓето од медиумите и шоу бизнисот гласни кога се во прашање овие проблеми, туку и многу фриленсери, независни професионалци со повеќе можности за вработување. Прашањето што таа го добива повеќе од кое било друго, вели таа, е: „Што ќе ми се случи ако зборувам? Бидејќи на мојата последна работа ништо не се случи, бев дури и на некој начин казнета.- Дури и ако им кажам дека ова место е поинакво и тие треба да се чувствуваат безбедно во поднесувањето жалби, не мислам дека ми веруваа.“

Хедер МекЛафлин, професорка по социологија на Државниот универзитет во Оклахома, неодамна зборуваше во интервју за „Marketplace“, за нејзините истражувања кои покажуваат дека околу половина од жените во доцните 20-ти години кои доживеале малтретирање почнале да бараат нова работа во рок од две години од инцидентот. За оние кои претрпеле посериозно вознемирување, бројката е околу 80 проценти - и многу од нив се согласуваат целосно да ги напуштат избраните професии: да почнат одново, често во сфера помалку доминирана од мажи, што секако води до помалку платени професии.

Ина Хауард-Паркер, поранешна уредничка која ми кажа дека била малтретирана во неколку прогресивни издавачки куќи, го сторила токму тоа. „На крајот одлучив дека повеќе би сакал да работам на Trader Joe, каде што има барем оддел за човечки ресурси и правила за ангажирање на работа.“ Таа сега реновира куќи во руралните делови на Пенсилванија.

Можеби најштетен е сегашниот модел на ангажирање, наградување и заштита на мажите дури и откако нивните престапи излегуваат во јавноста. Тоа е историјата, дури и поновата историја на Америка. Како што забележа Џон Оливер, актерот Кејси Афлек - обвинет од две жени за сексуално вознемирување за време на снимањето (обвиненија што тој ги негира) - ќе добие наградата за најдобар актер на следните Оскари. Бил Козби доби награди за животно дело иако беа објавени многу жалби за сексуални напади против него. Извештаите сугерираат дека членови на SEIU формално се жалеле на Fight за 15-те архитекти и претпоставениот Скот Кортни со години, но дури сега тој е тргнат од позицијата, заедно со група соработници кои работеле за него.

Кон крајот на октомври, додека пишував колумни и твитнав за овој бран приказни, открив дека еден машки колега беше ангажиран овде во Њујорк и покрај документираните тврдења против него за сексуално вознемирување на претходната работа. Јас сум лута не само зашто Њујорк сметаше дека е соодветно да го вработи. Туку и поради невозможноста на ситуацијата сега: Дали човекот (кој никому не му е претпоставен) да се отпушти, иако никој во Њујорк не се пожалил на него? Сепак, најмногу сум лута бидејќи воопшто беше избран пред најмалку две талентирани жени кои исто така беа во трката.

Прогресивниот новинар Мет Таиби неодамна објави долго извинување/објаснување во кое очајуваше дека јавното преиспитување на делото што го објавил и кое го прослави (конкретно, книгата за Русија за која тој сега вели дека е сатирична и вклучува извештаи за туркање на жените под маса за орален секс, и кажување на истите да олабават кога ќе се спротивстават) се совпаѓа со објавувањето на неговата книга за смртта на Ерик Гарнер. Тоа е важна книга за него на која работи 30 години, пишува тој. Читајќи го ова, не можев да не мислам на сите жени кои сакаа да бидат писателки веќе 30 години, кои копнееја да го направат светот подобро место со раскажување приказни за неправдата, но кои немаа можност бидејќи новинарскиот простор беше окупиран од мажи како Таиби: типови кои во голема мера ги стекнале своите професионални позиции преку објективизирање на жените – и не само во големата, лоша Русија. Земете го за пример делото кое Таиби го напиша во 2009 година за жените на спортистите. „Проблемот со Smoking-Hot Skank како траен избор на живот“, вели тој, „е дека на крајот сепак нејзе ѝ здосадува и почнува да ги вика новинарите за да ги споделат своите многу важни политички ставови“. Таиби можеби се почувствува деморализиран, бидејќи смешниот мизогинистички стил на неговата младешка кариера сега се меша со неговата сериозна работа, но многу жени никогаш дури и не напреднале во кариерата бидејќи мажите во нивното професионално опкружување ги сметале само за жешки парчиња, за кои тврдењето дека имаат нешто во главата не е ништо повеќе од обична фраза.

Мажите главно не успеваат поради нивното непријатно однесување или непочитување на жените; но, во многу случаи успехот им доаѓа баш поради тоа. Им намигнувале и биле тупкани по грб - нивниот ретро-мачоизам бил поздравен како смешен или опасен - на истите места кои сега драматично ги отфрлаат. „Неверојатната хипокризија на одборите, работодавачите, институциите, публицистите, браќата, пријателите кои со години ги штителе моќните мажи / малтретирачите / силувачите, кои сега конечно ги отфрлаат“, вели еден од моите колеги во Њујорк, нервозен и депресивен. „Што се смени? Секако не ставот за ваквото однесување, така? Само нивниот личен интерес. Од една страна, јас сум толку среќен што конечно виновниците се соочуваат со последици, но има нешто толку кукавичко и бегло морализирачко во етикетирањето на поединци извлечени од средина во која од истите луѓе беа предадени и заштитени.“

Друга жена, која работи во политиката, мрачно забележува: „Секако, добрите либерали ќе одат на нивните семинари за сексуално вознемирување и ќе направат сѐ што треба да се направи. Но, во крајна линија, ова е момент – спаси си го газот, а не момент – промени ги правилата.“

Како што плачливата тревога за жените излегува од устата на мажи, за кои знаеме преку искуството или веродостојните гласини дека и самите се виновници, лесно е да се почувствувате изнемоштени и загрижени: Еден ден, моите пријатели и јас дознаваме дека еден човек кој беше гласен противник на вознемирувањето поврзано со родовата нееднаквост, исто така ја залепил раката врз здолништето на колешка кога бил нејзин шеф. „Се чувствував како Алисон Вилијамс со клучевите во ‘Излези’, вели мојата пријател Ирин Кармон. „Не верувај никому.“

А сепак, ние сме сè уште заштитници на некое ниво. И покрај „ловот на вештерки“ и задоволството од гледање конечно како неколку мажи се казнети на каков било начин за нивните погрешни дела, повеќето жени за кои знам се чувствуваат раскинати и за несигурната иднина и за опсервираната реалност на овие луѓе, кои ги губат своите работни места. Размислуваме за нивните чувства и за нивните семејства, се разбира дека откривањето на нивните злодела може да ги чини идно вработување, па дури и да предизвика да се повредат. Но, има и нешто друго што сега сме принудени да го забележиме: како сè уште сме условени да се грижиме за мажите, но на некој начин да не си го дозволиме истото сочувство за жените - нивните семејства, нивните чувства, нивните идни перспективи - дури и во пресметката дека ова треба да биде за нив, за нас.

Вистината е дека ризикот од изложеност што нè тера да се чувствуваме вознемирени за благосостојбата на нашите машки пријатели и колеги - ризикот да бидат именувани и никогаш да не се опорават - е една од единствените работи што некогаш би можеле да направат промени. Бидејќи без вистински, реални казни за прекршоците, без генерации мажи кои се плашат дека ако ја злоупотребат својата моќ, ако ги третираат жените лошо, ќе бидат без работа, засрамени, нивните семејства уништени - без таа вистинска, застрашувачка, опасна можност: Ништо. Нема. Да се промени. Компаниите едноставно ќе почнат да инвестираат повеќе во осигурувања за сексуално вознемирување (вистинска работа!) и да направат ставка во буџетот, а ние ќе се вратиме на зборување за тоа како мажите се само мажи.

Жените со кои разговарам прогнозираат дека дури и мажите кои претрпеле најстроги последици наскоро ќе бидат рехабилитирани: дека 18 месеци отсега еден амбициозен уредник на „Њујорк тајмс“ ќе му додели на Леон Визелтир есеј на тема - политиката на идентитетот, презентирајќи го како неинтуитивен, знаејќи дека ќе добие безброј кликања; некој за една деценија отсега ќе побара од 82-годишниот Џејмс Тобак да да создаде уметнички реалистичен филм за сексуален напад, и тоа ќе биде обожувано од страна на некои истакнати личности како модерно и храбро.

Тоа е така зашто овој свет е поставен во корист на мажите, да, на начин кој е толку широко разбран како досаден, невидлив, само живот. Но, многу подлабоко, ова е така бидејќи кај мажите можеме да видиме - дури и кај лошите - талент. Успеваме да погледнеме преку нивните недостатоци и сексуалните насилства за сметка на она што му го даваат на светот. Тоа е сосема спротивно, на многу начини, од она како ги гледаме жените, чии успеси сè уште радо ќе се препишат на фактот дека шефот сака да ги легне.

„Многу се борев околу тоа дали да го именувам Вознемирувачот на мојата поранешна работа. Решив да не го правам тоа, во голема мера зашто дознав како работите се одвиваа. Како голема реткост, јас - заедно со некои од жените што ги вознемирувал - сега имаме поголема моќ отколку тој. Тој е, колку што знам, речиси без работа, не им е претпоставен на млади жени. И така решив, во консултација со поранешните колешки, да не го идентификувам.

Но, клучната причина е што тој толку долго се однесуваше безобразно и лошо: тој никогаш не помисли дека жените што ги мачеше, а уште помалку младата жена која во тишина, згрозена го сведочеше неговото однесување (тоа би била јас), можеби еден ден ќе има поголема моќ од него. Тој не размислуваше за тоа, бидејќи едноставно тој не мисли на нас како на еднакви со него.“

Тоа ме прави лута, исто така.

Излегувањето на сето ова на површина е несомнено возбудливо. Моќта, до одреден степен, произлегува од фактот дека е таа речиси застрашувачки надвор од контрола. Сè е можно, добро или лошо. И да, постои задоволство во фактот што помина повеќе од еден месец откако живееме во последните десет минути од филмот на Најт Шамалан, каде големиот пресврт е дека жените ја кажуваат вистината цело време.

Сепак, можете да почувствувате како се крчка неволја. Сè што е потребно е едно неверојатно глупаво тврдење - и со оглед на зголемената расипаност на обвиненијата, млаките работи изгледаат сè поглупави и поглупаво, без оглед колку е страшно искуството – да се тргнат жените од центарот на вниманието, за сметка на кутрите, малтретирани мажи. Или едно лажно обвинение може да го стори тоа. Еден човек неправедно отпуштен поради погрешно толкувана средба во лифтот би можел да ги трансформира сите жени во насилни предатори, а мажите во наши несреќни жртви.

Мајк Барникл на МСНБЦ, кој еднаш е вратен на власт по скандалот со плагијат, јавно ја оплакуваше неправдата направена врз неговиот пријател и поранешен колега Марк Халперин, кој доби со отказ по обвиненијата за сексуално вознемирување на подредените колешки: „Го заслужи тоа што си го доби“, изјави Барникл. „Но, дали заслужува да умре? Колку пати можеш да убиеш човек? “

Загубата на работата за моќен бел маж е смрт, и немојте да се изненадите ако жените на крај бидат казнети за серијата убиства.

Многу мажи ќе ја научат лекцијата до крајот на 2017 година, наместо тие да се чувствуваат како закана, ќе ги чувствуваат жените како закана. Така ќе има повеќе - можеби несвесно - двоумење за вработување жени, помала шанса тие да бидат поканети на деловен ручек или да бидат испратени на работно патување со мажи; ќе се плашат да им бидат ментори на жените.

Единственото вистинско решение можеби е она што е најтешко да се замисли: ЕДНАКВОСТ. Како што вели Кристен Гвајн, која работеше за и со повеќе Вознемирувачи: „Она што ме мачи е тоа што овој момент, колку што е добар, го поттикнува прашањето: Што добиваат жените од ова? Изгубив време. Тоа влијаеше на мојата самодоверба и способност да творам, да работам. Па дури и ако луѓето кои ми наштетија се казнети, сè уште чувствувам дека заслужувам некој вид компензација. Не сакам да објават јавно извинување - сакам да ми испратат чек. Би сакала да ги превртиме канцелариите на овие луѓе, да ги избркаме надвор и да ги смениме бравите. Треба да бараме нешто различно од мажите што нема да биде само одење на рехабилитација. Ставете ги жените на власт. “

Преземајќи ризик да звучам како некоја што гледа позитивно на сè, почувствував трошка надеж на фронтот по неодамнешните избори. За прв пат, по 12 долги, тешки месеци, се чинеше дека жените можеби се на работ на значително зголемување на нивниот број во политиката. Како резултат на тоа, завиено во приказна излезе: Женскиот гнев – кон Трамп, комбиниран со немоќ - беше претворен во земање учество во изборите. Транс-жената се покажа помоќна од белиот машки пратеник кој напиша закон за поделба на тоалетите; белиот човек кој го навреди Маршот на Жените во јануари изгуби на избирачките места благодарение на „обоената“ жена која беше изнервирана од неговото непочитување. Ова не беше само одмазда; тоа беше замена.

Добив порака од стара пријателка, жена која работеше на кампањата на Хилари Клинтон, и која беше тука до мене во шокантната ноќ една година претходно. Рече дека плачела гледајќи ги најновите резултати. „Можеби проблемот е во нас“, ми пиша.

(крај)

 

Кон првиот дел

 

Извор: The Cut
Слики: Lise Hanawalt
Превод: Марија Бошковска

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Свет
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото