Фондацијата „Славко Јаневски“ подготви план за дејство на поширок културолошки план

06.12.2017 11:37
Фондацијата „Славко Јаневски“ подготви план за дејство на поширок културолошки план

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ е формирана во ноември 2017 година од страна на повеќе искусни новинари и уредници во некогашниот „Утрински весник“ (Бранко Тричковски, Ерол Ризаов, Манчо Митевски, Љупчо Поповски, Ѕвездан Георгиевски и Катерина Богоева). Претседател на Управниот одбор на Фондацијата е Јана Јаневска Терзиоска, ќерка на Славко Јаневски.

Работата на Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе се базира на неколку пункта, а пред сѐ, Фондацијата ќе ја продолжи традицијата на доделување на наградата „Роман на годината“ што ја доделуваше сега веќе згаснатиот „Утрински весник“. Станува збор за една од најрелевантните литературни награди кај нас, која, сведоци сме, придонесе многу за расцутот и новата пролет на македонската романсиерска продукција.

Со оглед на фактот дека со згаснувањето на „Утрински весник“ постоеше реална опасност и оваа награда за згасне, Фондацијата што го носи името на авторот на првиот македонски роман, сметаше дека е неопходно да се продолжи оваа, според нас, вредна традиција и затоа ја презедовме обврската да го сочуваме континуитетот на признанието.

Посебно внимание ќе биде посветено на творештвото на Славко Јаневски, автор на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“. Овој роман, освен како историски факт, практично е непознат за македонската научна, но и поширока јавност. Имено, тој е објавен во 1952 година и од тогаш не е преобјавен. Самиот Јаневски, извесно време по објавувањето, практично се откажува од авторството на романот, објавувајќи ја неговата преработена верзија во 1965 година, под наслов „Стебла“. Образложението на авторот е дека по објавувањето на романот, тој созреал во своето сфаќање на романсиерската литература. Во таа смисла, „Село зад седумте јасени“ повеќе не ги задоволувал неговите естетски и занаетчиски критериуми, па затоа го преработил.

Меѓутоа, токму повлекувањето на романот и неможноста тој да се најде на книжевниот пазар во целиот овој повеќедецениски период овозможи околу него да се појават низа шпекулации, лаги и полувистини, а овие теории на заговор се засилија во периодот на срамната лустрација на авторот. Затоа Фондацијата реши да го преобјави овој роман во едно капитално дело, каде што во една книга би се нашле двете верзии – „Село зад седумте јасени“ и „Стебла“ што би овозможило, првин увид во разликите меѓу романите и компаративно согледување на решението на авторот и, второ, би го спасило македонскиот прв роман од заборав.

Меѓутоа, Славко Јаневски е сестран уметник. Тој е сликар, карикатурист, стрип-автор, режисер, сценарист... Во оставината на Јаневски пронајдовме едно негово сосема непознато сценарио за долгометражен игран филм – „Деветиот задгробник“. Станува збор за мошне интересно четиво, всушност за научно-фантастичен хорор, што е жанровска реткост во нашето сценаристичко творештво. Во таа смисла Фондацијата ќе го објави сценариото на Јаневски во книга, заедно со уште две други негови познати сценарија: „Македонскиот дел од пеколот“ и „Јазол“.

Фондацијата предвидува и објавување на еден годишник под наслов „Архив Јаневски“, каде што ќе се објавуваат сите артефакти врзани за животот и делото на Јаневски: фотографии, интервјуа, предмети, автографи, посвети, цртежи, ракописи... На овој начин сакаме да го приближиме творечкиот процес на уметникот до читателот, да ги сочуваме артефактите од заборав и да дадеме значаен прилог во проучувањето и толкувањето на неговиот опус.

Една од суштинските цели на Фондацијата е поддршката на младите автори. Во согласност со финансиските средства ќе направиме работилници за креативно пишување, како и работилници за негување на критичка мисла. Во план е објавување на своевидни уреднички зборници, каде што ќе се појавуваат млади автори, кои под менторство на искусен уредник ќе пишуваат раскази на зададени теми и зададени жанрови.

Покрај алманахот „Архив Јаневски“, Фондацијата ќе издава периодично списание за културни и општествени прашања „Дебата“, кое ќе треба да ги собере најеминантните автори во регионот на одредени теми. Списанието во секој број ќе има свој темат. За пример ќе наведеме неколку теми: „Култура на сеќавањето“, „Јазикот и идентитетот“, „Култура на владеење“, „Историското наспроти историјата“ итн.

Фондацијата ќе биде организатор и коорганизатор на повеќе панел-дискусии, дебати, изложби, мини и камерни концерти, промоции и други активности во зависност од потребите.

Фондацијата за унапредување и промоција на културни вредности „Славко Јаневски“, како непрофитна организација, главно ќе се финансира од донации. Сите донатори влегуваат во Клубот на пријатели на Фондацијата. Фондацијата ќе го истакнува придонесот на донаторите во сите можни прилики, ставајќи го нивното лого на својот вебсајт и на сите јавни настани што таа ќе ги организира.

 

ОкоБоли главаВицФото